Кој паметен го измисли брпи-то

Ако некогаш сте пробале или ве натерале под „казна“ да направите 20, 30 или нешто повеќе брпис во еден мах сигурно низ умот ви пролетала некоја пцовка кон типот што ја измислил вежбата. Хадлстоун Брпи ја измислил, ама не е тој крив што вежбата е тортура…

Таткото на надалеку познатата вежба за „тортура“ која денеска се внесува во многу високоинтензивни тренинзи и како дел од казните на Кросфит и Спартан рејс игрите е Ројал Хадлстоун Брпи, физиолог од Њу Јорк Сити кој во 1930 година ги поставува зачетоците на денешното брпи како вежба.

Но, првичниот изглед на вежбата измислена од фитнес фанатикот Брпи, кој во тоа време е опседнат со неговата работа е далеку поразлична од денешното брпи. Имено, во 1939 година кога Брпи брка докторат на факултетот по физиологија на колумбискиот универзитет тој ја измислува уште неименуваната вежба со четири движења која треба да биде краток тест за физичката спрема на испитаникот, а не вежба која ќе ја цеди маста на вежбачите.

Тогашното Брпи било познато под името squat thrust се состоело од четири елементи:

  • чучнување со рацете пред себе
  • скок со нозете во позиција на штица (plank)
  • враќање на нозете во позиција на чучањ
  • исправување во стоечка позиција

 

За тестот, испитаникот правел четири повторувања на вежбата по што Брпи со помош на апарати за срцева активност ја мерел општата кардиоваскуларна ефикасност – важен показател за општата физичка подготовка на организмот.

Во 1942 година американската војска доаѓа до тестот на Брпи и го внесува во нивните фитнес квалификации, но со далеку повеќе повторувања (на почетокот правење брпи за 20 секунди, а во 1946 година правење за цела минута).

Она што самиот Брпи го има повеќепати наведено е дека неговото движење не е наменето за многу репетиции, а во 1946 година во една негова книга тој вели дека модификациите на вежбата кои ги направила армијата го ставаат организмот на голем напор и може да се изведуваат само од доволно спремни луѓе.

Во текот на историјата и еволуцијата на фитнес индустријата, поготово на високо-интензивните фитнес програми како Кросфит вежбата еволуираше во денешното стандардно брпи која вклучува шест елементи меѓукои и склекот со што се додава едно друго, многу повисоко ниво на тежина во изведбата.

Било која варијанта на вежбата денеска како и во минатото се смета за одлична кардио и силова подготовка која може да е дел од вашиот тренинг, но имајте ја на ум нејзината тежина и консултирајте се со стручен тренер во врска со внесувањето во вашата програма.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија