Пливачко уво и што со него

За летни шеми без поголеми проблеми. Бидејќи уше и заб како што знаат да болат, ништо друго не знае.

Воспалението на надворешниот ушен канал (otitis externa) е непријатна ушоболна состојба која се јавува после подолг престој во водена средина, пред сè кај пливачи, нуркачи, кајакари, сурфери и сите љубители на водени спортови и лудории.

Дополнителни фактори се нечисти води и микротрауми во ушните канали пред сè предизвикани од лошо направената тоалета и лошите навики за чешање и чистење со какви не соодветни и несоодветни алатки.

Ушниот восок или церуменот е нормален продукт на церуменските жлезди. Тој има заштитна (антибактериска и антигабична) улога и го штити каналот и ушното тапанче од влага, а ушните влакненца го штитат од ситни честички на прашинки.

Хигиенските стапчиња се најчеста причина за набивање на церуменот. Заробената вода во ушниот канал е одлична средина (влажно, топло, темно) за развој на бактериски и габични инфекции.

Пецкање и сврабежот во увото се првичните знаци, а осетот за притисок во увото со ослабен слух и силна болка која може да се пропагира кон лицето, главата и вратот е оптимален аларм за да се побара докторска помош.

Пливачкото уво е излечива состојба без последици, но со правовремена и соодветна постапка.

Основната филозофија во превентивата е одржување на суво уво и избегнување на сомнителни или загадени води. Сува тоалета со тапкање со сува крпа со претходно зафрлање на главата на страна па дури и потскокнување е препорачана постапка, а секакво агресивно буричкање во ушните канали е само провокација за воспаление.

Употребата на какви не специјално дизајнирани капици, тампони или тапи колку и да се незгодни вршат одлична механичка заштита. Пливачките капи се сосема доволна заштита, а употребата на маслиново масло дополнително го намалува престојот на водата во ушните канали, се разбира пласирани пред водените уживања.

Готов производ со специјална капалка се наоѓа како VAXOL-TM, а стар и веќе ретко употребуван трик се памучните тампони со вазелин.

Употребата на голем број на капки како превентива од евентуална инфекција од секогаш биле популарни (Swim-EAR, oto aqva acida и др.). Во основа 3-5 капки на раствор направен од бел оцет и алкохол во однос 50:50 ja врши истата антибактериска и антигабична заштита (кај деца препорачан е раствор на бел оцет со дестилирана вода исто во однос 50:50). Овие капки или раствори се ставаат веднаш после престојот во вода.

Сите предложени превентивни опции секако ќе ви помогнат во реализацијата на Вашите летни аутдор шеми.