Посејдон и Јана се во Платонска љубов

Пред некој ден ни стигна порака од Ивана и Ману (AROUND GAIA) кои во моментов се на пат околу светот (локација Костарика) “Еј тука има една наша лепотица на сурф даска” нормално, исфрчеа контакти и оп, ете ти ја Јана Лозаноска. На Јана, седната под палмите со сламка во устата, разладувајќи се со кокосова вода не може да и се постават прашања, затоа што типката е во постојана медитација. Решивме да и дадеме лист хартија, да пише, раскаже, што и е на срце, се со цел да Ви ја доближи нејзината страст за океанот, животот и спортот.. 

“Океанот ме повика”

Пред четири години за првпат пробав сурфање во Хозгор, Франција. Веднаш го почувстував како повик, иако воопшто не беше ниту лесно ниту едноставно. Еден од другарите таму ми рече: ‘тренирај за да возиш тунел од бран’ и тоа некако како мантра ми се заврти…Оттогаш постојано мислев на океанот и некако се визуелизирав себеси сурфајќи, кон крајот на 2012 едноставно се спакував и заминав на океан најпрво во Фуертевентура ниту знаев каде ќе преспијам, ниту што ќе работам.

Потоа патот ме однесе во Доминиканска Република се разбира поради океанот, но, таму најнапред продавав некакви пакети по хотели и после учев и работев масажа нешто што отсекогаш сакав да го научам и работам. Учев од руски мастер кој во своето работење има комбинација од неколку методи. Некое време откога се стекнав со физичка спремност и вештина, работев и спортски масажи. Масирав сурфери, боксери, на неколку наврати го масирав Алекс Гарсија, од УФС, и мотокросери кои се напреварувачи.
Моментално живеам во Костарика, каде покрај сурфањето правам докторат по меѓународно право на ООН Универзитетот за мир, овде. Хахаахаа нешто сосема различно од масажата, иако од време на време го работам и тоа.

Во Фуертевентура земав часови во локалната сурф школа со една сурферска легенда од Чиле, чиј пристап кон сурфањето е повеќе пристап како кон борбени вештини, за разлика од сите нови сурфери кои некако гледаат на сурфањето како тренд, мода. Тој ми ја пренесе својата филозофија кон сурфањето, иако таа некако беше во мене отсекогаш. Можам да кажам дека дефинитивно има сличности со борбени вештини, од искуство како некој кој во детството се стекнал со кафен појас во карате, но единствената разлика е што однапред знаеш дека океанот е непобедив. Едноставно е така, можеш да поместуваш граници секојдневно како воин, чекор по чекор, но на крај океанот е тој кој што го има главниот збор, и тоа е еден вид почит кон него.

Претставува почит кон мастер, учител. Океанот е непресушен учител, секој ден учи нешто ново, нормално за оние кои гледаат и слушаат.
Мојот прогрес во суфањето можам да кажам дека оди споро, но тоа е сосем нормално, затоа што сурфањето се смета за еден од најтешките спортови. Треба голема физичка подготвеност. Како личност родена меѓу планини мојот првичен контакт со океанот резултираше во огромен страв. Страв од неговата сила и моќ. Ми требаше доста време, не да го победам овој страв туку да го прифатам и претворам во почит. Сеуште го имам но кога условите се поголеми, односно брановите се поголеми, и ја надминуваат мојата спремност. Тренирам скоро секојдневно, затоа што сурфањето бара секојдневна пракса вежбање, ако се сака напредок.

Помалите бранчиња ги сечам со леснотија сега, средните исто така, некоја висина колку мене, но сеуште не сум статсала до фаза каде ќе возам големи бранови….мислам за тоа требаат многу услови…подготвеност во смисла на долгогодишна секојдневна пракса и еден вид на опуштеност.За мене сурфањето е еден вид на активна медитација, кога ќе влезам во вода мојот ум е единствено фокусиран и присутен во моментот, дали е веслање, или нуркање под бран или пак возење на бран. Сум имала неколку ризични ситуации, како на пример океанот ме држеше еднаш на дно, мене ми изгледаше вечност тоа најверојатно трааше 30 или 40 секунди, додека масивни бранови од 3 метри се кршеа на мене, тогаш мислев ќе се удавам. Имав болки во грлото неколку дена после тоа. Еднаш ми се скина осигурувачот од силата на бранот и даската за сурфање ми се откачи, а јас бев далеку од брегот. Во океан најопасни се струите, поготово во Пацифик, капачи се дават и ако влезат до половина затоа што наеднаш rip current ќе ги однесе далеку од брег… сурферите овие струи ги користат да влезат подлабоко во океан, но да се најдеш далеку од брег без даска за сурфање, а условите се сериозни со поголеми бранови и многу струења е ризично.

За среќа тогаш успеав да испливам со брановите до брег, но имаше и други сурфери кои ќе ми помогнеа ако не можев. Затоа секогаш се сурфа каде што има луѓе затоа што не знаеш што може океанот да донесе, и тоа се менува во миг. Еднаш ме прободе ража, болка која до срце пулсира. Ногата почна да ми се парализира до колено, за среќа еден локалец веднаш ми ја стави во вода која врие за да излезе отровот. Така, имав болки уште некое време, ама добро поминав за разлика од други случаи, најверојатно зошто ражата најверојатно беше мала.

На многу наврати додека сурфам сум видела ражи, како скокаат, тоа е пракса на мажјаците пред парење, неверојатна глетка е. Не е многу познато но ражите се одлични сурфери, исто така. Неколку пати сум видела китови во близина на плажите каде што сурфаме.

Под вода разни видови риби, а овде во Костарика за време на дождливата сезона виножитата се магични, поготово од перспектива кога се наоѓаш во океан…магично е…Околината исто така тропска, и е прекрасно кога се наоѓаш во океан и можеш сета таа тропска и егзотична убавина од овој аспект да ја видиш….и, така скоро секојдневен тренинг, медитација да стасам еден ден да возам тунел од бран тогаш ќе можам со гордост да кажам дека сум единствената Македонка која возела тунел од бран..

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија