Опреми се за на велосипед во зима

Во текот на последниов период се дигна вистинска врева околу фамозното „возење велосипед во зима“, а дека истото е секојдневие и во далеку постудени градови од нашите е факт. Единствено што треба да направите е правилно да се опремите, како вие, така и вашиот љубимец и да ги завртите педалите. 

Впрочем и денешната Критична маса во Скопје ќе вози под мотото „Не, не ми студи“ со цел да се скршат сите оние замрзнати размислувања и искривени перцепции за користење на велосипед во ова годишно време без разлика дали е тоа за превоз или за спортување.

Во оваа статија накратко ќе напишеме неколку пасуси за тоа како правилно треба да се опремите и вие, но и вашиот велосипед за зимско движење низ градот од аспек на превоз, а не спортување.

Опремете го вашиот велосипед 

Понекогаш снежните и замрзнати услови на патиштата знаат навистина да претставуваат проблем за велосипедистите, меѓутоа нема ништо страшно во возењето на вакви услови. За олеснување, она што можеби треба да го промените кај вашиот велосипед се гумите.

Исто како кај автомобилот, шарката на различните типови на гуми може да направи голема разлика кога се вози во снежни и замрзнати услови па затоа ако имате можност и ако локацијата т.е. временските услови изискуваат вакви промени, направете го тоа. Инаку сосема без проблем можете да си поминете и со вашите обични гуми само што треба да внимавате на лизгањето кое може многу лесно да се случи.

Дополнително, браниците или калниците (стандардни кај градските велосипеди) се задолжително парче опрема бидејќи ќе се направите лом од  околниот раскашавен снег, водата која често се собира на патот итн.

Она што е поважно е како да се облечете и опремите себеси

Како што се облекувате за секојдневните активности така облечете се (или дотерајте се) и за на точак, единствено ставете плус некој слој на поткошула или ѕиври под облеката кои ќе ви дадат дополнителна заштита. Инаку со самото вртење на педали ќе го сузбиете студот многу бргу, а доколку сакате можете и да се загреете пред самиот старт. Мала физичка активност, неколку чучнувања и размрдувања ќе ве загреат сосема доволно за безгрижен старт.

Ракавиците се задолжителни (иако во Амстердам во шема е да се вози без ракавици и тоа со едната рака во џеб) и најубаво е да одберете убави дебели кои ќе ве штитат од студеното време и ветерот. Во опција може да влезат и два пара едни врз други со тоа што долниот би биле некаква потенка варијанта.

Оние што се нежни на лицето и немаат брада можат да си земат заштитна маска, шал или балаклава, а главата е задолжително да ја заштитите со убава зимска капа.

Дополнителни работи за безбедно зимско возење велосипед

Во зима порано се стемнува па затоа вие и вашиот љубимец бидете добро осветлени и означени во сообраќајот.

Возете поспоро и повнимателно отколку што тоа го правите во другите периоди од годината и добро запознајте се со моменталната состојба на патиштата за да не се најдете во некоја незгода поради лизгање или губење на контрола.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија