Epicondilitis lateralis или синдром на тениски лакт

Тенискиот лакт е најчест и најпознат синдром на преоптеретување. Овој болен синдром порано бил познат како болест на перачите на прозорци се додека еден богат индустријалец од Њујорк не отишол на доктор заради болки на надворешното коскено испакнување на лактот…

Овој господин не го прифатил популарното име на својот болен синдром од срам пред своите колеги, па итриот доктор веднаш му го решил “големиот” проблем и го нарекол синдром на ТЕНИСКИ ЛАКТ.

Латералниот епикондилитис е многу честа состојба и не е резервирана само за тенисерите и перачите на прозорци туку е присутна и кај фрлачите на копје, хокеарите, мечувалците, дактилографи, хирурзи, стоматолози и многу други. Во основа се работи за силни, монотони и долго употребувани потези на мускулите кои го оптоваруваат латералниот епикондил како место на нивниот припој.

Во секој случај овој синдром е најчест кај тенисерите поради спецификите на сервис ударот и бекендот, но и поради неправилни техники, несоодветен рекет како по големина така и по тежина, па дури и поради несоодветност во напнатоста на мрежата.

Во 75% од случаите се јавува на доминантната рака.

Тенискиот лакт (Tennis elbow) се манифестира со блага до интензивна болка во проекција на надворешниот епикондил која може да биде присутна и подолго време. Локалната болка, проследена со мускулна слабост се појавува при незначителни активности како подигање на шоља кафе, завртување на клучот на бравата или поздравување-ракување.

Примарно се престанува со активноста, се аплицираат студени облоги и се консултира ортопед или трауматолог за евентуална попрецизна дијагностика и терапија.

Мачните и долги какви не методи на лекувањето се доволна провокација за избор на добар тренер кој ќе ве научи како ефикасно да ги избегнете непријатностите на латералниот епикондилит.