Одличен прогрес на македонските болдерџии

Изминатиот викенд на повеќе болдеринг активности во Прилеп неколкумина млади и одлични македонски качувачи поставија супер резултати на болдеринг. Трета 8а оцена за Марио Минчевски, Виктор Трповски е најмладиот Македонец со 7c, a Маја Петровска реши повеќе 6c проблеми.

Во текот на викендот, покрај качувачката средба на Кадина Пештера која беше организирана со цел собирање на донации за Горазд Николоски-Гого, на неколку локации во Прилеп беше качувано болдер од неколку наши и странски екипи. 

На болдеринг секторот кој се наоѓа под манастирот Трескавец во текот на двата дена беше организирано качување и решавање на повеќе болдеринг проблеми каде Марио Минчевски СКК Вертикал – Битола успеа да ја качи неговата трета 8а оцена. 

Инаку Марио е првиот (и засега единствен) македонски качувач со ваква болдеринг оцена (тежински болдер оцените одат до 8c) и со тоа да покаже дека се наоѓа во одлична форма. Во разговор со него тој ни појасни нешто повеќе за неговиот прогрес во последната година. 

„Откако ја качив првата 8а оценка, „Голема Сметка” кон средината на Март оваа година, имав повреда на лигамент на средниот прст од десната рака. Тоа ми попречи во тренинзите преку летото и малку паднав од форма. Веќе во септември бев во можност повторно да тренирам солидно и се вратив на старата тренинг шема – два пати во денот, три до четири пати во неделата.” 

„Потребно беше некој подолг период за да се вратам во колосек за качување на потешки болдери но успеав кон крајот на октомври да ја качам мојата втора 8а оцена – „Питу Гули”. Оваа недела на почетокот од декември ја качив и третата 8а – „Терормер” поставена од австриски качувачи во Прилеп.” – вели Марио Минчевски.

Виктор Трповски од СКК Екстрем, пак, успеа да стане најмладиот македонски качувач со болдер оцена 7c на насоката „Шитсторм” под Трескавец. Маја Петровска од СКК Екстрем исто така направи неколку солидни качувања на повеќе 6c насоки. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија