Наслов

Спортувањето станува начин на живеење-Интервју со Златко Јанакиевски

Спортот и вежбањето е сѐ поголем тренд меѓу младите, нивната дневна физичка активност е зголемена, а видливите спортски успеси на наши клубови и репрезентации претставуваат мотивација за потенцијалните идни спортисти.

Бенефитот од рекреативното спортување е голем и разноврсен. Прво се подобрува општата здравствена состојба на организмот. Се регулира притисокот шеќерот во крвта, потоа работата на срцето, се подобрува метаболизмот, се подобрува снабденоста на мозокот со хранливи материи, а со самото тоа и се зголемува концентрацијата и успешноста во работењето и уште многу други здравствени и телесни функции.

Заради горенаведените причини, во ова интервју разговараме со Златко Јанакиевски, индивидуален кондиционен тренер на многу професионални спортисти но и рекреативци.

Колку време се занимавате со индивидуални кондициони тренинзи на професионални спортисти, а колку на спортски рекреативци? Имате ли соработници или работите сам?

Веќе 22 години работам индивидуално со спортисти. Со некои за подобрување на нивната физичка подготвеност или некои елементи од физикалиите, а со еден добар број досега сум работел околу нивното враќање на спортските терени после повреди или операции. Последниве 4-5 години имам двајца млади соработници кои веќе се длабоко навлезени во оваа работа и за кои можам да кажам дека се одлични тренери . Тоа се Милош Милошевски и Марија Јанакиевска. 

Како изгледа еден тренинг, и каде се одржуваат вашите тренинзи?

Тренинзите се одржуваат на кејот на Вардар- наспроти хотел Александар Палас. Има тренинг претпладне и попладне- според тоа кој кога може. Тренинзите траат од прилика час и половина. Разноврсни се и доста интересни. Користиме разни помагала како ластици, јажиња, дел од справите на кејот – сѐ со цел тренинзите да се разновидни и интересни. Повремено одиме на полесни еднодневни или дводневни планинарења. Сме биле на Водно, во Крушево, на Чеплес, Козјак итн. Сметаме дека дружењето надвор од тренинзите, при еден ваков поинаков вид на физичка активност само може да го зајакне колективниот дух и тимската работа, а истовремено гледаме дека тоа е одлично прифатено и им се допаѓа на сите.

Колкав е интересот кај рекреативците за ваков тип на тренинзи? Дали сметате дека кај денешната младина се јавува позитивен тренд во вежбањето?

Од досегашното искуство со овој профил на луѓе- рекреативни спортисти- сосема јасно е дека овој начин на тренирање и спортско дружење е одлично прифатен. Што се однесува пак на тоа дали младите се повеќе рекреативно тренираат одговорот е дека во последниве 4-5 години тоа станува начин на живеење, ги има се повеќе од ден на ден што секако е многу позитивно. Убаво е кога ќе видите луѓе како трчаат или вежбаат, луѓе кои се гледа дека се грижат за своето здравје и за своето тело.

Каква е користа од рекреативното спортување и дали дава резултати и кај луѓето со прекумерна тежина?

Бенефитот од рекреативното спортување е голем и разноврсен. Прво се подобрува општата здравствена состојба на организмот. Се регулира притисокот шеќерот во крвта, потоа работата на срцето, се подобрува метаболизмот, се подобрува снабденоста на мозокот со хранливи материи, а со самото тоа и се зголемува концентрацијата и успешноста во работењето и уште многу други здравствени и телесни функции.

Што се однесува пак до луѓето со повеќе килограми- комбинацијата на рекреативно спортување и контрола и избор на храната се формула за намалаување на килограмите.Но ова би требало да е контролирано од стручно лице за да не доведе до несакани последици дали заради вежбањето или заради храната.

Колку тренинзи во неделата се потребни за просечниот млад човек за да ја одржува својата форма?

Па според истражувањата кои ги правеле доктори кои се занимаваат со таа проблематика 5 рекреативни тренинзи во текот на неделата се бројка која има одличен удел во зачувувањето и подобрувањето на здравјето. Тие велат дека два тренинга неделно се шок за организмот, три се на граница на делотворност, четири тренинга неделно е во ред но сепак велат пет или шест тренинга неделно е идеално. Тогаш ефектите од тренирањето се видливи во секој поглед- и здравствениот ефект и визуелниот ефект.

Дали давате совети за исхраната? Сметате ли дека треба да постојат посебни режими/диети за луѓе кои се занимаваат со спорт или пак ја застапувате страната која вели дека буквално секоја храна му е потребна на организамот во одредени количини?

Да- секако дека даваме совети за храната , поготово за оние кои сакаат да ја намалат својата тежина, но не сметаме дека тоа треба да бидат некакви тешки диети или нешто посебно. Едноставно треба од менито да се исфрлат некои јадења кои се повеќе штетни за човекот – како мајонезот, пржените јадења, газираните пијалоци и сл.-да се намали количината на оброците и секако да се внесува повеце овошје и салати. Во зависност од тоа што сакаме да постигнеме – се одредува и количината и видот на храната, но секако таа храна треба да биде својствена на нашето поднебје и на нашата национална кујна.

Кога сме кај кондиционите тренинзи кај професионалните спортисти, дали начинот на тренирање се разликува кај различен тип на спорт, или пак кога е кондиција во прашање, програмата е иста за сите?

Секако дека се разликуваат, како што се разликуваат и самите спортови. На пример , фудбалерите трчаат многу повеќе отколку кошаркарите или ракометарите, нивните спринтови се подолги, имаат помалку скокови и ред други работи што го разликуваат овој спорт од другите. За разлика од нив на пример во ракометот има многу повеќе скокови, снажни дуели , а пак во кошарката скоковите доминираат, има силни промени на движењата како и во ракометот и уште многу други разлики. Уште еден многу важен елемент кои ги разликува споменатите спортови е висината на играчите и нивната тежина. Заради сите овие работи тренинзите на спортистите мора и се разликуваат според спортот, местото на кое игра играчот во одредениот спорт, неговите физички предиспозиции , дали се работи за подготвителен или натпреварувачки период, од системот на натпревари ( првенство или турнирски систем на натпревари ) и уште многу други параметри кои ја одредуваат физичката подготовка на спортистите.

Колкав е уделот на физичката кондиција во успехот и добрите резултати кај врвните спортисти?

Од исклучително висока важност. Физички добро припремениот играч може да игра на високо ниво во текот на целиот натпревар, да ја задржи концентрацијата и во последните моменти од натпреварот, тешко или ретко се повредува, мотивот за победа му трае до крајот на натпреварот, лесно ја одржува формата, физичките можности му се секогаш на високо ниво. За разлика од него, физички недоволно припремениот играч лесно се повредува, концентрацијата бргу му паѓа во тек на натпреварот, крајот на мечот го дочекува многу заморен, деконцентриран, често прави грешки кои не би ги правел кога би бил подобро спремен, не реагира и не размислува доволно брзо и слично. Па еве да направиме една споредба. Да ги земеме најдобрите фудбалери или кошаркари од деведесетите години на една страна и една сегашна просечна екипа. Поранешните спортисти се со малку зголемена килажа и физички неспремни иако знаењето им е многу големо. Другата екипа- сегашни спортисти- ќе бидат со поскромно знаење но физички далеку поспремни. Што мислите кој ќе победи? Затоа уште еднаш ќе кажам дека физичката спремност на играчите е од исклучително висока важност за постигнување на високи спортски резултати. Џабе добра тактика и добро технички потковани играчи, ако противникот е подобро спремен физички.

Дејан Манасков е само еден од спортистите на кои сте му помогнале да се врати во форма после повреда. Имате долг список на познати спортисти кои сте ги тренирале – Пеце Наумовски, Ристе Стефанов, Перо Антиќ, Индира Кастратовиќ, Гордана Нацева, Кире Лазаров, Филип Миркуловски... Но, кога спортист ќе се здобие со физичка повреда, понекогаш страда и самодовербата.

Дали со вашите тренинзи успевата да ја вратите и мотивацијата кај спортистите? На кој начин можете да видите дали вашите тренинзи ги дале очекуваните резултати?

Самодовербата е дел од менталниот склоп на спортистот, од неговата ментална цврстина- но секако треба да се поткрепи со цврсти докази дека повредата е минато и со желбата на играчот да се врати на теренот и на неговата игра. Секој прав спортист сака да се натпреварува, да игра натпревари, да е со своите соиграчи, да победува и нема поголема мотивација од тоа. Затоа ние последните неколку тренинзи пред враќањето на спортистот во клубот ги правиме како еден вид на тест – силни и разноврсни тренинзи кои според физичкиот напор ги надминуваат границите на еден натпревар- што ќе го увери спортистот дека е здрав и физички спремен за големи напори. Дејан Манасков тоа го покажа на првиот меч со Пик Сегед каде постигна 6 гола и беше најдобар играч на теренот. Но има и играчи кои иако со тренинзите се убедени дека е се во ред- сепак им треба малку повеќе време целосно да се препуштат на играта. Да кажам дека сега во завршна фаза пред враќање на терените се кошаркарот Ивица Димчевски и фудбалерот Никола Карчев. Нивното враќање во клубовите ќе биде веднаш по новогодишните празници.

Дали сметате дека нашите спортисти се доволно дисциплинирани во тренингот, но и во чувањето на своето здравје и добра форма во текот на целата година, а не само пред големите натпреварувања?

Сигурно и тоа е пресудно во одржувањето на кондицијата, не само самиот тренинг.Нашите спортисти се исти како и најголемиот дел спортисти секаде во светот. Сакаат да работат и се грижат за својата кариера, но повремените испади се нормални. Ги има во сите клубови во светот и во сите спортови. Па и тие се луѓе од крв и месо, млади се , спортот и тренинзите им одземаат голем дел од времето и нормално е што понекогаш се опуштаат. Но затоа тренерите треба да знаат како да се справат со овие појави. Не секогаш е добра челичната дисциплина, честопати разговорот и разбирањето можат да го решат позитивно овој проблем или да го канализираат во саканиот правец.

За крај, за читателите на нашиот магазин кои би биле заинтересирани за тренинг, оставете ни ги вашите контакт информации.

Сите заинтресирани за користење на нашите рекреативни, спортски или програми за намалување на тежината мое да се јават на телефните 078-279 606, 070-279 606, 071-223 280 или 070-636 712. Можете да ја посетит е и нашата веб страна www.mk-outdoorfit.com

25 Декември 2013

За авторот