Наслов

Октанско интервју со Константин Ангеловски

За блиските и пријателите Коки или Профа, за студентите Професоре, а за останатите Константин Ангеловски е повеќе од харизматична појава, со својот раст и висина карактеристичен за некој одбојкар или кошаркар, тој е човекот кој доколку темата на разговор е автомобилизам зборува со голема страст. 

 

Енергичен и полн со идеи професорот, доктор на науки од областа на техниките на управување на моторни возила секојдневно е на релација помеѓу Универзитетот за Туризам и Менаџмент во Скопје и неговиот Картинг центар. Често патот го носи до Софија каде е вонреден професор на катедрата за мотоспорт при Националната спортска академија. Неговото знаење и упатеност во македонските авто-мото прилики беше доволна иницијатива да седнеме и поразговараме за неговиот животен пат и сето она што го обликува него во светот на авто-мото спортовите.


 Како започна твојата приказна со предзнак авто-мото и колку енергија и време вложи обликувајќи го твоето знаење во оваа свера на спортот?

Интересот се базира на генетска основа, имено мојот покоен татко беше голем љубител на мотоцикли и автомобили, иако истите му беа само превозно средство. Но сепак во своја сопственост да имаш НСУ Ламбрета 1956 година и Опел Олимпија кабриолет 1957 година доволно кажуваат за неговите афинитети и тоа дека крвта не е вода.

Интересно е прашањето околу тоа колку енергија имам вложено обликувајќи го своето знаење за оваа проблематика од два аспекта, по мене енергијата е автомобилизм и автомобилизам е енергија, самото ова подразбира дека тоа е еден чуден кинетички ланец кој меѓусебно функционира како перпетумобиле, од друга страна знаењето е бесконечна величина и ако се земат овие две аналитички поставени тези лесно се стига и до мојот одговор дека ако нешто се работи со љубов и се вложува максимална енергија пространството и времето се неизмерливи, што би значело дека сум потрошил енергија и време екстремно многу за кое сум добил многу енергија и време.


Љубовта ти се претопува и во професија, како дозна за катедрата во Софија и како дојде до тоа да студираш за својата најголема страст?

Во својот живот се што правам пробувам да биде изработено до перфекција и така кога почнав да возам натпревари увидов дека нешто не ми одговара и дека границите на можностите се многу подалеку од тоа што во моментот можев да го видам и научам од сепак многу, во тоа време поискусни и постари учесници во овој спорт.

Со менторот Димитар Илиев 1997 година НСА

Македонија подлежеше на српската школа на возење која се карактеризираше со екстремна храброст и многу помалку техника во целокупното размислување во правец на натпреварите. Секогаш повеќе ме пленеа рационалните и супер брзи словенски пилоти и нивната идеологија на патот по кој ќе го постигнат најбрзото време. Тие секогаш ми беа компатибилни на сето она што можев да го ископам по видео материјали од тоа како тоа се работи на запад.

Така почнав да трагам и да барам училиште каде да го научам правилно она кое посакувам да го изработам максимално квалитетно. Најдов училиште во Англија но поради цената од 40.000 фунти веднаш се откажав. За кратко време среќата ми се насмевна и во тогашно време Македонија немаше систем за мерење на време, и тоа како помош за македонскиот шампионат го работеа луѓе од автомобилистичката федерација на Бугарија. Јас господата не ги познавав но човекот кој е доајен во автомобилизмот во бившите југословенски рамки нормолно и во Македонија г-дин Стерио Росикопулос, а кој ме знаеше како карактер и знаеше дека веќе бев пред дипломирање на Факултетот за физичка култура во Скопје, дојде после еден натпревар и ми го кажа нешто кое го памтам како да е кажано пред неколку секунди.

Тико куп 1997 година

 " Види синко, во Македонија ние учени луѓе за оваа работа немаме, за да тргне спортот како што треба и за да биде како што треба, треба учени луѓе, јас со Минко Минков (тогашниот шеф на мерната екипа) разговарав, мајка ти е бугарка а ти го познаваш јазикот. Они имаат катедра за авто и мото спорт, не е скапо, добро е посдипломските студии да ги продолжиш таму" 

И така бидна, отидов таму, огромен комплекс е Национална спортска академија каде што се јавив кај г-дин Владимир Илиев професор на катедрата по авто-мото спорт. Веднаш ми стана јасно кај сум дошол кога над главата на Илиев видов еден убав изрезбан дел на кој пишуваше дека катедрата е основана далечната 1957 година. Откако ги поминав сите диференцијални испити и бирократски процедури, веднаш бев ставен во еден систем на перманетно многу студиозно но многу важно практично учење на сите замки на оваа наука.


 Кои ти беа првите проекти во Македонија и каде зема учество?

Европско првенство во рели 2003 година

Во Македонија во спортот директно влегов веднаш штом се вратив од одслужување на воениот рок. За тоа заслужен е г-дин Сашо Андреевски (повеќе кратен шампион на Македонија во автомобилизам) кој во тоа време беше еден од основачите на автомобилистичкиот клуб Херц. По распадот на Југославија имаше недостаток на кадар за спроведување на натпревари и Сашо дојде еден ден и ми понуди да дојдам во тој клуб. Ги положив тестовите за спортски функционер и почнав редовно да ги обавувам сите задачи на натпреварите. После 4 години покрај патеката се отвори можност и за да почнам да се натпреварувам, и работите добија природен тек.


Како настана идејата за картинг клуб и што најсилно влијаеше за нејзиното раѓање и развој?

Ха ха ! Идејата за картингот е многу интересна и навистина дури помалку неверојатна. Имено никогаш не сум размислувал да имам картинг, секогаш моите интереси кои дури денеска почнувам да ги реализирам беа насочени кон градење на АРТ Моторспорт како клуб кој ќе има една стабилна перспектива, без големи скокови и падови туку како клуб кој на долготрајни принципи ќе има континуиран раст на резултатите, а од друга страна академијата за управување на моторни возила концепциски веќе ми беше ставена на здрави нозе да отпочне со работа но секогаш во животот има НО?!

Првиот тест 2010 година

Бев на едно тестирање во Италија, страшно уморен се враќав накај Милано и вртам по мобилниот за да видам од кого имам испуштени телефонски повици. Меѓу другите и еден непознат, се јавив, а од другата страна познат глас. Тоа беше г-дин Ратко Капушевски со кој бевме одредено време колеги во Агенцијата за млади и спорт, знаеше дека имам многу конекции надвор од Македонија и само ми соопшти дека е назначен за директор на салата Борис Трајковски и дека сака од него да направи сериозен спортски центар со многу спортски но и услужни содржини, во исто време дека од мене бара сугестии и помош во сето тоа и дали евентуално и јас нешто би можел да понудам во тој правец. Искрено за мене веднаш тоа беше чест и предизвик, брзо ги сондирав можностите и потенцијалите, во тоа време таму немаше апсолутно ништо, едноставно една голема пустелија.

Со моите партнери од Италија и Бугарија веднаш се договорив. Формата на меѓусебна соработка на инсистирање на партнерите од надвор беше вид на јавно приватно пратнерство, СЦ Борис Трајковски без никаква инвестиција во реализација на проектот а со сериозен удел во профитот, инвестицијата комплетно е моја со обезбедена франшиза за картинзите и за системот за мерење на време кој е безумно скап. Сето тоа спакувано е по сите прописи на нашава држава и тргна работата. Многу дотогашни концесионери на спортски објекти ме уверуваа дека проектот под таков профил е самоубиство но сепак дадениот збор дека ќе го направам и големата љубов да почнеме едно правилно поглавје во развојот на овој спорт во Македонија ми беа ѕвезда водилка.

Кризни времиња, огромен ризик и предизвик и многу непознати во равенката што ја наименував АРТ Картинг Центар и ГП Кафе. Не е само да си професор и познавач на спортот, бара огромен менаџмент и повторно почнав да учам од нула. Искуствата на моите партнери од надвор иако располагаат со огромен број на вакви патеки по европа ни од далеку не одговараа на македонските состојби. Уште во изградбата наидов на екстремно многу проблеми со градежни замки и што се не, но сепак навистина со екстремен напор успеав целиот овој бизнис да го ставам на здрави нозе дури оваа година. Се кај нас е тешко, имаме многу предрасуди, немаме традиција во одредени сегменти од културата на живеење и сето тоа дава еден додатен проблем во пласирањето на нешто ново.

Со Владо Арабаџиев во тоа време пилот во Формула 2

 Само како пример во АРТ Картинг центар се имплементирани најстрогите норми за безбедност. Доаѓаат луѓе кои сакаат да возат кои немавме шанси да ги натераме да си земат задолжителна поткапа која се носи за хигена и да стават заштитен шлем. На почетокот тоа беше буквално невозможна мисија.  

Но принципиелност и многу работа дадоа резултат, и сега веќе имаме реакции од типот "кога бевме на одмор отидовме на картинг, па не ни дадоа ни кациги, ne ни измерија времиња нит ништо". Е во тоа е мојата сатисфакција дека сум имплементирал нешто што е по светски стандарди. И втор најголем проблем е на луѓето да им докжеме дека картингот е релаксација за возрасни а не играчка за деца. Играчка што има максимална брзина од 70 километри на час и е на 3 сантиметра од асфалтот непостои. Тоа е сериозна направа за сузбивање на стрес и со напорот кој се бара од оној кој го управува прави персоната под психомоторниот притисок да се изрелаксира од дневните стресови.


Како гледаш на потенцијалот на Македонија како релјеф, инфраструктура и капацитет да биде дел од светската елита во сите авто-мото спортови?

Уф! Македонија како и за се останато е божја земја. Македонија по мене е таква не само во автомобилизмот но и апсолутно, представува една екстремно плодна нива од која е украдено семето а истата никогаш не е изорана и квалитетно обработена. 

Гости од НСА Софија

Прво во доменот на автомобилизмот Македонија има една многу важна работа, а тоа е дека има историја. Малку знаат дека низ државава има минувано историското рели Монте Карло. Имаме одржани многу континентални и балкански релија.

Ридско брзинскиот натпревар Водно е прикаска за себе и не туку така е и базата на мојата докторска дисертација каде истото е обработено од сите можни аспекти. Но земајќи го во предвид новото структурно преуредување на меѓународната автомобилистичка федерација и новите профили на авто натпреварите во гламурозни ивенти каде максимално се застапени туристичко и инвестиционите циклуси на поднебјето каде се реализираат истите, ја гледам иднината на уникатниот потенцијал кој го нуди Република Македонија.

Овие мои давнешни идеи се надолго и широко разговарани и опсервирани со многу мои блиски другари и соработници а едновремено и одлични познавачи на автомобилизмот. Недвосмислено е дека сето она што сум го потенцирал како можности е оценето како фантастичен потенцијал. Но сепак за тоа мора најпрво дома работите да дојдат на свое место и да се јави потребата кај државните структури овие потенцијали да се искористат. Веднаш да кажам, да не помислат читателите дека се работи за патека за Формула 1. 

Во мојата проекција на можности во државата тоа е последно во кое треба да се вложи а и патот до тоа тргнува од помали рангови на натпреварувања кои во брз временски период со мали инвестиции но со многу работа може да се изградат во европски и светски натпревари. Е потоа на тие натпревари се гради политиката за самиот врв. Во секој случај си го залагам целокупниот кредибилитет дека Македонија има огромни потенцијали во овој спорт.


 Каков е одзивот на луѓето кон картинг спортот и дали има некаква форма на натпревари во Македонија?

Отварање на АРТ Картинг Центар

Одзивот за картинг во Македонија постои и истиот е доста голем но сепак од година во година работејќи на анализата на резултатите лесно може да се увиди дека сепак кај нас треба да помине фазата на созревање и осознавање на сите можности кој картингот ги носи со себе. За разлика од било каде кај нас родителите ги носат децата за да ги симнат од дневниот ред на секојдневно молење за да се дојде на картинг. Никој не го носи своето дете на картинг за истото да се едуцира за автомобилот како основното средство за секојдневно живеење. Ретко родителите со своите деца седнуваат да видат колку и тие самите незнаат да управуваат возило на 4 тркала. Секаде во светот картингот е едукација па потоа забава.


 Што е со подмладокот и колку картинг клубови има во Македонија?

Подмладокот е најубавата работа од картингот. Секогаш децата се чисти без задни намери а спремни да учат и спортски да се натпреваруваат. Досега видов голем потенцијал и многу таленти кои се истакнаа во натпреварите од училишниот шампионат. Има еден мал број кои ги селектирав и кои со мене работат во академијата и моите очекувања од нив се навистина големи, и ако ги соопштам може да делувам и малку несериозно но тоа се деца со сериозна иднина во овој спорт.

Победниците во картинг шампионатот на Македонија за основни и средни училишта

Созревањето на македонскиот автомобилистички спорт остави несомнено една дамка во континуитетот на сето она кое требаше да се изработи но сепак драго ми е дека една скала која уште во 90-тите години беше прескокната само пред две недели си дојде на свое место. Горд сум што Македонија преку институциите на системот успеа на еден нормативно правен начин да разреши проблем за кој во сите пост социјалистички држави проекцијата на решавање на овој проблем е проектирана на 10 години гледано од сегашна гледна точка. Точно едни искристализирани односи и поука дека никој неможе да биде над државата и системот се основа за идните поколенија да може да се развиваат на правилна основа со точно утврдени правила.


 Кој се идните планови во поглед на AРТ Картинг центарот?

Идните планови најмалку се врзани за АРТ Картинг Центар, до година ќе има нов формат многу интересен и интерактивен со кој ќе влеземе во менталитетот на македонскиот граѓанин да му ги доближиме европските размислувања за секојдневниот стил на живеење.

АРТ картинг центар

ГП Кафе уште од оваа сабота ќе профункционира во ново руво додека АРТ картинг центар прерасна во база каква ја замислував, сега таа база треба да генерира развој на целокупниот спорт и сигурен сум дека со господ напред бргу истиот ќе го реализираме. АРТ Моторспорт сега ќе ја има задачата да ја одигра клучната улога да донесеме странски капитал и со логистичка помош од државата Македонија да ја позиционираме на нај високите места на ранг листите на локации за моторспорт.

05 Ноември 2013

За авторот