Интервју со Борче Христов координатор на младинската школа на ФК Карабах

Оние кои во Македонија се дел од фудбалот сигурно го знаат Борче Христов, постарите како играч на Вардар и Балкан Стококомерц, додека помладите како предавач и демонстратор во едукативниот центар при Фудбалската федерација на Македонија каде генерации на нови тренери се создаваат во континуитет. Вреден и работлив на повеќе наврати го трупа своето тренерско искуство и знаење надвор од Македонија. Азербејџан е негова дестинација каде е веќе по трети пат се враќа, и секогаш со нови предизвици во работата.

 

Ова е твое трето работно враќање во Азербејџан, кога првпат стапна на Азербејџанско тло и како се одвиваа двата твој претходни престои?

Точно, прв пат дојдов во јуни 2008 година по покана од Ѓоко Хаџиевски кој во тоа време беше прв тренер во ФК Баку. Ме покани да бидам прв асистент. Таму останав неполни две сезони. Можам со задоволство да кажам дека во сезоната 2008/09 бевме шампиони на Азербејџан. Вториот пат дојдов во октомври 2010 година во ФК Карабах како тренер на првата екипа за технико-тактичка подготовка. Поточно дојдов по покана на Гурбан Гурбанов кој е прв тренер на ФК Карабах и Чудомир Чокаров од Бугарија тренер по кондиција. Мојата задача беше да помогнам во имплементација на технико-тактичката програма на ФК Барселона. Програма која ФК Карабах ја користи веќе четири години со успех. Бев две сезони во кои забележавме успех во Европа стигнувајќи до 4 коло од Лига Европа. Третото мое доаѓање е пред 5 месеци кога повторно добив понуда од ФК Карабах, но сега како спортски директор-координатор на школата.

Како ја доби довербата за прв човек на школата на Фк Карабах?

Па највероватно мојата професионалност, стручност и коректност ми овозможи да ја добијам довербата од клубот. Секако тука има и голема улога Гурбан Гурбанов кој сака целата филозофија која ја работевме со првиот тим да ја пренесеме во младите категории, за да може од тука да се црпат кадри-фудбалери кои што без проблем би се вклопиле во работата со првиот тим.

Каде гледаш најголем прогрес во фудбалот и општо во Азербејџанскиот спорт и општество?

Нема да кажам ништо ново ако кажам дека Азербејџан е земја во многу голем подем на сите полиња. Тоа се сведува на можноста, Азербејџан располага со богати ресурси на нафта и гас. Напоредно со другите работи се развива и спортот. Ако ја споредам првата лига од годината кога дојдов и сега, можам да кажам разликата е голема.

Условите и составите на екипите се различни. Во овие 6 години скоро секоја екипа изгради своја база. Буџетот на екипите од година во година е се поголем, а тоа означува дека секоја година доаѓаат да играат и работат многу квалитетни фудбалери и тренери. И не само со првите екипи, истото се случува и во младите категории. За пример можам да кажам дека тука кооординаторите на школите се од Холандија, Шпанија, Англија, Турција и др.

Во првите два престоја дел си од професионални тимови, но какво е искуството како тренер и на младинскиот погон на Карабах?

Во досегашната моја кариера сум работел и со први тимови и со млади категории а воедно сум дел од Центарот за Едукација при ФФМ како инструктор-предавач на Б, А, Про УЕФА лиценци за тренери. Секако дека постои разлика во работата со прв тим и млади категории. Притисокот секако дека е поголем во работата со првиот тим, но и финансискиот дел е поголем сразмерно. Во моментот покрај едукацијата на фудбалерите на школата, се обрнува и големо внимание на едукацијата на тренерите во школата бидејќи како што кажав програмата која што сега ја спроведуваме е специфична и бара голема посветеност.

Во мометнот се гради вашата базата, со што ќе располага ФК Карабах како капацитет и каква ќе биде инфраструктура за потребите на младинскиот погон?

Базата е скоро готова, таа ќе биде на располагање на првиот и вториот тим. Ултра модерна база со сите пропратни елементи: три терена за тренинг, фитнес, базен, сауна, ресторан, соби за сместување и многу други услови. За школата се планира друга база која треба да почне да се гради од ова и која ќе содржи слична инфраструктура и капацитети како базата на првиот тим.

Талентот во Македонија е неспорен, каде мислиш дека во Македонија треба да се насочи енергијата за да се подигне нивото и како тоа се прави во Азербејџан. По кој модели и системи на работа?

Ние сме талентирана нација за фудбал и за спорт воопшто. Но финансискиот дел ни е слаба страна, да не кажам никаков. Добро е тоа што се појавуваат сега спонзори кои што сакаат да вложуваат, но мислам додека не ја поправиме инфраструктурата од корен тешко ќе може да очекуваме подобрување во догледно време. Моделот исистемот на работа е друго прашање. Мислам дека треба да се согледа пред се нашиот менталитет и фудбалската историја па после да се разговара за тоа каков модел и систем ни треба. Сигурно дека ние не можеме да гаиме модел од типот на скандинавските земји или источниот блок затоа што ние немаме такви физички предиспозиции. Нас можеби најмногу ни лежи Шпанскиот модел и по физикус и по карактер.

Како дел од едукативниот центар при ФФМ како го оценуваш нашиот тренерски потенцијали и дали имаме доволен број на кадар.

Секако дека имаме кадар, во последните години се појавија голем број на млади тренери кој денес работат во македонскиот фудбал. Но ќе повторам, мора да се подобри инфраструктурата за да може да очекуваме да излезат млади талентирани фудбалери.

Каков есистемот на натпревар и поставеност на младинските првенства во Азербејџан и како е направен моделот во Македонија, дали може да направиш мала споредба?

Мислам дека Азербејџан во млади категории има добар систем на натпреварување. Секоја прва екипа има втор тим кој се натпреварува во истата лига како првиот тим, но натпреварите ги играат ден порано. Имаат систем на натпревари од У14 до У19, имаат лиги за У11,У12,У13 на кои играат 9 на 9. Во Македонија мислам дека системот е сличен со разлика што нема втор тим и што сите натпревари се играат сабота и недела. Во Азербејџан лигат У17 се игра само во понеделник, У15 во вторник, У19 во среда, У16 во четврток, а сабота и недела играат помалите категории, што е многу добро (посебно за мене) бидејќи може да ги следите сите натпревари.

 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија