Лумбален синдром кај спортисти

Оваа многу честа појава пред сè кај млади спортисти и рекреативци е карактеристична за спортови каде има најголемо оптоварување на долниот или лумбалниот дел од рбетот (пр. гимнастика, активности во теретана, фрлачи на копје или диск и кај сите контактни спортови)

Лошиот дозиран и неправилен тренинг, мускулниот дисбаланс, големи физички напрегања и лошото загревање со неправилно истегнување се најчеста причина за лумбалниот синдром.

Заморот на пара’рбетните мускули и лигаментите во комбинација со силни свиткувања (флексии) и ротации ги оптеретуваат и оштетуваат меѓупршленските дискуси и доведуваат до нивна хернизација (пролапс на дискусот).

Класичните симптоми се карактеризираат со болка во крстот во тек на спортувањето или во комбинација со болки во глутеалната регија и трпнење по правец на некои од ишијадичните нерви т.е. долните екстремитетите.

Болниот синдром може да престане со одмор, но може да трае долго и да се манифестира со спинални или кичмени знаци, како и инклинација на ‘рбетниот столб поради ригидноста и контрактурата на кичмената мускулатура, ограничени и болни движења и ослабена еластичност на карличниот појас.

Знаци и болки се појавуваат поради компресија или оштетување на нервните корени и се препознаваат со трпнење по патиштата на ишијадичните нерви, моторна слабост, мускулна слабост, оштетен сензибилитет и редукција на рефлексите.

Се препорачува прекин на сите активности доколку дојде до појава на било кои од горе спомнатите симптоми, со мирување во таканаречената Вилијамсова положба која доведува до комплетно растеретување на лумбалната сегмент (лесна флексија во колената со малку подигната глава, со поддршка од перница или ќебе). Ваквото растеретување спорадично треба да трае најмалку 24 часа и зависи од интензитетот на повредата.

Во секој случај, коректната дијагностика вклучува неуролошки преглед со електромиелографија и рентген дијагностичка процедура која вклучува магнетна резонанца и компјутерска томографија. Медикаментозната терапија секогаш треба да биде препорака од доктор, а вклучува аналгетици, антиреуматици, кортикостероиди, мускулни релаксатори па дури и опијати.

Кинезитераписките процедури со соодветни изометрички вежби во кревет од групата –Реганови вежби доведуваат до локална стабилизација на кичмениот столб поради мобилизацијата на други мускулни групи.

Физикалните терапевски методи се дополнителни препораки, а неуспешноста на терапијата и прогресијата на состојбата е индикација за хируршки третман.

Лумбалниот синдром е сериозен проблем кој треба адекватно да се лекува, но и целосно да се излекува бидејќи може да доведе до ран инвалидитет.

Малите или минорни повреди, но недоволно и лошо третирани се најчеста причина за големи или сериозни повреди од ваков карактер.