100 Miles of Istria – во буквална смисла на зборот

Првите 100 милји се тешки, следните се бетер! 🙂 По трет пат сум на овој евент. Првата година 65km, втората 110km, лани скокнавме и годинава 100miles. Мислам дека е доста од Истра.

Од каде да почнам. За тркава не бев целосно сигурен дека сум спремен. Имав голема желба и мотив да ја истрчам, и ми беше голем предизвик. И ете бидна. Првите 100 миљи официјално ги завршив.

Малку околу тренинзите.Реално немав доволно тренинзи како што треба, со висинска, должини, итн… Повеќето од тренинзите ми се базираа на најди „луфта” истрчај 10км на кеј, многу ретко на водно, скоро ич на друга планина. Во споредба со претходните 110км што ги имам позади мене ова не беше ни 50 % од тоа што треба да биде. Единствена разлика од тогаш и сега беше во тоа што последниве месеци одев во Kinetics Fitness Studio – Superherо, работиме многу на core и горен дел и мислам дека тој тренинг придонесе многу во целава приказна. Исто така, огромна заслуга имаат Alek Drenko за советите околу храната и Dimovska Elisaveta која ми склопи шема за исхрана пред трката за изминатите 2-3 месеци – совршена комбинација за тренинзите кои ги имав. Фала ви дечки.

Трката како трка, очекувано до некаде дека ќе биде брутална и дека многу ќе го “кркаме”. Воден од минатите изданија горе-долу знаев што да очекувам, теренот горе-долу познат. Околку 60 км само беа новитет. Психички бев спремен дека за 30тина саати можам да ја завршам. Така и бидна. Со Igor D. Jovanovski(Karas) имавме некој првичен план да идеме заедно до Бузет. За полесно да ја минеме ноќта и кризите за спиење, па потоа би се раздвоиле.

Тргнавме заедно и некако ептен се вклопивме со темпо на почеток. Многу брзо напредувавме и си направивме стратегија. На угорниците одевме брзо, а некаде успорувавме за да одмориме. Се што беше удолница рамно го трчавме, без разлика на кој км сме. Трката стартуваше од Лабин, па преку Пломин лука, Продол, Учка (Поклон), Трстеник, Бузет итн. Овој дел од трката го поминавме топ. На некои делови не се ни сеќавам дека беше 3-4-5 по полноќ. „Дух кој хода” ни беше водилка. Би го издвоил само Пољакот во сандали и кратки шорцеви кој најверојатно не го слушнал организаторот дека на Учка има снег. 🙂

Со Карас правевме шали на сметка на тркачиве со цел да останеме позитивни и ведри за да го издржиме патот кој ни претстои. Си пеевме „изгреј изгреј јасно сонце”. Нешто пред Трстеник јас малку кризирав, но тоа беше нормално. Помина. Околу 8-часот стигнавме до Бузет, тука не пречекаа Maца, Тања, Тасо и Маре. Поддршка е секогаш добредојдена. Во меѓувреме стартуваше 70км на која учествуваа Трајко, Софија, Данда и Роглев, за малку не стигнавме да се видиме. Во Бузет се туширавме, јадевме, се преоблековме и пред тргање одлучивме дека до крај ќе ја трчаме заедно.

Следеше дел кој е сосема нов за двајцата. Прво Хум, па по него „Езерото”. До Хум супер истрчавме и релативно брзо. После Хум следеше најтешкиот дел бар за нас од трката до „Езерото”. Го гледаш во далечина никако да стигнеш. Ќе му се доближиш, па патеката ќе те исфрли…па пак и така 3-4 пати. Кризиравме малку во овој дел поприлично 🙂 а и жешко беше. На таа конторлна Карас одлучи да остане, и да ја заврши трката поради болки во мускули, бутови.

Се договоривме јас да продолжам и да ја завршам. Следеше едно брдо и после тоа искачување до Мотовун. Супер го поминав тој дел, иако сам гледав да оддржам некој ритам. Сепак кога си со партнер е многу полесно. Следно си дојде Опртаљ. Од Мотовун натаму трките се спојуваа и веќе делот го знаев. Кон Грожњан следеше спуст, па едно стмно искачување на кое си реков дека ќе си одморам кога ќе го искачам. Пред самиот крај на брдото гледам клупа со столици и паркинг за точаци. Си седнав, си кренав нозе, си праам пауза. Ме поминаа 10-тина тркачи.

Во меѓувреме го ѕирнав мобилниот, пропуштени повици, пораки од Карас дека продолжил сепак до Мотовун. Но веќе беше доцна. Му се јавувам и ми вика “те чекаме на контолна”, “ајде идам одма” – мислев дека сум блиску. Фатив да трчам ко неарен и нагоре и надоле. Ги поминав сите што ме поминаа и плус други. Но проценката дека сум блиску била погрешна 7-8км. Сепак не стигнав на време. Тука едниот плускавец ми се дупна и морав да застанам на преврска.(За време на трката поминавме 2 реки без премини на нив и поради тоа на 2те нозе ми се направија огромни плускавци… ) Тоа ме успори прилично.

Ми остана уште пат до Бује и „најпрекрасниот” дел од трката – нивата пред Умаг. До Бује трчав колку што можев. Некаде на средина веќе темница, 2ра вечер ме фаќа. Слушам галама, ѕвонци тропаат, си викам еве ја контролната. Си трчам… Кога после една кривина едно бабе на патот со овците… Малку трипање – не многу! 🙂 Полека стигнав до Бује. Одморив малку, јадев и продолжив. Следеше НИВАТА со 3D трева. Светиш со ламбата и мислиш тревата е во 3D. Халуцинации. И овој дел ќе го рипнам дека беше досаден и ништо интересно не се дешаваше. Околу 3-4 км пред крај 2ца италијани застанаа да се преоблекуваат… Нема да ги коментирам понатаму.

Нешто пред крајот се појавија Тасо и Маца ми вратија малку енергија и надеж дека сум блиску до крајот. Фатив да трчам дека веќе ми се здосади и полека стигнав до целта. Финиширав за 30:31:17 – 89 место. За мене најголем успех до сега.

Фала на цела екипа за поддршката.
До следен толку долг пост. (Ваљда после УТМБ)
Поздрав,
Игор Пирковски

Автор

TREX

Скопје

Македонија