Во ритамот на Дисциплина кичме

Погрешниот начин на изведување некои телесни активности, најчесто во подолг временски период се најчеста причина за болки во слабинскиот дел на ‘рбетниот столб (болен лумбален синдром).

Неправилната положба при работа во стоење, или седење или несоодветни параметри и односи на телото кон работните површини најчесто се проследени со болки во слабинскиот дел на кичмата. Отворениот кинетички ланец кои го составуваат скелетните елементи од главата и вратот па се до стопалото се основа на човечката постура.

Анталгичните положби се спонтани и принудени положби на телото како заштита од болката. Долготрајни антагични состојби се услов за пореметување на постурата т.е. физиолошката положба на ‘рбетниот столб.

Заштитни препораки кои ќе ви го освежат или надополнат вашето знаење:

ЗАШТИТА ВО СТОЕЧКА ПОЛОЖБА

Потребно е правилно одредување на висината на работната маса и нејзина нивелација ако работите во стоечка положба. Работната маса треба да биде во висина на струкот, а поточна мерка се легнати дланки на површината на масата со исправени раце во лактовите. Во стоечка активност подолга од 15 минути се препорачува и повремено, неизменично растеретување со подигање на едната нога на некоја столица или слично во време од неколку минути.

ЗАШТИТА ВО СЕДЕЧКА ПОЛОЖБА

Седечката положба всушност е принудена положба, нездрава положба која силно ја оптеретува човековата постура.

Кичмениот столб треба да биде во исправена полжба на подеслив наслон со висина до горната линија на лопатките и со анатомски додаток во висина на лумбалниот сегмент за правилно растеретување. Стопалата треба во целост да се поставени на подот а колената свиткани до 90 степени. Ако масата е повисока од нормално се подига столот а под нозете се става некоја подлошка.

ЗАШТИТА ПРИ СВИТКУВАЊЕ НА ТЕЛОТО И ПОДИГАЊЕ НА ТОВАР

Секоја активност која се врши под висина на струкот или свиткување кон напред т.н. флексија секогаш треба да се изведува со клекнување. Ова посебно е важно при дигање на било каков и било колку тежок товар. Во состојба на клекнување кичмениот столб е секогаш исправена и заштитена, бидејќи целото оптеретување се префрлува на мускулатурата на нозете. Процедурата за спуштање на теретот е исто така со клекнување.

ЗАШТИТА ПРИ НОСЕЊЕ НА ТОВАР

Најсоодветен начин за носење на товар е на глава. Вака најидеално се растеретува тежината која паѓа по централната тежишна линија.

Друг препорачлив начин е кога товарот се носи гушнат и припоен до предниот дел на градниот кош. Симетрично поделен соодветен товар во обете раце е секако подобра алтернатива од асиметричниот модел.

РАСТЕРЕТУВАЊЕ НА ‘РБЕТНИОТ СТОЛБ ВО ЛЕГНАТА ПОЛОЖБА

Препорачана положба која го растеретува целото тело пред заспивање и по будење и која го хармонизира целокупниот скелетно-мускулен систем и чини само 5-10 минути. Во положба на грб на полуцврста подлога со анатомска подлошка или перниче на вратниот сегмент и свиткани коленици (со клинаста подлошка) одлично ја растеретува лумбалната кичма.

ПОДМАЧКУВАЊЕ НА БОЛНИОТ СИНДРОМ СО ЕФЕКТИВНИ ГЕЛОВИ

Доколку веќе настане болен синдром во долниот слабински дел на кичмата можете привремено да ја отстраните болката со соодветни лесно нанесувачки гелови.

РЕДОВНИТЕ ФИЗИЧКИ АКТИВНОСТИ СО ПРЕПОРАКИТЕ ЗА ЗАШТИТА НА ВАШАТА ПОСТУРА СЕ УСЛОВ ЗА КВАЛИТЕТЕН И АКТИВЕН ЖИВОТ.