Трчање на песок – Активни и на одмор



Годишните одмори за најголем дел од луѓето подразбираат комплетно препуштање на задоволствата и награда за минатиот труд. Сепак една малку помала група на „зависници” нема да издржи 10тина дена без никаква активност. Токму за нив, идеална замена за стандардниот тренинг е трчањето на песок. 

Оваа наизглед лесна и забавна игра, во суштина е и тоа како корисна и напорна вежба која ако правилно се практикува може да ви донесе многубројна корист.
Она што го прави трчањето по песок така специфично е токму тоа – подлогата, односно песокот.

Трчањето по песок има многу помал степен на триење за разлика од вообичаените асфалт или земја, а тоа значи дека вашите колена и зглобови ќе бидат многу поактивни, како и мускулите кои делуваат како стабилизатори, а кои во секојдневните тренинзи недоволно се користат.

Оваа вежба позитивно влијае врз изградбата на сила, издржливост и аеробниот капацитет, помага во зацврстување на мускулите на трупот, заради невозможноста да се гази на пета позитивно влијае врз техниката на трчање (зголемена каденца, се скратува времето на допир со тло) и ги развива листовите на нозете, троши повеќе калории, а исто така има и докажано терапевтско влијание врз човековата психа.


Сигурно ќе ве интересира – СОВЕТИ ЗА ТРЧАЊЕ НА ПЛАЖА


Почнете со 15тина минути дневно, комбинација од одење и трчање и постепено зголемувајте ја дистанцата и времето. Одберете повлажен песок затоа што е постабилен. Трчајте лесно и секогаш слушајте го своето тело. На крајот секогаш завршете со истегнување, посебно внимание посветете на листовите.

Дополнително, ако сакате нешто повеќе од само трчање на плажа, тогаш ѕирнете ја оваа статија како извор на одлични вежби и насоки. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија