За жени, а може и за мажи..

Различни гаќички за различни тренинзи

Иако истиве принципи би можеле да се применат и од страна на мажите, чисто се сомневаме дека некој ќе се нафати да си купува различни гаќи за различните тренинзи, така што, се сконцентриравме на девојките бидејќи за нив темава е далеку поважна. 

Комбинацијата на пот, топлина и триење во женските сензитивни делови знае да биде доста непријатно, но и во голема мера лошо по здравјето бидејќи погрешно избраната долна облека која што е тесна и не дозволува дишење на кожата може да доведе до разни габични инфекции, но и уште повеќе, до закачување на некаква инфекција на уринарниот тракт.

Сево ова може да биде спречено доколку се обрне големо внимание на хигиената и на еден многу важен детал, самите гаќички кои ги носите, односно нивниот материјал и карактеристиките кои тие ги имаат.

Да ги разгледаме токму овие важни карактеристики кои ги имаат различните типови на долна облека и во кои случаи тие би биле прав избор за вашиот тренинг.

Памучна долна облека: Памукот е лесен и самиот материјал не ја „гуши“ кожата, две добри карактеристики кога станува збор за женското меѓуножје. Овој вид на долна облека се препорачува кај лесниот тип на тренинзи каде што движењето не е во голем интензитет и не се создава многу пот, како пример јогата. Спротивно на ова, многу пати кога трчате или возите велосипед, ваквиот тип на долна облека ја апсорбира потта, тие стануваат непријатни за носење, а додатно можат да ви ја иритираат кожата во таа регија.

Танга: Маживе кои сепак кликнале, може да се разочараат во овој дел бидејќи ќе се обидеме да ги разубедиме оние девојки кои сè уште не знаат дека тангата е најлошата варијанта на долна облека за спортување. Тие се тесни, припиени до телото и се движат додека вежбате, односно, тие се перфектно дизајнирани да пренесуваат фекални бактерии до вашата вагина кои што се често главна причина за незгодните уринарни инфекции.

 

Машки шорц: Може ќе ве одржи малку потопло за време на студените периоди, но екстра материјалот кој што се наоѓа на долниот дел не е баш најдобра работа кога во прашање е намалување на влажноста на просторот, па така, ако веќе ги носите, гледајте да бидат тесно припиени и да не мрдаат додека вие мрдате.

Долна облека направена од специјални материјали: На пазарот постојат многу различни материјали тргнувајќи од полиестер па се до тенка волна кои што се специфично направени да ја оттргнат влагата од овие делови, па така, доколку во распоредот имате долги тренинзи, не е лошо да си набавите неколку пара, иако може да се малку поскапи.

„Голи?“: Можеби неносењето на било каква долна облека некогаш ви изгледало како логична опција, често во многу жешките периоди, но овде зависи од тоа што носите како облека за тренирање. Ако хеланките немаат парче материјал сошиен на тоа место чија улога му е специфично оттргнување на влагата, тогаш исто ви се фаќа како да носите и некои гакички кои ве загушуваат на местото. Така, проверете ги шорцевите или хеланките пред да одите „голи“.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија