Панчев Три во Еден

Уште на почетокот разбрав дека сум пред нешто посебно. Карпата е полегната и дава можност често да ја користиш за триење, но близината на работ и карактеристиката на фаќалиштата кои често се и отворени, не ја прави таа можност многу примамлива. Гравитацијата си го прави своето и …

Верувам дека сите кои беа вклучени во фестивалот ЕХО, и сите оние кои беа присутни на дел или на сите оние инспиративни приказни прикажани преку сликите кои се движат успеаа да се пренесат за миг во големите авантури, и да ја замислат својата.

Последниот ден на ЕХО се сретнав со Дино и Мики, со кои една недела пред тоа се видовме на Алпинистичка Балканијада во Демир Капија, и се присетивме дека одамна не сме качувале заедно. Така им предложив да одиме на Трло, тие и двајцата се по активни како спортски качувачи, иако и ним не им недостига желбата за авантурите на алпинизмот.

Решен проблем барем за еден ден од викендот, се смирив, продолжив со секојдневието, и потајно размислував за насоката „Жена ми не ме пушта”, која неколку викенди порано сериозно ме измачи. И така смирен и во исчекување на престојната викенд авантура, во петокот ми зазвони телефонот. Бројот непознат, но гласот, интонацијата, извонредниот на моменти архаичен Охридски говор….и те како познат. Ми се јави Ангел Куртелов, со кого пред една недела поминавме одлично на Демир Капија. И ми вели, Зарапчиев не може, ми рече дека можеби ти си заинтересиран…да одиме на Панчев утре?

Па да, ајде, се слушнав како одговарам. И готово, толку од Трло, сè уште не знам дали „Жена ми ме пушта”, одиме на Панчев, насоката која никогаш не сум ја качувал а многупати сум посакувал. Имав договарања еден куп, но поради описите, туѓите искуства, за мене таа насока беше и обременета со туѓ багаж. И цело време мислев дека не сум спремен, дека треба да почекам, дека треба….понекогаш треба да појдеш и да видиш до каде ќе стигнеш.

Да не се разбереме погрешно, треба и искуство, и ниво на подготвеност и респект кон било која активност, посебно на карпа.

Дојдовме под насоката, и застанавме пред првиот цуг. Сите што сум ги прашал за насоката, сите до еден ми кажале дека првиот цуг е нешто посебно. Неприродни движења, непознато досега местење на телото, дилферски потфати и мали или никакви стојалишта за нозете. Стоејќи доле не ни знаеш што те очекува.Карпата изгледа раскршена, дури разбушавена, гледаш многу потенцијални фаќалишта и самата линија дури изгледа прегледно и воочливо.

Ангел се намести, сонцето ја разби маглата, стана пријатно топло…и појде. Уште на почетокот разбрав дека сум пред нешто посебно. Карпата е полегната и дава можност често да ја користиш за триење, но близината на работ и карактеристиката на фаќалиштата кои често се и отворени, не ја прави таа можност многу примамлива. Гравитацијата си го рпави своето, и често натежнуваш кон работ. Првата должина на Панчев не е како ништо што сум качувал до сега, бараше доста сила, но и многу пресметани движења и баланс. Левата рака често бара фаќалишта на лево, колку да се смириш и станеш стабилен, но во најголем дел од должината фаќалишта таму нема. Како и да е, после час и поволина од кога влеговме во насоката Панчев, се сретнавме на првото сидриште, кое е поставено на една широка полица.

Иако ме измачи, првата должина на Панчев ме подготви за сè што следеше. Втората должина почнува со мало движење во лево, и преку раб продолжуваш нагоре. Убави движења, многу повеќе фаќалишта и….фала Богу стојалишта. Должината полека оди на десно, каде можеби и беше најтешкиот детал, на околу десетина метри премин во десно. Потоа полегната карпа на десно те носи под еден превис. Превисот се заобиколува, но тука движењата се одлички. Фаќалиштата се големи, и потоа истите стануваат стојалишта. Тука движењата бараат малку повеќе сила и издржливост, за да се направат во континуитет. После две три движења, пристигнав до сидриштето, кое е многу удобно, иако е мало. Го почекав Ангел, кој сеуште беше изморен од првиот цуг. Чекајќи го, ја разгледував третата должина, кај која веднаш ме заинтригира почетокот, една широка пукнатина на лево.

Знаев дека тој треба да продолжи, но сепак ме интересираше што следно сокриле тука карпите на Матка. Ангел пристигна, сè уште изморен, и веднаш решивме да продолжам јас. Искрено, веќе бев раскачуван и физички немав проблем да продолжам, и започнав махинално. После едно до две движења почувствував дека уживам во качувањето, и му благодарам на Ангел дека беше малку уморен. Должината започнува со една голема пукнатина која е поставена во жлеб. Во пукнатината фаќалиштата се одлични, а истовремено може и да заглавите и рака и нога. Од неа се излегува после 5-6 метри, и продолжувате преку плочест дел и неколку движења на раб.

Должината е одлична, се менува и на моменти потсетува и на првата должина, но овојпат движењата се решливи. После неколку детали во плочестиот дел се излегува на полегната карпа и повеќе земја и трева, тука има и неколку разлабавени камења. Сидриштето е директно над вас, поставено во жлеб и дава одличен поглед на последната должина. Ангел пристигна, а јас потајно се надевав дека самиот ќе предложи јас да ја завршам насоката. Му нафрлив, и ми рече да, секако заврши ја. Веќе стануваше доцна, и помалку студено, така да веднаш ми предаде опрема и тргнав нагоре. Последната должина ми беше претставувана како најлесната должина, иако јас такво нешто не почувствував.

Линијата е видлива, но варијатните за поминување очигледно се повеќе. Јас се движев по раб, и неретко во расчекор со една нога на некое од стојалиштата во десниот жлеб. Бара на моменти дилферско местење, но фаќалиштата на работ се одлични. Стигнав до видливот превис, кој не знаев дека треба да го поминам од лево, и се наместив директно под него. Наеднаш не ми беше толку забавно како во останатиот дел од должината, разбрав дека сериозно грешам и по мала консултација со Ангел, преминав лево и преку работ. Фаќалиштата се големи, движењата бараат концентрација и сила, но брзо се излегува. Потоа следи движење по работ до излезот од насоките на Матка. Ангел пристигна токму навреме кога започна да се смрачува, и побрзавме накај Шишевски.

Тоа што сега го мислам, после поминати четири и пол часа качувајќи во Панчев, сè уште не ми е јасно како се качува првата должина. Одејќи нагоре си мислев секоја чест на првите искачувачи. Линијата на насоката се менува цело време, од првиот раб, жлеб, превиси, повторно раб, плоча….извонредно комплексна и захтевна насока, но е едно неверојатно комплетно качувачко искуство што не би требало да се пропушти. Многу сигурна насока, голем број на точки на осигурување, кои не недостасуваат како во тешките така и во по-лесните делови.

Текст на Методи Чилиманов