Симнете го пивското меше!

Скоро на секој му е кристално јасно дека симнувањето на пивското меше (и кај двата пола) оди најтешко, а тоа првенствено е така поради тоа што луѓето често имаат погрешен пристап и мислење за тоа како треба правилно да се вежба абдомен.

Најпрвин, секој кој планира да постигне некакви резултати кои ќе му донесат перфектно оформени стомачни треба да си разјасни неколку работи во главата. Тие се едноставни, но сепак ретко кој е доволно запознаен со нив.

Каде се кријат стомачните? Во фрижидерот!
Најбрзиот начин да дојдете до добро дефинирани стомачни е да симнете некое сало од вашето тело. Најефективниот начин да го направите тоа е со добро спроведена диета. Јадете помалку калории, покачете го внесот на вода и консумирајте чисто месо, овошје и зеленчук. Не за џабе се вика дека 70% од билдерските резултати доаѓаат од исхраната.

Стомачни не се градат само со конкретни вежби за абдомен!
Ако мислите дека единствениот начин да го симнете мешето е ако вежбате изолирани вежби за абдомен, се лажете! Ок, изолираните вежби за бицепс и други групи на мускули ќе ви дадат одлични резултати за таа регија, ама со стомакот е малку поинаку, па вежбањето само на класичните стомачни (вежби) нема да ви го симне салцето. За постигнување на добри резултати потребни се комплексни вежби кои опфаќаат вежбање на поголеми мускулни регии со вклучување на абдоменот. Да не ги заборавиме и аеробните вежби како трчање, возење велосипед и пливање.

Посветување на стомачни само на крај, не!
Наместо само да одвоите неколку серии за абдомен на крајот од вашето вежбање, направете цели сесии кои ќе ја активираат оваа регија и бидете малку поупорни и решителни. Дефинитивно подобри резултати се добиваат кога вежбите ќе ги опфатат сите мускули од абдоминалната регија.

И на стомачните им е потребен одмор!
Вежбањето на стомачни секој ден е погрешно. Тие, како и секој друг мускул во телото имаат потреба од одмор и рекуперација. Доколку научите како правилно да ги одмарате сите (не само стомачните) мускулни групи вие сте чекор поблиску до постигнување на подобри резултати.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија