Наслов

Таи Чи Чуанот ги намалува симптомите на стресот

Таи Чи Чуан е кинеска вештина која во својата суштина ја носи идејата на таоизмот и смислата на егзистенцијата во својата микро- и макро- космичка поврзаност со природата и со универзумот.

Изведувањето на лесните и флуидни движења, проткаени со еден совршено бавен и балансиран ритам на дишење, ја раскажува приказната за тајната на долговечноста која се состои во одржувањето на рамнотежата на двете контрастни енергии - Јин и Јанг - а, со тоа, и во постигнувањето на внатрешниот мир и спокојство по кој современиот, модерен човек неуморно трага.

Кога се работи за борбата со стресот, Таи Чи Чуанот помага во намалувањето на симптомите на стресот кои се одразуваат врз психофизичкото здравје на човекот. Стресот предизвикува нарушување на биопсихосоцијалната и на духовната рамнотежа на личноста, а Таи Чи Чуанот има тенденција да ја возобновува и одржува.

Телесните и психичките промени се оние кои претставуваат аларм дека се наоѓаме во стресна состојба. Најчести симптоми кои укажуваат на тоа дека сме под стрес се: чести главоболки, губење на апетитот, несоница, анксиозност, вознемиреност, агресија, ниско самовреднување, па сè до посериозни телесни промени, како што се хипертензија, зголемено ниво на шеќер во крвта, проблеми со дишењето, нагло зголемен или намален апетит итн.

Практикувањето на Таи Чи Чуанот, кое се реализира со изведување нежни, бавни и хармонизирани движења проследени со правилно и координирано дишење, овозможува целосна релаксација на нервниот систем, а како последица на тоа настапува една состојба во која вежбачот се чувствува пријатно, свежо и опуштено. Основниот став при физичкото вежбање на оваа вештина ја центрира оската на организмот централно и праволиниски, што подразбира повлекување на карлицата навнатре, благо свиени колена со тенденција кон ширење, споени лопатки на грбот, со брадата се покрива грлото, јазикот се држи на горното непце и највисоката точка на главата (Bai Хui) е отворена кон небото. Токму овој потклекнат став при вежбањето, проследен со длабоки вдишувања и издишувања, ја зголемува кардиоваскуларната ефикасност, а истовремено доведува и до нормализирање на крвниот притисок без дополнително оптоварување на срцето.

Севкупно, се премостуваат блокадите во клучниот триаголник на нормалната физиолошка состојба: ендокриниот, нервниот и имунолошкиот систем. Таи Чи Чуанот делува на три нивоа, и тоа телесно, енергетско и свесно (медитативно), а физиолошки делува позитивно на сите внатрешни органи.

Се работи за изведување на соодветни вежби наменети за внатрешна масажа со која се стимулира работата и функционирањето на внатрешните органи, што се реализира по пат на стомачно дишење или дишење на дијафрагма. Стомачното (абдоминално) дишење е најефикасниот модел. При вдишувањето белите дробови се шират со спуштање на дијафрагмата, а при издишување мускулот се подига.

Дијафрагмалните екскурзии ги придвижуваат сите стомачни органи, со што се подобрува нивната работа, се троши најмалку енергија, а ефикасноста е најголема. Длабокото дишење ослободува ендорфини во организмот. Ендорфинот е хормон кој нè прави да се чувствуваме добро. Тој е природен лек против болки кој се создава во нашиот организам. Кога се практикува длабоко стомачно дишење, дијафрагмата се движи нагоре и надолу, со што помага да се отстранат отровите од нашите органи и промовира подобар проток на крвта. Кислородот обезбедува енергија, што значи дека преку длабокото дишење го зголемуваме нивото на нашата енергија.

Придобивките од длабокото дишење се многубројни, а најистакнати се намалувањето на стресот и на високиот крвен притисок, зајакнувањето на стомачните и на цревните мускули и олеснувањето на општи болки во телото. Длабокото дишење, исто така, промовира подобра циркулација на крвта, ослободување на токсините од нашиот организам и и помага за здрав сон. Овие придобивки резултираат со зголемено ниво на енергија. Тајната е, едноставно, во длабокото и често стомачно дишење. Имено, дури и самото практикување на стомачното дишење без вклучување одредени движења може да влијае врз намалувањето на стресот.

Таи Чи Чуан е вештина во која се остварува комуникација помеѓу умот и телото на едно повисоко ниво. Стресните ситуации и психолошките трауми оставаат последици на телесно ниво за кои ние луѓето најчесто не сме свесни. Но, кога ќе дојдете на час по Таи Чи Чуан, првото нешто што го дознавате за себе е слабата координација на движењата и ориентација во просторот. Кога од страна се гледаат самите движења, тие изгледаат префинето, лесно, нежно и флудно, како вода која тече слободно. Окото го прима движењето како лесно, без напор, при што се добива лажна слика дека неговото изведување по пат на имитација е лесно. Првата лекција на тренингот по Таи Чи Чуан е за тоа колку телото не ги слуша нашите наредби. Ние точно знаеме какво е движењето ое треба да се изведе, но нашето тело, едноставно, дава отпор.

Тука се поставува прашањето „Како со помош на физичко вежбање и изведување на Таи Чи формите може полесно да се справиме со стресот?" Одговорот е едноставен доколку сме ја сфатиле теоријата зад симболот на дуалистичкиот концепт Јин и Јанг, како и самите идеолошки и медицински темели на оваа кинеска вештина. Доколку умот и телото ги поделиме според Јин и Јанг теоријата, и на тој начин ги сфатиме како една целовитост, но, во рамките на кружниот симбол, тогаш ние почнуваме на нашата психо-физичка состојба да гледаме како на еден цикличен процес во кој едното го поттикнува функционирањето на другото.

Така, умот е оној кој ја поттикнува работата на телото, но и обратно. Според начинот на кој се учи оваа вештина, старите Кинези ќе кажат „Телото помни дури и кога умот ќе заборави". Ова ја наговестува втората најважна лекција која ја учи секој кој решил да се посвети на изучувањето на оваа древна вештина, а тоа е „Не е доволно движењето да се изведе правилно, туку неопходно е тоа да се изведе повеќе од десет илјади пати, за телото да запомни, а умот да се одмори". Мускулите имаат своја меморија, или, поточно, тие се прилагодуваат на одреден тип на движења, и кога ова прилагодување ќе достигне едно оптимално ниво, тогаш тие почнуваат да се одмораат при истите движења за кои претходно се вложувало напор. Како телото сè поефикасно ги совладува движењата, така умот сè повеќе се релаксира. Овој процес може визуелно да се прикаже како возење велосипед, при што едното тркало е умот, а другото е телото, а ние треба да држиме рамнотежа и да се движиме напред.

На енергетско ниво, Таи Чи Чуанот воспоставува рамнотежа и правилен проток на животната енергија.

Дишењето е првиот знак дека во нас има живот. Животниот век на човекот се одвива помеѓу првиот и последниот здив. Циклусот на дишење е од клучна важност за нашиот живот, а е толку често занемаруван. Но, затоа се тука неминовните стресни ситуации, кои се вистински алармантни сигнали кои нè потсетуваат на важноста на дишењето. Имено, секогаш кога се наоѓаме во некаква сериозна животна улога која носи повеќе одговорности и ризици, или, пак, се наоѓаме пред донесување на некоја важна одлука, ние настојуваме да се држиме до изреката „диши длабоко".

Еден од поважните аспекти во вежбањето на Таи Чи Чуанот е социјалниот аспект. Секој член во вежбачката група настојува да надмине некаква препрека кај себе и ги вложува своите сили во таа насока, што, всушност, претставува еден полетен и мотивирачки бран. Погоре напоменатиот енергетски кластер во групата која вежба Таи Чи Чуан е позитивен, што значи дека тежнее да ја извршува својата функција на врамнотежување. Тоа значи дека секој член на групата е во мисија на енергетскиот кластер кој ја реализира својата тенденција за балансирање на оној дел каде што повратната спрега не го направила своето.

Таи Чи Чуанот, кој претставува медитација во движење, придонесува за побистра перцепција на својата природа и на животот. Медитативниот аспект на Таи Чи Чуанот се состои од изведувањето на стандардизираните форми кои се сочинети од точно определен број на елементи и движења.

Најпрвин треба да се напомене дека со текот на времето се издиференцирале повеќе стилови во Таи Чи Чуанот и секој од тие стилови дава посебен израз во изведувањето на конкретните форми. Најпознати стилови во Таи Чи Чуанот кои се вежбаат низ целиот свет се Јанг стилот, Чен стилот, Ву стилот и Сан стилот. Стиловите се разликуваат според начинот на кој се изведуваат самите форми и секој се карактеризира со некоја специфика која го прави посебен и препознатлив.
Во Таи Чи Чуанот постојат повеќе форми. На пример, постои стандардизирана форма која содржи 24 елементи, форма која има 40 елементи и една долга традиционална форма која, во зависност од начинот на броење, содржи 108 или 88 елементи. Секој елемент од формата има свое име кое го означува и неговото симболично значење. Така, постои елемент кој се нарекува „фати го врапчето за опашката", елемент „штркот ги шири своите крилја", елемент „игла на дното на морето", елемент „пипа" (традиционален кинески инструмент), елемент „движење низ облаци", итн. Со самото изведување на формите, вежбачот е насочен кон раскажување на приказната која ја содржи самата форма и тоа го реализира преку совршени и флудни движења со телото кои се проследени со соодветен и координиран дишечки циклус. „Во што се состои медитацијата?"

Медитативната компонента се состои во способноста на умот да влезе во приказната која ја раскажува самата форма, кој на тој начин влегува во една состојба на контемплација. Самото соживување со формата и симболиката на елементите овозможува „бегство" од реалните тековни животни случувања, но, истовремено, обезбедува и присуство во просторијата за вежбање и присутност во своето себство.

Ако медитацијата претставува патување во себе, тогаш може да се каже дека Таи Чи Чуанот е вештината која обезбедува ова патување да има една висока визуелна естетика.

Нискиот став при вежбањето придонесува за зајакнување на нозете и за подобрување на рамнотежата. При вежбањето доаѓа до смалување на нивото на стресните хормони, а за сметка на тоа се јакне респираторната и имунолошката функција и тоа влијае позитивно и на емоциите.

03 Ноември 2017

За авторот