Наслов

Респираторна физиотерапија при хронична обструктивна белодробна болест (ХОББ)

Хронична обструктивна белодробна болест – ХОББ е група на хронични заболувања на респираторниот систем кои се изразуваат со потешкотии во дишењето т.е опструкции на воздушните патишта кај пациенти на кои претходно им било дијагностицирано хроничен бронхитис и/или емфизем.

ХОББ се карактеризира со опструкција на респираторните патишта која не е потполно реверзибилна. Респираторната опструкција не се менува значајно и обично е долгорочно прогресивна состојба. Болеста најчесто е предизвикана од пушење на цигари но истотака влијаат и други фактори, како што е професионалната изложеност на токсични гасови и испарувања.

Оваа болест се јавува кај 34 случаи на 1000 и вообичаено кај лица над 65-годишна возраст. Во моментов ХОББ е четврта водечка болест по смртност на светско ниво , но се смета дека до 2020 година ќе го заземе првото место според светската здравствена организација.

Во научни студии во повеќе земји е утврдено дека луѓето што живееат во големите градови почесто заболуваат од ХОББ, во споредба со руралните средини. Еден од главните симптоми кај пациентите со ХОББ е кашлицата, која всушност е одбранбен механизам на дишните патишта, кој ги штити од несаканите инхалирани честички, како и значаен метод на чистење на продуцираниот слуз во нив. Кашлицата кај пациентите со ХОББ често се јавува во утринските часови. Другиот главен симптом е диспнеата (краток здив), кој се смета за најсигнификантен знак на оваа болест.

Пациентите со напредната форма на ХОББ често развиваат респираторна слабост која се манифестира со појава на цијаноза на слузниците и кожата, како резултат на недостаток на кислород во крвта. Вишокот на јаглеродниот диоксид во крвта причинува главоболка, сонливост или грчеви. Како компликација на напредната ХОББ се и промените на срцето познати како хронично белодробно срце кои се резултат на неговата зголемената работа т.е поради поголемиот напор за да ја уфрли крвта во болнопроменетите патишта на бели дробови.

Златен стандард за дијагностицирање на ХОББ е спирометријата со која се потврдува евентуалното присуство на опструкција на воздушните патишта, но истотака во поставувањето на дијагнозата учествува и клиничката проценка, базирана на комбинација од историјата на пациентот, и физикалниот преглед.

ХОББ продуцира симптоми, попреченост и влошен квалитет на живот кои може да реагираат на фармаколошка терапија но нејзиното дејство е незначително доколку таа не биде комбинирана со респираторна физиотерапија.

Респираторна физиотерапија со фармаколошка подршка го зголемува ефектот на третманот на опструкцијата на воздушните патишта. Во лекувањето на ХОББ може да се користи интравенозна терапија со бронходилататори, мукосекретолитици, деконгестиви и антибиотици, но важно е да се напомене дека овој третман не е комплетен доколку не се комбинира со респираторна физиотерапија.

Примената на овие фармаколошки решенија може да биде и поразличен и поефективен доколку пацинетот ги прима преку инхалациона терапија со соодветни инхалатори со што самата терапија делува на локално ниво и се подобрува и забрзува нивното дејство. 

Инхалационата терапија со аеросоли во комбинација со вежби за дишење и експекторација помага за ефективно внесување на аеросолните честички во дишните патишта и нивно таложење со што се размекнува бронхиалниот секрет т.е се предизвикува локално фармако – динамско дејство и помага во подобрување проодноста на дишните патишта со евакуација на насобраниот белодробен секрет со што се предизвикува и редукција на диспнеата.

Во лекувањето на пациентите кај кои дошло до респираторна слабост, а тоа се пациенти во четвртиот стадиум на болеста и притоа вредностите на парцијалниот притисок и сатурацијата со кислород се ниски, потребно е да се употреби терапија со кислород. Терапијата со кислород (Оксигено терапија) се препорачува да трае над 15 часа во тек на денот, со ниски протоци 1,5 до 2 литри во минута. Оксигено терапијата е дел од респираторната физиотерапија која содржи и респираторни вежби за длабоко вдишување, издишување, и искашлување со помош на постурална дренажа и инхалациона терапија.

Сите овие елементи на респираторната физиотерапија се водечки во третманот на ХОББ имајки предвид нивната ефективност веднаш по нивното спроведување. Физиотерапевтот и пациентот се партнери во овој процес, најчесто пациентите кои подолго време живеат со болеста и се свесни за својата состојба се едуцираат за самостојно и редовно спроведување на респираторните вежби за корегирање на респираторната механика и соодветна физичка активност со што директно влијаат на квалитетот на својот живот.

Во периодот на егзецербација на состојбата кај овие пациенти треба да се примени и неинвазивна механичка вентилација (НИВ) со различни модуси на вентилација ЦПАП или БИПАП со кои може да се влијае на решавање на критичната состојба на пацинетот и да се избегнат последиците .

Третманот на пациентите со ХОББ е комплексен и во нивното лекување треба да бидат инволвирани специјалисти (пулмолог , физиотерапевт и нутриоционист) кои директно треба да соработуваа во индивидуалниот третман на пацинетот . Само соодветната комбинација од третмани и совети од различните специјалисти може да влијае на успешноста на лекувањето на пацинетите со ХОББ.

14 Април 2018

За авторот