Тркачки базен тренинг – дали, како, што?

Во последните неколку декади, трчањето и дефинитивно станува еден од најбрзорастечките и најпопуларни спортови на рекреативно и аматерско ниво. 

Неговата популарност расте паралелно со научните резултати кои недвојбено ја покажуваат многукратната корист која човекот ја има од него. Оттаму не треба да изненадува и се поголемата бројка на луѓе кои се “заразуваат” со овој спорт, но исто така не треба да изненадува и фактот дека огромен број од тие луѓе недоволно ја познаваат науката зад трчањето. Секоја наука има своја основа, а во трчањето тоа е базниот тренинг.

Поттинкнати од современиот начин на живот, честопати, водени од моментална мотивација или желба, очекуваме брзи резултати и во сфери каде што тоа и не оди баш така лесно. Во спортот, а посебно во трчањето резултатите се многу мерливи и за да достигнете некое ниво не можете да скокате делови од развојот. Односно, за да постигнете одреден резултат потребни се: тренинг, трпение и време.

Што е тоа базен трениг и зошто е важен?

Базниот тренинг во суштина е аеробен тренинг со низок интензитет (темпо). За тркачи кои тренинираат за трки подолги од 10.000м оваа прва и основна фаза на подготовка треба да биде и најдолга поради релативно поспорото прилагодување на кардиореспираторниот систем на овој тренинг во однос на специфичните подготовки потребни за развој на брзина и сила.

Тоа значи дека доколку сте почетници во овој спорт и се спремате за полумаратон или маратон, вашите тренинзи во најголема мера треба да бидат составени од трчање со низок интензитет. Со тоа на вашето тело ќе му дадете шанса да се навикне на активноста и полека да се припреми за она што следи, но исто така и да создаде нови капилари и крвни садови кои ќе го снабдуваат вашето тело со кислород и крв во сите негови делови. Оваа наизглед едноставна формула, во суштина е многу покомплицирана отколку што изгледа, а најважно од се е дека за сето ова е потребно време.

Колку треба да трае базниот тренинг?

Ако сте почетник бaзниот тренинг треба да трае подолго па дури може да биде и речиси и единствен тренинг во период од 4-6 месеци. За оние кои веќе се бават со овој спорт и кои веќе имаат развиено солидна кардиореспираторна функција, периодот на базен тренинг треба да трае меѓу 6-8 недели. Сепак сите овие бројки не треба да се земаат здраво за готово. Тркачот секогаш треба да се води од субјективното чувство за силата и издржливоста која ја поседува.

За крај не заборавајте дека за да се одиграат сите горенаведени прилагодувања на телото, потребно е време. Развојниот тренажен процес кај тркачите на долги патеки може да трае и по неколку години.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија