Митот наречен Ironman

Инспириран од убавите коментари после мојот прв текст, а можеби повеќе од убавата енергија што ме држи после последнатa трка, еве да напишам уште нешто во врска со long distance триатлонот.

Кај нас, а уште повеќе и во странство, сè почесто кога паѓа муабет за триатлон најблиска асоцијација на луѓето им е Ironman или, трката на т.н „железни луѓе”. Изразот е убав, па човек се чувствува како супер-херој, а и сакаш да се чувствуваш посебно, кога правиш нешто несекојдневно.

Но, да почнам со ред. Што е Ironman? Триатлонска трка или нешто многу повеќе од тоа? На почеток, еве малку историја…

Во 1977 година Џон Колинс и неговата жена Џуди, заедно со група спортски ентузијасти сакајќи да одредат кој би бил ултимативниот спортист, се решаваат да направат ултра триатлонска трка (со цел да бидат опфатени повеќе дисциплини), последично одбираат место во САД, каде би имале сурови услови, што би го направиле самиот натпревар уште потежок.

Го одбираат островот Ваикики на Хаваи на кој се одржувала 3,8 км пливачка трка Waikiki Rough Water Swim и 180 км велосипедска трка Around-Oahu Bike Race ги спојуваат овие две дистанци и за крај додаваат 42,2 км трчање (маратон).

  • „Тој што ќе заврши прв, ќе го наречеме Ironman” – беа легендарните зборови на Џон Колинс, откако беа одредени локацијата и дистанцата.

И така, на 18 февруари 1978 година, беше одржана првата Ironman трка, (3,8 км пливање, 180 км велосипед и 42,2 км трчање) на која учествувале 15 натпреварувачи. Во 1981 година трката е префрлена во Кона на Големиот Остров во Хаваи, каде што до ден денес секоја година се одржува официјалното Светско првенство во Ironman.

Условите на самиот остров се повеќе од сурови, големи бранови и секогаш немирно море, велосипед се вози низ предели со сè уште активни вулкани со температури над 45 степени и огромна влажност и трчање по ридска патека по многу топло и влажно време. И така почнува приказната наречена Ironman или триатлон составен од 3,8 км пливање, 180 км возење велосипед и 42,2 км трчање. Во 2001 година е воведена и Half Ironman дистанца или позната и како Ironman 70.3, која се состои од 1,9 км пливање, 90 км велосипед, 21,1 км трчање.

Денеска, со повеќе од сто Ironman и Ironman 70.3 трки, ова натпреварување претставува нешто многу повеќе од само трка. Прерасна во глобално движење и во можеби најпознатиот светски бренд кога се во прашање endurance спортовите, инспирација за многумина, сон за остварување на невозможното, трка која на многумина ќе им го промени животот.

Но, да разјасниме нешто, Ironman пред сè е бренд или по наше кажано фирма/компанија, и тоа многу профитабилна и успешна, со страшна посветеност на маркетинг (од мотивирачки видеа, брендирана облека, инспиративни приказни и се повеќе и повеќе трки од година в година). Со котизација од 260 евра за полу Ironman и 650-800 евра за цел Ironman, во секој случај се едни од најскапите трки во светот.

Но, кога ќе се земе предвид дека лиценцата за организирање трка под брендот Ironman изнесува 250.000 долари и тоа за полудистанца (плус и целиот трошок на организација на самата трка, обезбедување патека, официјални лица, волонтери…), па така висината на котизацијата можеби е и оправдана.

Но, има и една друга приказна, самиот Ironman бренд потикна уште неколку други брендови да организираат трки во иста ваква дистанца, под друго име. Трките се познати како „полудистанца” за Ironman 70.3 и “цела дистанца” за Ironman. Трки чија котизација се движи помеѓу 30 и 160 евра што ги прави и тоа како подостапни и како локација и како трошок.

Минатиот викенд бев во Хрватска и учествував на една ваква трка (близу Задар), Punta Scala Half Distance Challenge, и слободно можам да кажам дека споредено со другите четири Ironman 70.3 на кој сум учествувал, во ништо не беше полоша трка. Дури, ако споредам со Ironman 70.3 во Пула лани, оваа беше и тоа како подобро организирана трка.

Одлична локација за пливање, температурата одлична, патеката убаво одбележана и убаво дизајнирана. Патеката за велосипед беше совршена, со нов асфалт, горе-долу рамна патека (500 м. висинска разлика), убаво обезбедена од полиција и волонтери, четири станици за вода (во бидони). И секако „најзабавниот” дел беше трчањето – ридска патека (150 м висинска разлика), променлив терен (песок, камени блокови и асфалт), но и незаборавна глетка трчајќи на раб на морето и дури четири станици за вода, овошје, гелови и чаеви. Со еден збор, одлична трка, ќе беше полесно да беше не толку сурово трчањето, но на крајот на краиштата, треба да биде и малку интересно. На 28 мај иста ваква полудистанца имаше и во Белград, на 2 јули има во Котор, Црна Гора во ноември има и во Пореч, Хрватска итн.

Да не бидам погрешно сфатен, секако кога веќе се решаваш за таков чекор, да се спремиш и да завршиш полудистанца или цел Ironman, сакаш тоа да биде баш Ironman трка. Сакаш да се почувствуваш посебно, сакаш да ти кажат дека си железен човек , маицата за завршена трка и тоа како гордо ќе ја носиш секојпат кога ќе трчаш на кеј и во секој случај, ќе биде настан кој ќе остане длабоко во тебе до крајот на животот. И, нема ништо лошо во тоа.

Но, секое задоволство има цена, едно е разликата во цената за учество (во Задар беше 45 евра во Белград 30 евра а Ironman 70.3 e 260 евра) а друго трошокот за сместување, патување. Белград е на 450 км. Од Скопје и лесно се наоѓа за 20-30 евра сместување. За добра Ironman трка треба да одите до Австрија или Германија (или подалеку), кога имате Ironman трка имате и 2000 учесници кои како и вас ќе бараат сместување, па цените и не се така ниски, ако треба да патувате 1500-2000 км ви требаат два дена плус за одмор и соземање после пат. По некоја моја груба калкулација, за Ironman 70,3 трка би ви биле потребни од 600-800 евра (во зависност од типот на сместување и дали ќе делите превоз или ќе одите). А за полудистанца во Белград или каде било на бившите ЈУ простори, ќе ви требаат 200-300 евра.

Дали вреди да се дадат 400-500 евра плус за да се биде во Ironman трка???  Искрено, не знам. Можеби првата трка е убаво да ви биде Ironman трка, сепак 1500-2000 натпреварувачи на старт е глетка што не се заборава, Ironman логото секаде околу тебе и целата таа машинерија дава посебен шмек и големина на секој настан. Но, во секој случај, ако не можете да си дозволите 700 евра за да учествувате на Ironman трка не значи дека не можете да бидете железен човек и не можете да пробате да остварите некој сон. Никој нема да ви одземе или да ве смета за помалку вредни, ако завршите полудистанца во Белград или во Хрватска, или кај и да е, баш напротив мислам дека учество во „мали” трки со 200-300 учесници го прави целиот предизвик потежок, а желбата да се заврши поголема.

Едно од водечките слогани на самиот Ironman e „Единствено што ти треба е железна волја”. Сепак, мислам дека слоганот реално малку избегаат од ова некако се повеќе и повеќе ти треба и се подлабок џеб за баш да бидеш Ironman. Или можеби самиот концепт на брандот не бил наменет за земји со економска моќ како Македонија. Како и да е, ако ја имате желбата и посветеносто да пробате да завршите полу и цела дистанца, немојте да ве лимитира Ironman брендот, скапите велосипеди што ги има на постерите и врвната опрема.

Пред две години во Будимпешта на Ironman 70.3 имаше стотина учесници што возеја МТБ и имаа „нормална” облека и сите завршија во предвиденото време. Сите граници се генерално во нас и во нашата глава, во мојот претходен текст пишував за тоа колку чини да се биде триатлонец и да не се повторувам, но секогаш одново ќе се враќам на тоа и на прашањата – дали сакаш да си триатлонец, дали сакаш да бидеш Ironman, дали сакаш да пробаш нешто ново, да постигнеш нешто големо.

Многу пати единствено што ви треба, сепак, е само железна волја. Нема мали и големи трки, има трки што ги завршуваш и тие што не ги завршуваш. Без разлика како и да се нарекува трката што ќе се состои од 1,9 км пливање, 90 км велосипед и 21,2 км трчање или 3,8 км пливање, 180 км велосипед и 42,2 км трчање, вие ќе бидете Ironman, и тоа е нешто што никој никогаш нека да ви го одземе.

Верувам дека во иднина само ќе се зголемува бројот на трки, оние под брендот на Ironman, ама и оние “локални” кој ќе имаат истата должина само некое друго име.

Откако почнав да се занимавам со овој спорт, сонувам да организирам полудистанца во Македонија, точно знам каде ќе биде пливањето, возењето велосипед, трчањето, и тоа ќе биде една од најубавите трки во Европа. И сум повеќе од сигурен дека оваа трка може да се организира. Но, за да се оствари мојот сон, треба прво вие да пробате да сонувате, треба аматерскиот триатлонот да стане она што е велосипедизмот или трчањето денес кај нас, требаат 500 учесници на стартот на трката.

На 25 јуни во Отешево ќе се одржи државното првенство во триатлон, натпреварот ќе биде во спринт делница (750 м. пливање, 20 км велосипед, 5 км трчање). Ова е совршена прилика и ти да го почнеш својот сон, да дојдеш да го почувствуваш триатлонот и да бидеш дел од нешто убаво и големо. 

До некоја наредна трка или настан, срдечен поздрав…