Активно на плажа, не само по лежалки

Кај и да е ќе цапнете на некоја плажа со врел песок, си иде периодот и за тоа. Сте работеле или учеле вредно и сте го густирале секојдневието како редовна маренда вo војска и сега со нетрпение ги чекате своите заслужени денови одмор. Но што ако сте од оние кој од лежење на лежалка не гледаат многу аир. 

Полни сте со енергија, станувате порано и концептот испружен на пешкир и брцни се во вода за да се изладиш не ви е од омилените. Ако сте од динамичната рода тогаш подгответе се да поминете активно на кое и да е крајбежје.

Сигурно ќе препливате значителна метража, сурфате, гњурите, вртите педалинка или веслате кајак, сепак повеќе од времето ќе бидете на плажа. А тоа време освен со порачување коктели и мачкање на заштитни креми можете да го исполните со некој интересни активности па затоа гледајте да се опремите навреме со се што ви е потребно. Еве ви неколку примери како индивидуално или групно да си ги задоволите спортските страсти. Сакатe да останете во форма, да се забавувате и да го исполните со содржина долгиот летен ден.

Јога на изгрејсонце, одличен почеток, тивки далги, мирис на школки, песок, длабоко дишење, енергии и мир. Почнете со “поздрав на сонцето” а при крајот можете и да завршите малку поинтензивно со “power yoga”, сè што ви е потребно е посталка или крпа.

 

Џогинг на песок е одлична опција за кардио, избегнувајте ги попладневните часови и правете го тоа наутро, ако сакате да го направите пред зајдисонце, запомнете дека доколку сте биле подолго време на интензивно сонце дека телото е дехидрирано, и пред да правите било какво кардио хидрирајте се. Оваа активност е рамна на медитација, особено наутро на празна плажа. Ако сакате да малку поинтензивно, навлезете во подлабок песок и пулсот ќе си го каже своето.

 

Фризби е нешто што ќе ве направи да се чувствувате како дете, одлична комбинација за во пар. Ако сте со партнерот на некој романтичен палмест предел, задолжително фризби, ќе ве освежи и раздвижи со сигурност како загревање за многу други работи. Малку скокови, нагли движења и прецизност. Купете фризби!

Ако сте поголема група на пријатели и си се дружите до коска, тогаш освен што ќе пиете ладно пиво ќе треба негде и да го испотите. Како што е редот тука е фудбалот на плажа. Потребна ви е топка, не ви препорачувам големина 5ка, земете си 4ка ем е помала ем полесна, а ако не можете да најдете, одбојкарската топка ќе ви заврши работа.

И одозгора на се, ако игрете во гајба, тогаш земете си ластик оној белиот, тенкиот, чисто за да за да одбележите поле, ќе ви бидат потребни и клинчиња за шатор за да можете да го прицврстите ластикот. Стативите се знае, стандардно забиена апостолка.

Мераклии сте на рекет, тенисот ви е во крвта и она што можете да го искомбинирате на плажа се неколку опции, бадминтон, спидминтон или оние безброј рекреативни варијанти на дрвени и пластични рекети со гумено топче. Доколку имате можност да набавите сет за спидминтон, не му ја мислете, одлична комбинација од сквош и бадминтон. Супер за динамични и малку по вешти со раката типки и типци.

 

Влечење со јаже, нешто идеално за другарски чопори, смеење, сериозна работа со бецепсот, подлактицата и нозе, кладби, смеење и супер атмосфера, 10 партии и сте го стопиле доручекот. Тешко ќе биде да набавите оргинално јаже за оваа намена, но можете да импровизирате со било кое подебело статичко јаже, а за тимови од по 4 луѓе доволно ви е 20 метри должина. Внимавајте на дланките, да не бидат ко после копање!

Доколк сте решиле да извадите некој мускул на површина, силовите вежби со сопствена тежина ќе ве тонизираат соодветно за нанесеното масло за сончање да има одличен ефект. Згибови на вратило, склекови, клекнувања и безброј вежби од овој тип се секогаш во игра. Доколку сакате нешто по профи и кул TRX е одлична и едноставна направа за симулација на многу справи од вашиот фитнес, погоден за да го закачите секаде, на дрво или висока ограда, лесен е за транспорт и ќе се заљубите во него на прв поглед.

 

Плажа без одбојка на плажа е помалку возбудлива прикаска, особена ако девојки ја играат, па така може дури и да нема соодветна мрежа можете да потренирате техника со додавања и прием и да се раздвижите. А доколку концесионерот поставил, спремете се за турнир и бидете секогаш спремни за добра забава, спорт и пред се активен одмор.

 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија