Братско Интервју со Бојан и Глигор за спортот во нивните животи

Прекрасно е чувството кога ќе седнеш со своите драги пријатели евоцирајќи спомени за кампирањето со шатори на некоја планина, тешко искачениот врв, дипломата за првото место на кросот во твоето училиште или незаборавните спомени од некоја авантура.

Спортот тивко ги обликува нашите животи и ја плоди желбата за успех. Глигор и Бојан Митковски се браќа кој во целиот свој живот го практикуваат спортот, оној рекреативниот кој е дел од повеќето од нас. Иако подолго време живеат раздралечени, Глигор во Македонија и Бојан во САД, тие си го фураат оној исти филм од самиот почеток, секогаш практикувајќи го спортот и рекреацијата низ секојдневието. Глигор работи во МТВ и го води проектот МЕТЕО, додека Бојан работи во продавница за каубојски чизми и шапки во Вајоминг. Среќни, секогаш позитивни и насмеани ги замоливме да напишат нешто на неколку блиц прашања околку спортот во нивните животи.

Почетоци, час по физичко, маалскиот спорт…?

Глигор: Ништо невообичаено за таа генерација, сите практикувавме маалски фудбал. Ми текнува дека игравме сервис на бетонските полиња пред зграда во стар Аеродром. Честопати како деца знаевме да играме сервис заедно со брат ми и татко ми.
Во училиште имавме натпреварувачки дух на часовите по физичко. Ама морам да признаам никогаш не ме влечеше фудбалот, секогаш „заглавував” на гимнастичките справи. Интересно е што имав другар со кој секогаш се натпреварувавме кој ќе успее да праскокне повеќе другари со мечкин скок… Стигнавме до бројка некаде 8-9 … Нормално другариве беа наредени еден до друг клекнати… Како и да е беше интересен момент.
Потоа дојдоа маалските кошеви… Баскет се играше до полноќ… Иако и таа активност не побуди баш никаква страст кај мене.

Некаде помеѓу се појави одењето на Водно со брат ми и татко ми… Тука мислам дека се случи „кликот” за премостување на мислите за да се заљубиме во планината и пред се природата. Во меѓувреме велосипедот некако природно се наметнуваше не само како основно превозно сретство, туку и како добра алатка за спорт. Паметам дека со двајца другари од основно, уште во 6 одделение знаевме да „дувнеме” на Водно без никој да не знае… Спустовите од детско до долу беа топ авантура.

Бојан: Мислам дека со спорт се бавиме откако знаеме за самите себе,имавме среќа да израснеме во маало со многу деца од наша генерација каде фудбал, баскет и ред други игри беа секојдневие.

Кој спорт  повлече најмногу,  и какви беа почетоците во тие спортови?

Бојан: Како дете имав можност да пробам многу спортови .На 7 години се запишав на тајландски бокс , тренирав активно 2 години каде за прв пат вкусив дисциплина, редовност и посветеност. На 16та година прв пат качив насока “Дилфер” и буквално “ми влезе под кожа качувањето”.  Истиот ден на Шишевски се појави човек само со патики за качување и торбичка за магнезиум. Сосема скромно во разговор со друг алпинист му кажа дека само што излегол од насоката “Матка лева” (за тие што се разбираат во алпинизам знаеа дека ја имаше солирано без никакво обезбедување). Со целата скромност и начинот на кој говореше лесно беше препознатливо дека не направил никаков “личен подвиг”, тоа му беше обичен ден на качување. За сета моја среќа една година подоцна наидов на истиот човек на Солунска глава, каде се запознавме. Се претстави како Константин Циривири, и по краток разговор ми понуди ако сакам да почнам да тренирам во клубот Матка. И така започна се…

… Во тоа време бев најмладиот член во клубот, мислам дека и меѓу најмладите во Македонија кои изучуваа и сакаа да се бават со алпинизам.Тоа беше огромна предност. Знаете, детските соништа немаа граница, сонував и се гледав себеси како во иднина качувам големи планини во сериозни алпинистички опкружувања. Тој пламен сеуште гори силно во мене.

Глигор: Како што споменав одењето на Водно, само што јас некако во глава секогаш имав авиони, падобрани … Кога имав 13 години почнав да го посетувам аероклубот во центар заради воздухопловно моделарство. На неколкуте одења на спортскиот аеродром Стенковец се загледав во падобранците кои скокаа таму… Дочекав да наполнам 16 години, имав среќа да го фатам „последниот воз” за обука во тоа време и на 03.09.1997 го направив првиот скок.

Кој беа посериозните чекори, првото вистинско посветување и страст, адреналин?

Бојан:  Значи како што споменав првиот сериозен чекор ми беше што влегов во клубот Матка. Уште во првиот тренинг увидов дека нема да има многу “заебанција” и морав да се фокусирам и дадам се од себе за да постасам со другите. Адреналин имав скоро на секое качување, бев во сосема нова средина, каде треба време за да бидеш комотен. Следната година имав шанса да качувам и по 5 дена неделно на Матка. Два полни дена за викенд и три дена по часови во средното школо. Влегов во една од најдобрите форми што ги имам искусено до сега.

Глигор: Неможам да кажам дека му се посветив до крај на падобранството во натпреварувачка смисла. Во првите 3-4 години направив релативно добра бројка на скокови, тргнавме на натпревари, иако без некој особен успех. Сепак падобранството, како и повеќето активности, сака континуитет. Дисконтинуитетот во активностите си го направи своето… Ама не доволно за да се откажам од омилената активност..

Височини , секој со себеси кон сопствениот врв, ќејфот и убавините?

Бојан:  Кејфот и љубовта кон планината секогаш биле и ќе бидат гориво на алпинистот. Ако не го правите тоа од љубов и пасија нема да траете долго. Некаде наидов на цитат која ги опиша работите многу добро.

” Во алпинизмот ризикувате се што имате, својот живот. За буквално никаква материјална добивка. Кога ќе го доживеете тој момент целосно ќе ве промени како личност и начинот на кој живеете”

Глигор:  Ухх ќејфот е секогаш голем кога си на височина, без разлика дали си дошол до таму пеш или со авион… Планината ја сакам и во лето и во зима, иако зимските тури ми се подраги заради помалата гужва горе. Знам да појдам сам од нигде никаде за да си ги средам мислите во глава.

Имав среќа во ова скопско опкружување да ја најдам мојата животна сопатничка, која морам да признаам дека на прв поглед воопшто не изгедаше дека ќе ме „дружи” за на планина. Ама се излажав. Марија, сега веќе Митковска, беше „запросена” на врвот на Љуботен среде јануари… Иако не се нафаќа на карпа и падобранство, сепак не прави никакви проблеми за зимски тури на Пелистер, Шара, Патишка река… Последната „играчка” ни е двосед кајак. Одлична авантура за на езеро и море, а се токмиме да го поднаучиме кајакот, па да си дозволиме безбедна авантура на река.

Карпа, велосипед, падобран што е на прво место..?

Бојан: Карпа и мраз за мене,  велосипед е секогаш дел од тренинг, падобранство имам искусено само еднаш на тандем скок со желба некогаш да го направам тоа самостално па да му заѕвонам на брат ми да идеме да скокаме.

Глигор: Неможам да кажам дека карпата завзема некое место во мојот случај, од проста причина што последното качување беше пред 1 година на Матка. Иако радо облакам појас кога имам можност. Велосипедот е одлично сретство за тренинг и релаксација. Крос кантри турите ме релаксираат неопсливо… Падобранството се надевам дека во скоро време ќе го практикувам почесто, сепак зависи и од материјални можности. Оваа активност ми останува на прво место во поглед на уживање, релаксација и адреналин. Сепак, морам да признаам дека не би можел да двојам помеѓу падобранството и велосипедот. И двете активности можат на свој начин да го качат адреналинот.

Спортската неделна рутина во кратки црти?

Бојан:  Моментално со мало бебе и куќа со полно проекти за работа работите малце ми се изменети. Но сеуште преку било која активност пробувам да симулирам напорни искацувања на долги насоки. Било да е сечење и цепење на дрва по 6-8 цаса на слободен ден, ловење каде е вклучено 8-10 км движење (некогаш добар дел и подлабок снег) итн… Иако не е крајно професионално се пак не функционира лошо. Пред 2 недели искачивме насока во Јосемите “Ројал Арчес” за 6 часа од кола до кола (15 должини , 3 цуга 5ка, 3-4 цуга 4ка и останатите цугови 3ка + 12 абзали надолу).

Глигор: Нема некоја посебна рутина, се зависи од можностите со времето и обвските. Сепак се трудам барем еднаш во неделата да појдам до врв на Водно. Во лето приказната е друга… Водно барем 3 пати, пеш или велосипед, активности на кеј, итн…

Кој ви е најдрагиот заеднички потфат?

Бојан: Имаме неколку убави авантури заедно,не би ги дефинирал како потфат бидејќи никогаш се немаме спремано со месеци и години за конкретен проект каде ќе дадеме 100 % од себеси. Како и да е, дел од нив се зимски искачувања на Солунска ( пешки ,хаха) , качување на Отмар насоката , и искачување на Гранд Тетон каде не стигнавме до врвот за само 50 метри, поради грмотевици околу нас, ама да бидеме реални и Џим Донини (познат американски алпинист) почна да иде надолу во тој момент.

Глигор:  Со Бојан морам да признаам дека сме имале доста заеднички тури низ Македонија. Вистински сериозни потфати заеднички не сме имале. Ама морам да издвојам нешто, Тоа ќе биде Водно – Матка… ама кога Бојан беше четврто одделение, а јас осмо. Беше лето, денот изгор топол, и незнам од каде ни кликна во глава да отидеме Водно -Матка. Тргнавме со уште еден другат од маало, Флориан, и тоа пеш од Аеродром па потоа Теферич, Марково крувче , врв и кон Матка. Арно ама го „утнавме” патот пред само симнување кон Св. Никола Шишевски и се најдовме лево од патеката кон една стрмнина од карпи кон езерото. Водата одамна ја имавме испиено… Морам да прзнаам дека ме фати страв бидејќи бев најстар и требаше да се грижам за нив… Среќа некако најдовме едно стрмно патче кое не донесе до манастирот, и потоа беше лесно… Сеуште незнам со кој памет отидовме.

Најдраг потфат со Бојан ми е качувањето на Гранд Тетон во 2010 кога бев кај него на посета. Воедно тоа беше и прво вистинско високогорско искачување за мене. На само 50 метри под врвот моравме да се вратиме заради влошувањето на метео условите. Сепак искачувањето беше фантастично.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија