Како да го исчистиш бидонот?

Во идеалното сценарио вашиот бидон би требало да е испразнет, исчистен и исушен по секој завршен тренинг. Сепак најчестата приказна е потполно заборавен бидон кој ќе го чека следниот тренинг, а за тоа време ќе биде одлична подлога за лоша миризба и мувла… 

Ако се бавите со трчање, велосипедизам, планинарење, триатлон или некој друг аутдор спорт или активност, бидонот е неизоставен дел од вашата опрема. Доаѓа во разни форми, бои, материјали и го произведуваат насекаде во светот. Корисен е и економичен, но колку од вас знаат да го одржуваат ова парче опрема и дали знаете како да ја решите непријатна миризба на истиот ако веќе сте заборавиле да го исчистите?

Во идеалното сценарио вашиот бидон би требало да е испразнет, исчистен и исушен по секој завршен тренинг. Сепак најчестото сценарио е, потполно заборавен бидон кој ќе остане полупразен во багажникот на вашиот автомобил или пак фрлен со останатиот дел од опремата во некој агол од вашата соба каде што ќе го чека следниот тренинг.

Иако оваа навика на прв поглед ви заштедува време, ваквото постојано заборавање на бидонот може да биде плодно тло за создавање на мувла и непријатна миризба која понекогаш ќе ве донесе и до гадење или повраќање, особено ако на претходниот тренинг сте користеле изотоник.

Значи, секогаш држете се до правилото вашиот бидон да е празен, исчистен и сув по секој тренинг, а во случај веќе да сте заборавиле да го направиле тоа, еве неколку совети кои ќе ви помогнат да го доведете бидонот во перфектна состојба:

  • Испразнете го бидонот од она што останало во него. Додадете нова млака вода и малку сода бикарбона, оставете да отстои, потоа со силен млаз исчистете од насобраната мувла.
  • Наполнете го бидонот со топла вода и протресете, па исплакнете со ладна вода. Повторете ја постапката неколку пати.
  • Наполнете го бидонот со топла вода и додадете во него половина кафена лажичка белило и две супени лажици алкохолен оцет. Затворете, протресете и оставете да стои триесетина минути.
  • Една од опциите за чистење е на бидонот е и лимонов сок. Киселината од лимоновиот сок ќе ја нагриза насобраната нечистотија и ќе ја отстрани непријатната миризба.
  • Ако пак немате доволно време за да ја правите целата оваа постапка, или пак времето меѓу два тренинзи е прекратко , тогаш испразнете го бидонот и поставете го во замрзнувач половина час. Ниската температура ќе го спречи развивањето на мувла.

Која и техника да ја одберете, секогаш завршете со детергент и четка, особено обрнете внимание на капакот и системот за пиење. 
Ваквото чистење на бидонот и негово одржување е идентично и ако имате понова верзија на бидон кој има анти-микробен слој. Ако ниедна од горенаведените предлози за чистење на вашиот бидон не донесе резултат, веројатно е време за нов.

 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија