Кој има дилеми за секс пред натпревар?

Ако мислите дека една најнормална секс партија негативно ќе влијае на вашата енергија за било каква спортска активност или натпревар, размислете колку „подобри” резултати ќе извадите без неа.

За еден удобен секс, со постојан партнер/партнерка без докажувања, егзибиции и без додатни стимуланси, организмот троши околу 200 калории. Ако мислите дека овие убаво изгубени 200 калории сериозно ќе го нарушат Вашиот енергетски буџет, тогаш вие или сте неспремни за натпревар или имате некој телесен проблем. Сето друго е психолошка игра. Нема физиолошки докази дека сексот ден пред спортски натпревар влијае негативно врз спортските перформанси (издржливост, моќ и сила).

Митотот за сексуалната апстиненција како алатка за подобри спортски резултати е производ од недостаточни физиолошки познавања во минатото. Старите Грци верувале дека спермата содржи цереброспинална течност, а во традиционалната кинеска медицина таа е божествена енергија.

Сите верувале дека силата и моќта е во спермата и колку повеќе таа се задржува во организмот толку е поголема моќта на спортистот. Во минатиот век главна шема за сексуална инхибиција беа супстанции кои ја намалуваа еректилноста и желбата за секс (калиум нитрати, бромни соединенија и др.) сè со цел да се задржи концетрацијата на тестостеронот како машки хормон двигател на мускулната моќ и сила.

Но, науката дефинитивно докажа дека подолгите сексуални апстиненции драстично го намалуваат нивото на овој природен анаболик (хормон), а сексот го стимулира неговото производство.

Максималната аеробна сила во сите студии мерена пред и по сексуални активности не покажува разлика. Спортистите имаат поголема концентрација, самодоверба, но и почит кон сопственото тело како клуч за успех на спортско поле.

Дури и во далечната 1978 година Холандската фудбалска репрезентација на Светското првенство во Аргентина беше второ рангирана и беше сензација можеби и заради тоа што во нивниот кампус беа и нивните сакани сопруги и партнерки.

На овој начин беше избегнат менталниот замор кој е поопасен и од физичкиот. Меѓународниот олимписки комитет се надоврзува на научните сознанија и минатата година на Олимпијадата во Лондон дистрибуираше 150.000 кондоми.

Приказните за сексот ден пред натпревар се одлична анти стрес терапија и добар релаксатор кој обезбедува мирен сон. Сексуалните активности после натпревар се силен телесно-ментален релаксатор и препораките се јасни.

Психолошкиот ефект на сексот врз било каква спортска активност е Ваш и само личен проблем. Ако мислите дека сексот ќе ве релаксира и одмори тогаш нека ви биде дел од вашата спортска агенда , а ако мислите дека ќе ве испразни тогаш пазете се.