Наслов

Неколку совети за скијачи почетници

Ако отсекогаш сте сакале да започнете со еден од најубавите спортови кои постојат, тогаш можеби токму сезонава е време. Потребно е да го сакате снегот, брзината и добро да се забавувате. Прочитајте некои основни совети наменети за почетниците во скијањето.

Облека 

Една од најважните работи за практикување на овој спорт е поседувањето на правилна опрема. Во овој дел не сакате да импровизирате бидејќи нема ништо позезнато од носење на несоодветна облека од која ќе се смрзнете, наместо да уживате на стазата. Секогаш изберете топли и водонепропусливи јакна и патнотлони, соодветни ракавици, кацига и наочари. 

Под јакната најдобро е да сте облечени во потенки слоеви на облека (слично како за планинарење) која лесно се ослободува од пот (волна, полиестерска маица, поларен дуксер). Потребни ви се доволно дебели термо чорапи кои најсоодветно е да се волнени. 

Опрема

Ако прв пат одите на скијање, можеби најдобра варијанта е да си изнајмите опрема на која ќе започнете да се учите, наместо веднаш да купувате. Во сите ски центри постојат локали за изнајмување на целата потребна скијачка опрема, а најдобро е да нагласите за вашето ниво на спремност на луѓето кои се вработени и тие да ви направат соодветен избор (помеки кондури и пократки скии, соодветна должина на стапчиња).

Изнајмете инструктор

Скијањето не е баш едноставен спорт кој може да се научи без помош. Можеби некој од вашите пријатели е во можност да ви ги покаже основите и да ве воведе во скијањето, но и тој треба да има соодветно познавање, време и искуство да го пренесе истото на друг. Од друга пак страна, професионалните инструктори се тука целосно да ве воведат во постапката на наједноставен и безбеден начин, па доколку не сакате уште од првиот ден да имате лошо искуство на скиите, најубаво е да одите на оваа варијанта. 

Влезете во форма

Немој да мислите дека скијањето или бордањето се едноставни и физички лесни спортови. За нив е потребно добра физичка подготовка и кондиција, издржливост на нозете, баланс, координација и силно развиено торзо. Затоа доколку имате план да започнете, веднаш ставете се во режим на некакво физичко кондиционирање. Верувајте, ова е истотака важно и од аспект на превенирање на повреди каде најголем дел од истите се случуваат на физички недоволно спремни луѓе - (статситиката вели дека тоа се најмногу луѓе кои знаат да скијаат, но не се физички активни преку целата година). 

Гледајте видеа

Во текот на праксата издвојте време за гледање на видеа за почетници и визуелизирајте ги вежбите. Истотака можете да ги анализирате другите скијачи на стазата и да пробате да ги емитирате нивните движења. 

Вежбајте

Факт е дека ништо не може да се научи без практична примена и вежба, па затоа одвојте време за ова. Најдобро е кога имате можност да врзете повеќе скијачки денови еден за друг, каде секојдневно ќе бидете на стазата. 

Уживајте во скијањето и бордањето!!

21 Декември 2017

За авторот