Интервју со Данче Сиљаноска за вушуто кај нас

Кога ќе видите како млади луѓе негуваат помалку познати спортови и ги живеат 24/7 , а воедно и го чуваат јадрото за развој на овој вид на спорт во Македонија не може да не ти е мило и драго ако ја имаш шансата да поразговараш со нив. Данче Сиљаноска во овој случај е репрезент на таквата група луѓе. Таа во случајов го чува вушуто, а вушуто ја чува неа. 

Вушу, и како ќе го објасниш на нашки, што претставува и малку историјат околу овој спорт

Вушу е спорт во кој се обединуваат кинеските боречки вештини. Историјата за потеклото на кинеските боречки вештини започнува многу одамна и бележи развивање на многу карактеристични и специфични стилови кои се дел од традиционалната кинеска култура. Но, официјалната приказна за Вушуто се врзува за втората половина од минатиот век кога државните власти на Народна Република Кина основаат спортски сојуз чие членство броело врвни вушу мајстори чија основна задача било стандардизирање и категоризација на кинеските боречки вештини.

Таканареченото модерно вушу своето официјално признание од страна на државните власти го доживува во 1959 година. Во тоа време е укината поделбата и класификацијата на кинеските боречки вештини на стилови и ситеми, додека во времето на кинеската културна револуција (1966-1976) се случува темен период за традиционалните кинески боречки вештини бидејќи се случува нивно укинување и прогон на нивните мајстори и ученици.

Единствено пожелно било тренирање и предавање на стандардизираните форми на модерното вушу и тоа под контрола на државниот вушу сојуз. Но, бидејќи голем број на врвни мајстори ја напуштиле Кина, тоа овозможило развој на традиционалното вушу во повеќе земји низ светот. Како се одбележувал крајот на кинеската културна револуција така се менува и стаусот на традиционалните кинески вештини за кој сме сведоци и денес.

Кога првпат се појавува во Македонија и како стигна ти да го тренираш и да се натпреваруваш?

Кај нас веќе дваесетина години постојат здруженија за кинески вежби каде се практикува таи чи чуан и чи гонг и јас таму прв пат се запознав со овие кинески традиционални вештини, но првиот регистриран Вушу спортски клуб е Феи Лонг чиј претседател и главен инструктор сум јас. Феи Лонг има уште двајца инструктори, а тоа се Елена Ставреска и Ана Тодоровска.

Учеството на Балканското натпреварување по Вушу се должи на мојата соработка со Балканската Вушу Федерација. Особено сум благодарна на потпретседателот на Балканската Вушу Федерација господинот Саша Баланесковиќ кој процени дека сме подготвени да учествуваме на овој шампионат и овозможи да има македонски претставници.

Можеш ли да ни ја опишеш структурата на тренинзите и како се одвиваат натпреварите (бодување, првенства)

Во Феи Лонг тренинг има секој ден освен во недела. Еден тренинг трае час и половина. Сега за сега има две групи. Едната група вежба таи чи чуан јанг стил, а другата системски чи гонг прво ниво (yi jin jing).

Во врска со бодувањето, постојат стандарди кои се следат. Ние се натпреваруваме во таи чи чуан (taijiquan) традиционален и модерен каде во целосната оценка влегуваат точноста и прецизноста на изведуваните елементи и естетиката.

Како гром од ведро небо дојде успехот во Турција, кажи ни нешто повеќе околу тоа

Гром од ведро небо беше за околината , а за нас не беше бидејќи ние конкретно за овој шампионат се подготвувавме 9 месеци. Да, отидовме без очекувања но, се надевавме дека трудот ќе биде забележан, а во тоа успеавме.

Филозофијата на Вушу и како ја носиш ти во секојдневието

Кинеските боречки вештини се поврзани со таоизмот. Некои ќе кажат дека таи чи чуанот е физичка експресија и манифестација на есенцијалните принципи на таоистичката филозофија. Вежбањето и практикувањето на кинеските боречки вештини го имплементира јин/јанговскиот глобален концепт на размислување и помага во унапредувње и развој на нашата личност и на нашето себство.

Ваквиот начин на живот во вакво секојдневие е право искушение, хаха. Но, да се живее со високо ниво на лична етика и психофизичка самосвесност е вистински избор за да се доживее спокојна среќа.

На кого би го препорачала овој спорт (дисциплина) и што луѓето можат да очекуваат од неа?

Овие кинески вештини се наменети за сите оние кои одлучиле да го унапредуваат своето психофизичко здравје, и кои сакаат да им овозможат ревитализација и регенерирање на духот и на телото.

А за возврат ќе ги почувствуваат сите благодети кои ќе бидат резултат на посветеноста.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија