Наслов

Облечи се соодветно за зимски активности

Зимските услови знаат да бидат специфични кога во прашање се подолгите престои во природа каде што потребно е на себе да имате соодветни парчиња облека за во исто време да се остане сув, но и да не замрзнете. Облекувањето во слоеви е темелот на соодветното облекување во зима, единствено треба да знаете како точно тоа да го направите и кога да почнете да „лупите“ од слоевите.

Трослојниот начин на облекување е погоден за повеќе зимски активности во локации каде што температурите се под нулата, но не и далеку под нејзе (зборуваме за арктички температури). Овој принцип на облекување како што и самиот кажува се состои од три слоја на облека кои се потребни да имаат соодветни карактеристики за целосно да ве заштитат од надворешните услови, но и да ви направат да се чувствувате удобно додека сте во природа.

Самата идеја на овој начин на облекување е да се остане со онолку слоеви на себе колку што ви се потребни за активноста која во моментот ја практикувате и за условите во кои се наоѓате. Со ова би ги изблгнале двата најголеми непријатели на удобноста во зима, потта и студот. 

Облекувањето во слоеви ви дава флексибилноста за брзо реагирање при промена на температурните услови кои може да се случат од надвор, но и од самото тело, од внатре. Единствено што треба е да имате на себе е облеката која е потребно да задоволува одредени критеримуи и карактеристики.

Прв слој (базен слој / base layer)

Ова е слојот што директно доаѓа во контакт со вашата гола кожа. И запомнете - нема ставање поткошули, маици или било што под или над него бидејќи така се губи неговата функција, а тоа е способноста за брзо сушење. Втора работа што треба да ја запаметите е тоа што тој во никој случај не треба да биде изработен од памук. Памукот е најлош избор во овој случај бидејќи тој не се суши за жива глава. 

Најдобар избор на матерјал за овој слој е волната која во модерните поскапи изработки најчесто доаѓа од мерино овца. Волната поседува најдобри карактеристики за овој слој, таа ја впива потта, брзо ја транспортира на надворешниот слој од поткошулата и бргу се суши што е екстремно важно. 

Втор избор за ваквите слоеви се оние кои се изработени од синтетички материјал. Иако во подредена позиција во споредба со волната, овие парчиња облека се далеку подобар избор од памукот. 

Среден слој (полар / midlayer)

Ова е слојот кој што прави најголема изолација на топлината од вашето тело. Средните слоеви се најчесто изработени од синтетички материјал и во зависност од нивната дебелина тие може да ви послужат за активности како скијање (каде ви треба подебел) или за одење, качување (каде ви е потребен потенок слој). 

Иако изработени од синтетика овие парчиња во себе имаат карактеристика на дишливост која што е многу важна за пренесување на пареата од вашето тело и првиот слој надвор. 

Надворешен слој (школка/ shell)

Ова е најнадворешниот слој чија главна улога е да ве заштитува од надворешните влијанија како ветер и вода. Производителите уште од времето на Боб Гор немале никакви проблеми со наоѓањето на матерјал кои ќе биде целосно водоотпорен, но долги години (па еве и ден денес) се во потрага по совршениот матерјал кои во исто време ќе „дише“ т.е. ќе ја пушта потта надвор.

На пазарот се наоѓаат многу вакви лесни јакни кои се одлични во спречувањето на водата и ветарот да пробијат во вашиот среден слој, но потребно е истите да дозволуваат барем малку и потта да оди надвор. Распрашајте се повеќе за карактеристиките на јакната и ќе добиете соодветен одговор од човекот што продава ваква опрема. 

Погорните совети за слоевито облекување се соодветни за активности во зимски улови во нашата држава па и онаму каде што термометарот не оди многу ниско. Облекувањето за арктички температури е друга приказна која ќе ја разработиме во друга прилика.

Имајте убави престои во природа и уживајте во зимата!

14 Јануари 2015

За авторот