Дали заморот доаѓа од умот?

Ако некогаш во животот сте се бавеле со интензивна физичка активност или пак сте трчале маратон, веројатно ви е познато дека цврстиот ментален став е подеднакво важен како и физичката подотвеност. Сте се запрашале ли зошто е тоа така?

Постојат многу спортисти кои што велат дека менталната подготовка, техниките на визуелизација и медитација, во голема мера и помагаат да се подготват за идните натпреварувања. Се чини дека сето тоа е во корелација со бројни истражувања кои укажуваат на тоа дека психичката подготвеност го подобрува вкупниот перформанс.

За да сето ова не се граничи со езотерија и мистицизам се потруди јужноафриканскиот доктор по спортска физиологија Тим Ноакс кој како професор и истражувач години наназад и пркоси на спортската индустрија и се труди да ги урне шаблоните на размислување во спортската физиологија.

Од својата катедра на универзитетот во КејпТаун, тој разви бројни истражувања кои со сигурност може да се наречат револуционерни. На пример, тој е автор на истражувањето со кое практично докажува дека “епидемијата” на дехидрираност во тркачките настани не произлегува од недоволното користење на течности туку напротив од прекумерната употреба на вода и спортски пијалаци кои телото не е во состојба да ги процесира, односно дека препорачаниот внес на течности од 150мл за еден час е преголема.

Долги години оваа негова студија беше игнорирана од спортската јавност и индустрија, се додека на Бостонскиот Маратон во 2002 година, 13% од вкупниот број учесници се здобија со труење со вода а еден од нив почина.

Во последните години професорот Ноакс се посвети на истражување на заморот и што точно го предизвикува. Резултатите од ова истражување одново ги рушат бариерите и прават сериозно да го преиспитаме сопствениот пристап.
Догмата поврзана со заморот вели дека кога мускулите во нашето тело ќе ги потрошат залихите на кислород и енергија или пак ќе станат презаситени со млечна киселина тие се принудени да сопрат се додека не се опорават.

Оваа теорија е развена уште во далечната 1923 година од страна на Нобеловецот Арчибалд Хил. Сепак, и пред истражувањето на Ноакс, постојат други истражувања кои ја побиваат теоријата на Хил. Постојат многу истражувања кои велат дека и покрај тоа што резервите на гликоген значително се намалуваат, тие никогаш не исчезнуваат. Имајќи ги во предвид овие истражувања Ноакс тргнува да ја истражвува мускулната активност.

Според општоприфатената теорија, како што телото се движи кон истоштеност сè повеќе и повеќе мускулни влакна се активираат за да го одржат нивото се додека телото не се “исклучи” бидејќи останало без гориво. Студијата на Ноакс го покажува токму спротивното. Тој во своето истражување користел велосипедисти кои возеле се до истоштеност. Резултатите покажале дека во моментот кога учесниците престанале да возат заради замор нивното тело користело само 50% од вкупниот капацитет на мускулни влакна. Односно, дека истоштеноста ги натерала да запрат иако телото во резерва имало мускулни влакна кои можеле да бидат искористени.

Сето ова го навело професорот Ноакс до заклучок дека општоприфатената теорија за заморот во суштина е неточна и дека чувството на замор е предизвикано централно од мозокот. Се разбира дека постојат граници на тоа што човековото тело може да издржи, но исто така мозокот има главна улога во тоа каде овие граници ќе бидат поставени.

Со други зборови, неговата теоријавели дека мозокот придонесува да се чувствуваме заморни и нè тера да застанеме за да спречи можни оштетувања, што значи дека заморот не е физичка категорија, туку еден вид емоција која мозокот ја предизвикува за да спречи катастрофични последици.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија