Целзиусите и теретаните

Топло е намали, нема сипаници да лечиме / Намали го клима уредот жити сè… Честите флоскули кои го дополнуваат акустичниот простор во нашите теретани, сали и вежбални. Спремајќи го текстов не налетавме на некоја регулатива од домашно производство, па затоа прашавме правници кои ни рекоа дека и тоа постои, но можеби не е обесено на интернет, нејсе…

Секој со својот план и од свои причини стапнува во фитнес клуб, некој да ослабне друг да стави мускул, трет да му помине времето, да се размрда и да си направи муабет.

Оптималната температура за вежбање во еден фитнес клуб има главна улога во тоа како ќе се чуствувате за време на вашиот активен престој. Термометарчето закачено на ѕид е важно за постојано да ја контролирате температурата, па затоа, доколку сте сопственик на фитнес клуб, не заборавајте да го поставите и притоа полесно да ја регулирате температурата во просторот.

Облеката што ја носите и активноста што ја правите (кардио, тегови, изометрија) за време на вежбањето исто така игра улога за тоа дали ќе ве фати с”клет или ќе ви биде пријатно.

Вентилацијата и изборот на грејните тела како и уредите за разладување, нивната поставеност во просторот и хомогена дисперзија на топлината и ладниот воздух е важно затоа што не е сеедно дали ќе вртите на статичен велосипед 45 минути со испотена памучна маица (затоа што претходно сте правеле тежински тренинг) и еркондишнот е така поставен што ви дува во врат, а далечинското за климата го нема никаде (го голтнал некој кога му паднал шеќерот).


Ама сигурни сме дека ќе ве интересира – Шо е теретанска култура според Паљото 


Стандардите поставени од Интернационалната Фитнес асоцијација се следните. За простори во кои се изведува аеробик, пилатес, тежински тренинг и кардио температурата на воздухот треба да изнесува од 18 до 20 целзиусови степени при влажност на воздухот од 40% до 60%. За јога часови просторот треба да биде за нијанса потопол, максимум до 26 степени, а просторот каде се наоѓа базенот од 20-25 целзиусови степени со влажност од 40% до 60%. 

За да се чувствувате пријатно во вашиот фитнес центар освен температурата важен е и звукот. Иако повеќето сте закачени на слушалки еве отприлика како треба правилно газдата да појача или да намали. Според законските регулативи во Европската унија во простори за рекреирање може да се емитира звук од 70-80 децибели. Сè зависи од типот на активност… ако има спининг час или зумба може да грмнете и до 97 децибели, но само на пократок временски период.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија