Што ги поврзува брејкденсот и склекот?

Дека склекот е крал на вежбите со сопствена тежина доказ се и безбројните варијации на истиот. Ги изведуваат сите и насекаде. Претпоставуваме дека познавате најмалку три или четири вида на склекови кои редовно ги практикувате и за кои знаете се што може да се знае. Сепак, дали ви е здосадено од правење склекови и дали знаете што е брејкденс склек?

Брејкденс склекот е инспириран од брејкденс стилот на танцување и истиот претставува комплексна вежба која вклучува неколку движења. За разлика од обичниот склек, брејкденс склекот подразбира поинаква стартна позиција, ротација и завршен дел со една нога во воздух. Звучи комплицирано и забавно? – Токму така!

Еве како да направите брејкденс склек:

  • Застанете во позиција на обратен планк, стомакот и лицето треба да ви бидат насочени кон таванот. Дланките на рацете треба да бидат поставени во проекција на рамената а нозете свиткани под агол од околу 90 степени.
  • Од почетната позиција почнете да ротирате во страна за да дојдете во стартната позиција на вообичаениот склек. Ако ротирате во лево, десната нога останува во воздух.
  • Кога ќе дојдете во позиција на стандарден склек, направете го притоа не спуштајќи ја ногата која била подигната за време на ротацијата.
  • Вратете се во првобитната позиција и повторете на спротивната страна.

Брејкденс склекот со себе носи многу корисни придобивки за вашето тело. Оваа вежба ќе ја стави на тест силата на горниот дел од вашето тело и дополнително ќе го зајакне. За разлика од нормалниот склек кај брејкденс склекот покрај градите и трицепсот, активен ќе биде и грбот и рамената. Комплексноста на движењето ќе ја предизвика и активира комплетната група на јадрени мускули и ќе ги направи постабилни.

Дополнително ќе работат и вашите глутеуси и задната ложа на нозете. Очекувајте дека оваа вежба ќе ви донесе нова енергија и ќе ги подобри вашиот баланс, сила и флексибилност.

 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија