Ајде да пешачиме!

Човекот е чудо. Ние сме единствените цицачи на планетата земја кои (во целост) се движат односно одат на две нозе. Целокупната наша мускулатура е дизајнирана и прилагодена за ова движење. Тоа е најприродната и најсоодветната активност за човекот. Создадени сме да бидеме во постојано движење. За жал, заради современиот начин на живот во кој најголемиот дел од времето го минуваме седејќи, пешачењето станува табу тема.

Да претпоставиме дека сте комплетно информирани за тоа колку е здраво за вашето тело и ум редовното практикување на физичка активност. Да претпоставиме исто така дека немате време, не сте љубители на спорт или пак едноставно не можете да си ги дозволите. Има ли решение? Се разбира! Ајде да пешачиме.

Пешачењето е нешто што едноставно нема маана. Одлично е за вашето здравје, позитивно влијае на вашата психа и емотивна стабилност и може да има социјална димензија. Според истражувањата кои се правени на тема пешачење и ефектот кој тоа го има врз човековото тело, можеме да заклучиме дека покрај тоа што истото е едно од најдобрите борци со вишокот на килограми и спориот метаболизам, на долги патеки може да се покаже како решение за речиси сите модерни болести на човештвото како: дијабетес тип2, депресија, несоница, остеопороза и.т.н.

Препопрачано е дневно да се пешачат 10 000 чекори. Ако немате ориентација дали е тоа многу или малку тогаш би требало да знаете дека просечниот човек со вообичаен начин на живот на дневно ниво поминува меѓу 1000-3000 чекори.

Како да дојдете до препорачанта дневна доза?

Можеби ви изгледа премногу, но во суштина станува збор за промена на некои лоши навики кои самите ги создаваме при постојаната потера по повеќе комфорт. Појдете или вратете се од вашето работно место пешки, користете скали наместо лифт, направете обиколка во вашето маало, пешачете до блискиот маркет. Направете нешто што понатаму ќе ве мотивира. Купете педометар или пак користете некоја апликација. Трудете се секој ден да направите чекор повеќе. Ајде за крај да наброиме само дел од сите позитивни аспекти на старото добро пешање.

Пешачењето ќе го зајакне вашето срце, ќе ја забрза циркулацијата, ќе го намалиот лошиот холестерол и ќе го намали крвниот притисок. Понатаму, пешањето ќе ви помогне да ги намалите килограмите и ќе го намали ризикот од дијабетис тип 2 за дури 60%. Им дава тонус на мускулите на нозете и задникот и ги прави поиздржливи. Ги зајакнува и зацврстува коските и превенира остеопороза. Го поправа севкупното држење на телото а редовното движење на отворено ќе го покачи нивото на Д витамин во вашето тело. Се бори со депресијата, деменцијата, несоницата и го поправа расположението давајќи ви екстра енергија. Дали е доволно?

Ајде да пешачиме!

 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија