Петре го сака трчањето, трчањето го сака Петре

Упорноста, без разлика на околностите е нешто што со сигурност дава позитивни резултати на “долгите патеки” во животот. Петре Завировски се буди и почнува да трча секој ден, и не безделничи, туку го поплочува патот на неговата животна смисла, трчањето. Форест Гамп спие во секој од нас, а се буди само кога ќе фатиме темпо… 

Петре го сака трчањето, трчањето го сака Петре

Атлетиката како спорт највеќе ја засакав поради тоа што е многу реален спорт. Тука нема калкулации, среќа или несреќа. Или си спремен и газиш или не си спремен и си одиш дома. Многу луѓе секојдневно ме гледаат и поддржуват додека на улица ги правам моите тренинзи. Ме радува фактот што многу позитивно ова влијае на децата. Се надевам дека барем неколку од нив по мојот пример ќе ги обвземе духот на атлетиката и ќе тргнат по вистинскиот пат.

Првите километри

Моите почетоци во овој спорт се уште од најрана возраст. Започнав на часовите по физичко во основно образование со мојот наставник Живко кој воедно го откри и мојот талент за долги патеки. Потоа тренирав со тренерот Ташко во АК Скопје, па поминав две сезони во АК Работнички. Сега сум во АК Вардар, тренирам со нашиот легендарен маратонец Трпе Мартиновски. Во Вардар ќе останам до крајот на кариерата.

Ветер во гради

Дефинитивно најтежок период за мене беше минатата година во пресрет на Скопскиот маратон. Тогаш заработив повреда на моето десно колено по што паузирав 3 месеци од атлетските натпревари. Тоа беше тежок психолошки момент за мене. Бидејќи тогаш го бележев мојот најголем напредок имав од трка на трка се посилни резултати, но повредата на некој начин ме закочи во тој период. Сепак успеав да го надминат тој тежок период. Во спортот постојано има подеми и падови. Само оние кои што успешно ќе ги надминат сите кризи стигнуваат до нивната цел.

Петре и тренингот – тренингот и Петре

Пет сезони по ред во првиот дел од сезоната мојот фокус е комплетно насочен кон Скопскиот маратон. Тоа е мој таргет натпревар и формата ја темпирам за на 10 Мај да го дадам најдоброто од себе. Тренингот ми е поделен во повеќе фази. Прво работам на тоа да можам да ја истрчам посакуваната дистанца. Конкретно маратонската патека од 42.195км. Потоа работам на брзината и брзинската издржливост. Една недела пред маратонот ја намалувам километражата и правам полесни тренинзи. За да може телото да се одмори и регенерира и на денот на трката да го дадам најдоброто од себе.

Омилени дисциплини и атлетичари 

Дефинитивно моја омилена дисциплина е маратонот. Оваа дисциплина представува врв на олимпизмот и човештвото. Неверојатно е чувството кога ќе се финишира маратон. Од Македонската атлетска сцена имам одлична соработка со мојот тренер Трпе Мартиновски и клубскиот колега Марко Ивановски, потоа со Александар Кираџиев кој моментално е наш најдобар маратонец и секако со Игор Јакимовски. Најголеми идоли ми се Хаиле Гебрселасие и Кенениса Бекеле. Воедно имам соработка со млад маратонец од кампот на Гебрселасие, станува збор за Џозе Ханде од Етиопија.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија