Наслов

Животни вредности

Често пати слушаме во нашиот говор и кај другите дека сè има своја вредност. Вредност на материјалните предмети, општествени вредности, вредности на односи и лични/индивидуални вредности.

Вредностите по својата структура се многу важни составни компоненти на човечката психологија. Всушност вредностите го креирааат однесувањето и се движечка сила за креирање на идентитетот на личноста.

Секој човек во својот живот се однесува и прави активности кои на крај му носат задоволство, убави позитивни емоции и внатрешна благосостојба.

За секој потег што го правиме ни треба мотивација, а всушност позади секоја мотивација стои конкретна вредност која можеби ни е позната или стои скриена од нашата свесност.

Пример ако сакаме да играме на фудбал, вредност која стои позади тоа може да е здравје/здрав живот, успех, постигнување, релаксација, социјализација, престиж... Секој човек може да има различна индивидуална вредност за иста активност/цел.

Или интересно е да се разгледа како луѓето ја бираат својата професија и дали таа на крај им носи задоволство. Најчесто луѓето кои бираат професија или работат на место каде нивната индивидуална вредност им е исполнета се среќни во своето работење.
Можно е да се случи таа вредност да се промени во текот на животот, па да се соочиме и со потреба на промена на работно место кое секогаш зависи од надворешните услови но пресудни се личните избори и одлуки.

Некои велат јас работам за пари, но парите сами по себе се само средство со кои ги задоволуваме нашите потреби и секако вредности. Кога секој човек ги знае своите вредности или ги освести, ќе може многу полесно да си ги објасни своите секојдневни постапки, однесувања и одлуки.

Кај децата вредностите се градат до нивната 10-та година и тие вредности се исти или делумно исти како на нивните родители. Пример, ако родителите веруваат дека луѓето се лицемерни најверојатно детето ќе се однесува со недоверба кон луѓето, или родителите кои го учат своето дете да не се буни на училиште најверојатно детето никогаш нема да го изрази своето мислење.

Ако тие вредности им носат убав живот на децата тие ги одржуваат во својот живот но секако имаат и избор понатаму да си изградат свој сет на вредности со кои ќе се реализираат во личности какви тие сакаат да бидат. Родителите во своето воспитување најголемиот поклон кој можат да им го дадат на своите деца е можноста за опции.

Со тоа ја потврдуваат можноста дека секое дете може да стане личност каква сака да биде, а тоа може да се постигне секако со следење на различни, конкретни активности во текот на својот живот. Критериум за најдобри вредности не постои. Секоја вредност сама по себе е највредна се додека нè прави среќни луѓе.

Марија Милошеска

Детсака Академиjа "Бреинобреин Европа"

17 Септември 2015

За авторот