Вежби за стомак – дали повеќе е подобро?

Веруваме дека сите што некогаш се бавеле активно со некој спорт, се нашле во ситуација да си го постават ова прашање. Потерата по фамозните “плочки” на стомакот честопати може да биде психолошко оптеретување посебно за оние кои очекуваат брзи резултати. Ајде да видиме дали вежбањето стомак треба да биде секојдневно и дали единствено квантитетот сосебе носи успех?

Веројатно стомачните мускули се дел од човековото тело за кои постојат најмногу вежби. Сето тоа не е случајно. Стомакот и јадрените мускули се основата од која трга секое движење на човекото тело. Прва работа која мора да ја знаете е дека стомачните мускули се мускули како и сите останати. Затоа потребно е да бидете свесни дека мускулите на вашиот стомаак имаат потреба од одмор по секој тренинг, а секојдневното вежбање на оваа регија само ќе ги доведе до ниво на претренираност која постојано ќе ве спречува да дојдете до посакуваниот ефект.

Затоа за да избегнете претренираност и да добиете побрзи резултати, фокусирајте се на тренирање на вашиот стомак 2-3 пати неделно и тоа не како изолиран тренинг туку како последен дел од тренингот за цело тело или пак кардио тренингот. Секогаш трудете се да правите што повеќе вежби. Со тоа ќе ја избегнете монотонијата и ќе активирате повеќе делови од вашиот стомак.

Вметнете седнувања, планкови, вежби со медицинка, вежби со дополнителна тежина, подигнувања нозе и така натаму. Што се однесува до тоа колку повторувања треба да правите во една серија и дали и со која тежина да работите, не заборавајте дека тренингот за стомачни мускули не треба да биде различен од вежбите за останатите мускули на вашето тело.

Со други зборови, доколку работите на вашата мускулна издржливост, тренингот за стомак треба да биде ист таков. Повеќе повторувања, со помала или без тежина и со повеќе време во статични позиции како планк. Ако пак работите на експлозивност и сила, тогаш веројатно би требало да додадете малку тежина или пак да вметнете мединска топка во тренингот а повторувањата да ги сведете на 8-12. Не заборавајте дека формата е поважна од бројот на повторувања и од тежината со која работите.

За крај, мускулите на стомакот нема да дојдат единствено од тренингот. Овој сегмент од човековото тело е природно најподложен на таложење масти. Треба да знаете дека тренингот за стомак сам по себе нема да ви донесе резултати како што очекувате. Исхраната е огромен дел од успехот посебно за овој дел од телото. Затоа бидете постојани и упорни а тренингот за стомак правете го плански. Дадете му на вашето тело доволно време да се опорави и не заборавајте дека за успехот се потребни дисциплина и време.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија