Како можете да настинете од вежбалната

Во соодветниот период на мал милион настинки ви ги покажуваме можните патишта и начини на кои можете да настинете доколку трошите премногу време во теретаната или спортската сала.

И да, можно е да фатите некоја настинка поради тоа што трошите премногу време во теретаната иако сте заштитени од надворешните фактори, па дури и ако не претерувате со вежбањето. Едноставно, вежбалните се места каде што циркулираат повеќе луѓе, па заедно со некои од ефектите на вежбањето врз имуниот систем лесно е да се фати некој вирус.

Во продолжение ги пишуваме основните механизми и патишта на намалување на имуниот систем и фаќање настинка токму во вашата вежбална.

Прекумерното тренирање го супримира имуниот систем

Вежбањето е докажано дека позитивно влијае врз имуниот систем на човекот, но ако распоредот на вежбање ви е пренатрупан и вежбате прекумерно одбрамбената способност се намалува. Ова особено се случува кога тренинзите се долги и со висок интензитет. 

Студиите покажале дека тренирањето 90 минути или повеќе со висок интензитет го супримира одбрамбениот систем и го остава организмот поранлив на настинки и инфекции. 

Вежбањето го намалува нивото на аминокиселината гултамин

Глутаминот е најважната аминокиселина за изградба на нашите мускули која исто така игра важна улога и во одбрамбениот систем на човекот. Кога вежбате (особено силов тренинг) оваа аминокиселина се троши од мускулите, па затоа прекумерното дигање на тегови може да ве остави го остави имуниот систем на „пола копје“, а вие да завршите со настинка. 

Од исклучителна важност е и оброкот после ваквиот тренинг кој мора да ги надополнува протеинските резерви со што и одбрамбената функција се враќа во нормала.

Топло-ладно

Често во вежбалните владее висока температура, а и ние самите сме доста загреани откако ќе влеземе во шема, но промената на температура која се случува кога ќе искочиме за накај дома може да биде причина за настинка. Затоа, од исклучителна важност е добро да се заштитите на градите особено ако сте испотени или искочени од под туш. 

Изложени сте на повеќе микроорганизми

Теретаната е едно од највалканите места кое што го посетувате и тоа е нормална работа поради тоа што во неа циркулираат многу луѓе кои се потат и ги оставаат микроорганизмите од нивната кожа по справите и просторот.

Затоа, важно е соодветно да се заштитите со тоа што ќе користите своја чиста крпа за време на вежбањето, ќе си ја бришете потта од справите, туширајте се после секој тренинг т.е. одржувајте целосна хигиена. 

Од друга страна, персоналот на вежбалната потребно е секојдневно да ги одржува справите и просторот во соодветни хигиенски стандарди.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија