Зошто социјалните вештини се клуч на учењето?

Пред да почнат да учат, децата треба да знаат како да се однесуваат во група. Поголемиот дел од родителите очекуваат дека нивните деца ќе научат да читаат и пишуваат уште во првите денови на училиште. Но не секогаш е така и тоа е сосема нормално бидејќи тука се уште многу други вештини од социјален аспект на кои првично им се посветува поголемо внимание во образованието.

Ако детето не може да седи и да слуша во група, тогаш како ќе го научи тоа што е кажано на часот?

Затоа и студиите покажуваат дека на почетокот на основното образование основни и најважни вештини кои треба да се научат се социјалните како: Соработка, самоконтрола, доверба, самодоверба, независност, емпатија и комуникација.

Кога детето ќе ги научи и усвои еднаш овие вештини тие ќе претставуваат основа на која понатаму ќе го усвојува знаењето во образовниот процес.

Социјалните вештини се оние на кои сите наставници посветуваат поголемо внимание на децата кои влегуваат во образовниот процес. Затоа не постои простор за грижа доколку вашето дете сеуште на почетокот се враќа од училиште без да знае да напише некоја буква или пак да чита, тоа е така бидејќи сеуште му е потребно време да се адаптира во групата. Процесот на адаптација може да потрае, посебно кога се работи за деца кои пред тоа не посетувале градинка или некои други видови на детски програми.

Доколку вашето дете посетувало некоја програма или можеби некоја друга активност во група, можеби е олеснителна околност за периодот на адаптација, но тоа сеуште треба да ја научи социјалната и емоционалната динамика на новата група.

Процесот на адаптација е неминовен за сите деца кои влегуваат во образовниот процес. Откако ќе ја научат основната социјална интеракција и однесувањето во група, тогаш ќе бидат спремни и ќе почнат да го усвојуваат знаењето. Училиштата а и повеќето рани детски програми постепено го имплементираат процесот на учење кој прогресира во текот на годината.

Последните истражувања покажале дека можноста на детето за интеракција со другите, контролата, искажувањето на чувствата како и самостојното одговарање на основните задачи се вештини кои се од големо значење за понатамошен успех во едукативниот процес на детето.

Децата најдобро учат доколку имаат позитивна интеракција со другите, наставниците се оние кои му помагаат на детето пред се да направи конекција со другите деца во класот, да споделува и да се грижи, да слуша и зборува во групата како и да се чувствува самоуверено пред новите предизвици на кои треба да одговори.

Овие вештини и нивното понатамошно практикување на училиште па и во секојдневието се од круцијално значење за развојот на детето. Затоа чувствувајте се слободни да го прашате наставникот за вашето дете, за сугестии и совети како да ги поддржите и негувате овие вештини кај детето и кога е дома.

Еве неколку совети и сугестии кои секој наставник ги практикува за развивање на некои од социјалните вештини кај вашето дете:
° Доверба – Вештината на која најпрво наставниците се фокусираат да ја развијат кај детето е довербата и самодовербата. Ова значи дека на детето му се помага да се чувствува добро во врска со себеси и она што е, како индивидуално така и во врска со другите.
° Соработка – Игрите, приказните и песните се она преку кое вашето дете учи како да соработува со другите, тоа го учи да биде емпатичен и да се сочувствува со другите.
° Љубопитност – Една од најважните вештини која треба да се развие кај детето на оваа возраст е т.н “Жедта за учење”. Наставниците најчесто користат разни методи, материјали и идеи за да ја поттикнат љубопитноста кај вашето дете. Истражувањата покажале дека невообичаените активности и интересни задачи и методи кои наставниците ги применуваат во едукацијата, поттикнуваат поголемо внимание и следење кај децата, отколку оние предвидливи и веќе познати активности.
° Комуникација – Самоизразувањето и презентирањето на идеите, неговите чувства и знаењето за светот е клучна вештина за вашето дете. Бидејќи ако се чувствува удобно и слободно да зборува за идеја или мислење, ќе биде повеќе отворено да ги слушне и научи нешто од другите.

Што можете вие како родител да направите?
Помогнете му на вашето дете да развие социјални и емоцијални вештини така што ќе му овозможите да воспостави конекција и да го негува пријателството со другарчињата од училиште и надвор од него, во домашни услови и сл. Секогаш на децата им е полесно да остварат пријателство во некој нивни простор надвор од училиштето отколку во него. Повеќето наставници забележале дека децата кои имаат потешкотии при остварување на пријателства со другите деца од класот, полесно остваруваат пријателство надвор од училиштето во потесен круг.

Важноста на игрите
За вашето дете играта е една од најважните активности кои тоа ги практикува во текот на денот. Тоа расте, учи и го истражува светот преку играта. Играта го поттикнува да размислува, да реши некој проблем, а исто така и му ја развива фантазијата. Кога детето учествува во некоја игра мора да планира и да се фокусира кон остварување на целта која ја бара играта – ова може да се спореди со суштествените животни и работни вештини кои понатаму ги развиваме во текот на целиот живот.

Често и наставниците употребуваат интересни методи на пренесување на знаењето меѓу кои вклучувајќи ја и играта. Децата се повеќе фокусирани кога учат нови работи преку игра, на тој начин учењето им станува интересно.

Искуството кое што вашето дете го стекнува во почетокот на годината, претставува темел врз кој понатаму се развива ентузијазмот и жедта за учење, а преку играта учењето е забавно и значајно за секое дете.

Извор
Превод: Моника Јовановска – Бреинибреин едукатор