7 придобивки од редовната физичка активност

Ако подобрениот сексуален живот Ви е најдобрата провокација за редовна физичка активност, тогаш сите други ќе ви бидат богами добар бакшиш.

Добитната комбинација е седмица, а ако имате уште некоја придобивка нека ви е на здравје.

ПОДОБАР СЕКСУАЛЕН ЖИВОТ
Добрата кондициона форма и добро оформено и стокмено тело кај обата пола буди желба за сексуална активност. Физичките активности ќе ги разбуричкаат и освежат со кислород и хранителни елементи и најзаспаните сексуални ќелии.

Во одредени случаи фригидноста и еректилната дисфункција кај мажите може да се анулира. Добрите телесни перфоманси лесно ќе ги реализираат вашите сексуални фантазии, а вашата самодоверба ќе се препознава во секој ваш потег.

ПОДОБАР ЕНЕРГЕТСКИ БЕНЕФИТ
Редовните физички активности па дури и обичните рекреации ја подобруваат мускулната издржливост. Прокрвеноста на огромната маса на мускули ги повлекува сите системи да работат на повисокo ниво сразмерно со потребите. Добар енергетски бенефит е предуслов за добар метаболен баланс со оптимална елиминација на крајните метаболни продукти и токсини.

ПОДОБРО РАСПОЛОЖЕНИЕ
Оптималниот препорачан минимум од получасовна доза физички активности ќе ве воведе во толпата на среќни, расположени и насмеани луѓе. Добар кондиционен капацитет ќе ги тргне сите несакани симптоми на мрзливост, безволие и изгубен интерес за основните животни убавини. Насмевката ќе биде дел од вашето препознавање. Само после неколку седмици на редовни тренинзи ќе бидете навлечени на силните хормони на среќата и ќе бидете добар зависник од кои тешко ќе се отарасите.

ПОДОБРО ЗДРАВЈЕ
Зголемените физички активности сигурно ќе ви помогнат да спречите, но и да лечите одредени по живот загрозувачки состојби. Мозочниот инсулт, метаболниот синдром, кардиоваскуларните заболувања и дијабетот, артритисот, канцерот, како и редица други со кои едноставно можете да се разминете. Оптималниот физички стрес е безопасна и сигурна вакцина која треба да ја примиме доволно рано за да ни биде одлична превенција за долг и квалитетен живот.

ПОДОБРА КОНТРОЛА НА ТЕЛЕСНАТА ТЕЖИНА
Никогаш нема да наоѓате маана на вашиот домашен кантар и да арчите пари по дигитални ваги ако во вашето мени се континуирани физички активности. Ако одите во вашата омилена теретана користејќи лифт во било кој правец за да не се заморите, бидете сигурни дека правите голема грешка. Што повеќе интензивни активности, толку повеќе согорување на масти.

ПОДОБАР СОН
Подобар и сигурно најевтин лек за несоница од континуирана доза на физичка активност нема. Квалитетен и длабок сон е сон на секого. Компензацијата на напорен и стресен работен ден со доза анти-стрес терапија (пр. 30мин. фитнес процедура) е добра и здрава навика. Добриот сон ќе ви биде гаранција за добар ден. Мамурните денови ќе ви бидат резервирани од друга етиологија.

ПОДОБРА ЗАБАВА, ЗДРАВЈЕ
Спортските активности и рекреацијата се најдобра алатка за опуштање и уживање. Дружењето со партнерот, блиските од семејството и пријателите е одличен социјален бенефит. Насмевката од вашето лице ќе биде ваш имиџ и одлика на добро и позитивно расположение.

Никогаш не е доцна да го почувствувате благодетот на редовните физички активности. Доволни ќе ви бидат триесетина минути на ден или 2-3 посети во некој фитнес центар неделно или доколку сакате да се ценкаме ќе се испазариме и со 10-12 км/неделно во 3 дози, како сакате.

Ако пак не сте конзументи на овие активности, сериозно треба погледнете во себеси и да увидите кој е проблемот со таквиот начин на живот!