Личната борба на Јовица Блажевски – Јоце

Текстот подолу ни го испрати Тања, сестрата на Јоце, се со цел за да ни го доближи примерот на својот брат за истрајноста и волјата за подобар живот и борбата со тешката болест. Бидете хумани и помогнете! 

Јовица Блажевски – Јоце е 28 годишен дечко кој од повреда во инкубатор како бебе боледува од церебрална парализа (лекарска негрижа, повреда на ’рбетниот столб од превисока температура во инкубаторот). Веќе 3ипол години се лекува во приватна клиника НЕУРОВИТА во Москва, Русија. Лекувањето се состои од третмани со пресадување на матични клетки кои се земени од неговото сопствено тело и кои ги вбризгуваат во кичма со шприц. Третманите се состојат од целосна рехабилитација, физиотерапии, масажи со ултра звук, тренинзи во вежбална со врвни инструктори, вбризгување на клетките со шприц во долниот дел на кичмата.

Борбата на Јоце започна 2011-та. Со свој труд започнавме да собираме парични средства. Третманот е прескап. Да, Фондот не дава пари, ниту 10% за ваков тип лекување. Зашто? Затоа што кај нас не е призната оваа гранка во медицината „пресадување на матични клетки” и приморани сме да се снаоѓаме како знаеме и умееме.

Почнавме да организираме хуманитарни настани, концерти, свирки, изложби, претстави, базари, продажби на се и сешто, и се што може да ни текне, така успеавме да стигнеме дотука, односно Јоце успеа да отиде на вкупно 7 третмани досега. Му остана уште последниот 8-ми третман кој чини вкупно 13 700 евра, а досега сме уплатиле вкупно 60 000 евра за досегашните третмани. Во Феврури 2015 беше последниот третман, бидејќи на Јоце му излезе проблем со колкот, односно левиот колк бил изместен од зглобот, се триел и се „распаднал” и Јоце имаше премногу болки кои го натераа 2 месеца да лежи во кревет.

 

Ниту една државна клиника не сакаше да го прими Јоце на операција, бидејќи ниту еден ортопед не се нафати да го оперира само затоа што е церебрална парализа (и покрај напредокот од лекувањето, тие не сакаа ни да слушнат). Секако моравме да најдеме решение, отидовме на приватна клиника во Скопје каде операцијата ја плативме потполно сами. Операција – хируршки зафат вештачки колк која чинеше 5 500 ЕУ. Оттогаш Јоце се чувствува многу подобро, нема болки се движи поцврсто и посигурно и гази целосно на своите стапала.

Последниот третман не се случи се досега бидејќи не успеавме да собереме доволно средства. Но напредокот на Јоце не мотивира да продолжиме понатаму, тој веќе се движи со дубак и со помош на мојата мајка, чекори и гушнат заедно со мене и мојата сестра, се качуваме заедно по скали, во кола, во автобуси, излегуваме секаде заедно. Слободното време го поминува во вежбање. Прави вежби за издржливост, флексибилност, вежби за истегнување и баланс, негови реквизити се душек, пилатес топка, бучици, вратило.

Понекогаш вежба и во теретаната каде што работам јас, но најчесто дома, вежби со свое тело за подобра координација, рамнотежа и сила. Вежбаме заедно и пилатес вежби и се едуцираме дополнитело од неговиот физиотерапевт и неговите инструктори од клиниката од Москва. Јоце е најупорниот дечко што го познавам, бидејќи и оние „физички здравите” се мрзеливи, недисциплинирани и несамокритични. А особено за дечко во негова состојба, храбар, издржлив, самодисциплиниран, полн со верба во себе дека ќе успее да си ја оствари својата цел. И се стреми кон тоа и успешно му оди.

Да не го оставиме на пола пат, Јоце е кон целта, ве замолувам да донирате колку што можете и да му помогнете на мојот брат Јоце да прооди самостојно. Кон крајот на Септември Јоце треба да е веќе во Москва (бидејќи го одложивме третманот од Август, поради недостиг на средства). Ние сме бескрајно благодарни и сигурна сум дека еден ден сите заедно ќе се радуваме за успехот на мојот брат, но и на еден млад дечно кој заслужува шанса за подобар живот.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија