Кросфит – нов фитнес за Алфа жени

Новиот метод на вежбање – кросфит (crossfit) е сè повеќе застапен ширум светот. Сега спартанските тренинзи не се разервирани само за мажите, сè почесто многу девојки одлучуваат со овој метод на фитнес да се грижат за своето тело и здравје.

Кросфит – (crossfit) методот на вежбање уште познат како ,,војнички” или спартански тренинзи опфакаат вежби од популарните спортски дисциплини: атлетика, гимнастика, кревање товар, а сè почесто и пливање и велосипедизам.

Со една сесија кросфит можно е да се согорат и до 1000 калории. Така во последните години голем дел од женската популација се одлучија токму за овој метод во кој бележат и значајни резултати. Овој метод е интересен кај жените поради тоа што се вежба во групи и сите учествуваат во изведување на одредени вежби.

Кросфитот е релативно нов фитнес метод преку кој се зголемува кондицијата, силата, кардио-респираторната издржливост, мускулатурата и флексибилноста. Еден кросфит тренинг во себе вклучува вежби од повеќе спортски дисиплини како кревање тегови, искачување по јаже, превртување гума, стоење на раце.

Методот за првпат се појавува во почетокот на 90-тите за потребите на американската војска односно за унапредување на нивната форма. Доста е напорен и интензивен. Стана познат и излезе од војската со помош на интернетот и социјалните мрежи, преку споделувања на видеа слики и искуства од резултатите од овој метод.

Меѓутоа, кросфитот својата слава ја доживеа кога многу познати холивудски ѕвезди како Бред Пит и Џејсон Статам одлучија со овој фитнес метод да го одржуваат своето тело.

Денес кросфитот е популарен ширум светот пред сè поради тоа што претставува групна активност која вклучува вежби со висок интензитет. Идеален е за оние кои непрестано сакаат да се испитуваат себе и да ги поместуваат своите граници.