Тренинг партнер – повеќе од дружба

Луѓето кои се бават со индивидуални спортови на професионално или аматерско ниво, честопати знаат да изгубат желба или мотивација во моментите на бескрајно повторување на рутината, вежбата или километрите. Во целото море од спортска наука и нутриционизам, еден социолошки аспект на тренингот понекогаш може да ја направи клучната разлика.

Една од најдобрите одлуки кои можете да ги направите по донесување на одлука да започнете со тренирање е изборот на тренинг партнер со кој ќе тренирате. Постојат безброј студии кои покажуваат дека тренирањето со партнер или група гарантира дека ќе работите понапорно и подолго отколку што би го правеле тоа сам, а тоа значи подобри резултати и форма.

Здрава компетиција – Тренирањето во тандем или група ќе ви донесе чувство на натпреварување. При изборот на партнерот секогаш одберете некој кој е за нијанса подобар(поспремен) од вас. Тоа ќе ве натера да дадете се од себе во моментите кога вообичано би се откажале.

Економичност – Ако веќе сте дојдени на посериозно ниво и имате потреба од личен тренер, имањето на тренинг партнер значи дека ќе можете да ги споделите трошоците за заедничката цел.

Здравствени придобивки – Постојат се посериозни студии кои укажуваат дека дружењето со луѓе (партнер) кои имаат здрави навики и стил на живеење, ќе ве натера и вас да се позанимавате со овој неизбежен дел на спортскиот живот.

Дисциплина и посветеност – Кога работите со некого, тоа е време посветено на заеднички напредок и успех. Ќе бидете поредовни и пофокусирани на тренинзите бидејќи ќе бидете свесни дека некој чека на вас.

Како и во животот, одберете го тренинг партнерот внимателно. Одберете некој кој ја разбира вашата желба и пасија, некој кој ќе ве храбри и куражи и кој заедно со вас ќе работи на вашиот сон.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија