Час по физичко во Пекинг со македонски инструкции

Марко Секуловски е воспитаник на Факултетот за Физичка култура во Скопје, тренер по карате и бивши репрезентативец во кати. Марко веќе година дена работи во Пекингшката интернационална билингвална академија како професор по физичко воспитување со голем елан и енергија. Тоа е доволна искра за да му направиме интервју и за миг да се префрлиме во Кина.

Кина е повеќе од предизвик, како се случи да работиш таму?

Кина е навистина големо искуство и предизвик за секого, особено ако имате шанса таму да живеете и работите и малку подлабоко да го почуствувате влијанието на нивната култура и систем. Желбата да работам како професор по физичко воспитување во некое од интернационалните училишта надвор од нашата земја, љубовта према боречките вештини и источната култура ме одведе токму во Кина, Пекинг.

Какви се принципите на работа во школото, дали се имплементираат нови развојни програми или има уште стара „комунистичка школа”.

Принципот на работа во сите интернационални школи е значително поразличен од работата во државните кинески училишта. Самите училишта најчесто следат британска или американска наставна програма за чие спроведување се одговорни наставници од Америка, Британија, Австралија и други земји од целиот свет.

Кога станува збор за физичкото образование и спорт најголемиот дел на интернационални школи во Пекинг земаат учесто во заеднички лига натпревари во најразлични спортови како фудбал, кошарка, одбојка кои се воедно и основни или главни спортови и дополнителни како одбојка, пливање, бадминтон, пинг-понг, soft ball и др.

Со ваква структуираност децата во текот на целата година имаат шанса да се натпреваруваат, активно да учествуваат во најразлични натпревари како дел од нивните школски тимови, бранејќи ги боите на нивните школи.
Во наставата се води сметка постојано да се имплементираат нови и подобри наставни методи и програми, а сето тоа се постигнува со редовно организирање и учество на работилници во рамките на школото и надвор од него каде наставниците од различни области земаат учество презентирајќи свои идеи и методи на учење. Тоа е одлично место за самонадградување.

Какви се инфраструктурните капаците во приватните и во државните училишта кога е во прашање физичкото образовани?

Кога станува збор за инфраструктурата и условите за работа во делот на физичкото воспитување сметам дека тие се подобри од оние во државните училишта. Голем дел на интернационални училишта имаа сопствени фудбалски терени, терени за кошарка, тенис, фитнес центри, затворени базени, атлетски стази па дури и рагби игралишта и терени за soft ball. Сето ова нуди безпрекорни услови за непречено спроведување на наставната програма по физичко воспитување и постигнување на посакуваните цели.

Дали дисциплината отскокнува во споредба со нашите школи?

Ако морам да направам компарација помеѓу дисциплината во школите во Кина и оние во Македонија навистина мислам дека нема да направам добра работа и соодветна компарација со оглед на тоа дека сум немал можност да работам во некое од школите во Македонија.

Сепак природата на наставната програма во кинеските училишта и одредени начини на однесување кои се дел од кинеската култура ми дава простор да кажам дека дисциплината е на повисоко ниво. Не ретко можете да видите како наутро во школскиот двор сите деца се редат во ред и слушаат одредени инструкции од наставиците или пак доколку имате среќа во некои школи можете да имате можност да слушнете како сите со еден глас повторуваат по наставникот. Сето ова ме наведува да мислам дека дисциплината е на високо ниво. Сепак имајте во предвид дека Кина е многу голема и работата во школите може да е различна.

Каков е системот на оценување?

Системот на оценување се разликува од школо во школо во зависност од образовниот систем и програма која се спроведува. Меѓутоа генерално децата добиваат соодветна оцена и писмено известување зошто ја добиле, со што родителите добиваат подетална слика за тоа како напредува нивното дете и доколку постои било каков проблем, од каква природа е истиот.

Каде децата го покажуваат својот талент и кои спортови им се најомилени?

Покрај индивидуалните спортови како бадминтон, пинг-понг, пливање во делот на спортот децата се повеќе покажуваат интерес кон колективните спортови преку кои се работи на подобрување на тимската работа. Голем интерес децата најчесто покажуваат кон стратешките игри како (yuki-ball, capture the flag и др.) меѓутоа тука се, на мое изненадување и soft ball и T-ball и хокеј на мраз.

Иако е интернационално школо, дали имаш допир со нивните државни училишта и што знаеш за нивното физичко образование

Физичкото образование и свесноста за бенефитите од вежбањето е на високо ниво во државните училишта. Сепак поголем акцент се става на индивидуалните спортови и вежби за оформување на телото. Од колективните спортови најчесто е застапен фудбалот и кошарката.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија