Интервју со Сергеј Гегај за педалите во хоризонтала

Ако сте виделе низ македонските патишта лежипед или со други зборови велосипед кој што го возите во хоризонтала, голема веројатност е дека бил Сергеј. Пасиониран лежипедист кој што на долго и широко крстари низ Македонија. За да разбереме, троа повеќе си поприкажавме со Сергеј за лежипедите. 

К4Т-Зошто токму лежипед, што беше пресвртница за да одлучиш наместо класичен велосипед да купиш лежипед?

СЕРГЕЈ-Лежипед одбрав најмногу поради неудобноста и болките во телото при подолги тури на обичен велосипед. Колку и да се трудев да го прилагодам велосипедот на моето тело, сепак остануваа некои детаљи кои не можеа да се подобрат. После турите ме болеа зглобовите на рацете, вратот и задникот.

Дополнително читав и за здравствените проблеми кои можат да се појават кај мажите кои се подолго време во седиште. При пребарување по интернет во однос велосипеди – удобност се појави, лежечки велосипеди кои со самата конструкција ветуваа комфор и непостоење на здравствени проблеми при нивно користење. Додаден бонус беше и аеродинамиката која е далеку подобра од обичен велосипед. Ниеден друг модел на велосипед не го нудеше тоа. Исто така имав желба и да пробам нешто ново, нешто што не сум видел дотогаш.

К4Т-Кога првпат сретна и проба лежипед, и како и од каде го набави твојот?

СЕРГЕЈ-Мојот лежипед го набавив од една продавница во Будакалаш во Унгарија која ја најдов на интернет. Тоа беше најблиската продавница до Македонија која нуди ваков вид на велосипеди. По разговор со нив одлучив да купам само рамка која сам би ја склопил тука кај нас. Уште во пошта пакетот не наликуваше дека во него има велосипед. Премногу долгнавесто изгледаше. Во него ја имаше главната цевка, седиштето, воланот и предната вилушка.

На мое барање поради тоа што тогаш тоа го немаше кај нас, ми пратија и безбедносно знаменце и ретровизор за да ја зголемам безбедноста при возењето. Се останато додадов сам. Тркала, кочници, менувачи и така натаму. Нешто ново, нешто старо. Првите обиди да го возам беа малку нестабилни, но после некое време се навикнав на него. Единствените искуства со лежипед ги имам со мојот лежипед. Се надевам дека ќе имам прилика да видам и возам и некои други слични, или различни.

К4Т-Принципите се исти, но како што нагласи лежипедот дава поголема удобност и потенцијал за подолги тури, дали си бил на некое подолго патување и какво е чувството?

СЕРГЕЈ-Принципите се само донекаде исти со обичен велосипед. Самата позиција на нозете и грбот условуваат користење на други мускули на нозете. Со самото тоа и брзината на вртење на педалите и преносот на силата до нив е различен. На лежипедот нема момент при угорница кога стануваш од седиштето и стоиш врз педалите. Се се одвива со лежење. Подолгите тури со него се уживање. Пристигнувањето на дестинацијата не е поврзано со истегнување на половината и масирање на рамената и зглобовите. Чувството на замор е од благ и пријатен вид од кој бргу се враќаш во нормала.

Погледот е поширок затоа што вратот не ти е искривен и без проблем го гледаш целиот пејсаж. Во секое време се чувствуваш дека можеш да застанеш и да ја разгледаш околината. На подолги патувања од околу 100 километри сум бил многу пати. Сите низ Македонија. Само минатата година поминав нешто околу 5000 километри и од сите тури се враќав расположен и насмеан. Ги комбинирам со качувања на воз во едниот правец.

Последната, тридневна тура ми беше со почеток од Росоман, преку Прилеп, Битола и Ресен до Охрид, и на враќање од Охрид преку Кичево, Гостивар и Тетово до Скопје. 350 километри вкупно. Се вратив дома во недела попладне, а веќе утредента наутро повторно бев со велосипед до работа. Уморот е на сосема поинакво ниво во споредба со обичен велосипед.

К4Т-Дали и колку лежипеди има во Македонија, дали има некаков клуб или организација која го промовира овој тип на велосипедизам?

СЕРГЕЈ-За жал мислам дека сум единствениот кој вози лежипед во Македонија, а изгледа и пошироко. Едноставно информациите за нив сеуште не дошле до овие простори во толкав број за да ги има повеќе по патиштата. Така што во Македонија нема клуб или нешто слично кое би ги промовирало.

К4Т-Твојот блог е можеби единственото место на нашиов интернет простор каде може да се најдат интересни информации за лежипед, колку време постои блогот и каков е одзивот досега?

СЕРГЕЈ– Блогот Лежипед постои околу шест месеци. Го пишувам на македонски јазик и се трудам да служи и како информативен блог за работите кои можат да се видат како различни производители и модели на лежипеди, и како за работите кои не можат да се видат, во смисол уживањето при возењето. Се надевам дека тоа го доловувам со моите описи на турите кои ги возам. Самата блог платформа нуди прецизни статистички податоци во поглед на бројот и местата на пристап и можам да кажам дека сум задоволен. Досегашната бројка се движи околу 10 000 посети, најмногу од Македонија, но има и посети од цел свет.

К4Т-Дали употребуваш обичен велосипед за превоз низ град, или си строго во хоризонтала?

СЕРГЕЈ-За превоз низ Скопје, најчесто за до работа, користам обичен велосипед од неколку причини. Непостоењето велосипедска сообраќајна култура и велосипедска инфраструктура се првите. Во Скопскиот сообраќај, на велосипед сите те третираат како да си пешак, па дури и велосипедистите се навикнати да е така. Лежипедот бара подобри сообраќајни услови за возење низ град. Тргнувањето и застанувањето кое многу често низ град на лежипедот не му се добра страна. Со него не можеш да се качиш на повисок тротоар или да прерипаш поголема дупка. Тоа што не можеш да застанеш на педалите, и не можеш да го “цимнеш” воланот за да се качиш на повисоко му се недостатоци на лежипедот за градско возење.

К4Т-Си имал ли ситуации од типот, “дечко те молам дај едно кругче да пробам”?

СЕРГЕЈ-Секое излегување со лежипедот е проследено со внимание и интерес од околината, од тоа не може да се избега. Се разбира дека има различни ситуации кога ме застануваат и ме прашуваат за се во врска со него. Се случило неколку пати да ми побараат и да го пробаат, но за жал тргнувањето е специфично до таа мерка што би ризикувал некој да се повреди или да го оштети така што сум приморан да ги одбивам. Често сакаат и само да се сликаат со него.

К4Т-Што според тебе е предноста на ова превозно средство?

СЕРГЕЈ-Ако го третираме како превозно средство тогаш има многу предности. Како прво се движи на човечки погон, не загадува, ефтино е за одржување, не бара преголемо искуство за управување, нема потреба од дозволи. Погодно е за млади и за стари. Во сообраќај обликот е (не)препознатлив така што останатите учесници обраќаат повеќе внимание на безбедноста. Измамува насмевка кај сите што ќе го видат, не делува застрашувачки туку хумано. Од друга страна се тоа го постигнува плус со удобноста на тој што го вози. Во однос со обичен велосипед покрај удобноста тука е и подобрата аеродинамика која што има големо влијание врз брзината на движење. На светските натпревари на возила на човечки погон редовно победуваат лежечки велосипеди.

К4ТКалку е просечната цена, и дали има спечифични делови кој тешко се сервисираат?

СЕРГЕЈ-Од причина што нема помасовен светски производител на лежипеди, цената им е сеуште малку повисока во однос на обичните велосипеди. Во зависност од опремата цените се движат некаде од околу 500, па нагоре до неколку илјади евра. Освен седиштето сите останати делови се превземени од велосипедската масовна индустрија. Почнувајќи од тркалата, па преносот, кочниците, менувачите. Рамката е специфична, но при проблем се сервисира исто како и секој друг велосипед од истиот материјал. Било да е тоа алуминиум, челик или карбон. Седиштето е најчесто од фиберглас кој е лесен, но истовремено и крут па затоа треба малку внимание.

К4Т-Дали го користиш секојдневно за натаму – наваму, или само за викенд кога правиш тури?

СЕРГЕЈ-Лежипедот во секое време ми е спремен за подолги патувања. Тоа значи дека на него има монтирани бисаги во кои го чувам потребниот алат и други работи кои ми се потребни. За да го користам секојдневно, би требало да го растоварувам па потоа повторно да го натоварувам кога би сакал да одам некаде подалеку. Затоа за низ град имам еден постар модел на обичен велосипед, а и со него понекогаш знам да се провозам и надвор од град.

К4Т-Според тебе има ли потенцијал за поголема масовна употреба?

СЕРГЕЈ-Потенцијал секако дека има. Патувањата не само надвор од град туку и до планински предели и недостапни места се почесто се освојуваат со лежипеди. За низ град прво треба да има предуслови за да може да се искористи. Условите се од поврзани со велосипедската инфраструктура бидејќи истите услови како и обичниот велосипед ги бара и лежипедот.

К4Т-Какви се бројките кога е во прашање лежипедот и европските земји, употреба, бројност?

СЕРГЕЈ-До такви податоци малку тешко доаѓам бидејќи најчесто се вози во западно европските земји кои не спаѓаат во англиското говорно подрачје така што непознавањето на некој од јазиците како Холандски, Дански или Германски ми е личен хендикеп. Во секој случај со тоа што го гледам што нудат производителите на пазарот се гледа дека кај нив не се ништо ново. Нудат и модели со три тркала, покриени модели и модели со електрични мотори. Се тоа кажува едно друго ниво на разбирање и на велосипедизмот и на превозот воопштено.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија