Мајчиното млеко - идеална храна за бебињата

Шефице, дај едно мајчино!

Правилната исхрана подразбира избалансирано внесување на хранливи состојки во организмот, и е основен предуслов за здравјето на децата од сите возрасти. Но мајчиното млеко е најдобра храна за секое бебе. Особено што денес се знае дека неговиот состав се прилагодува на потребите и возраста на детето.

Мајчиното млеко е најдобра храна за доенчињата, тоа е идеалната храна за која не постои достојна замена.

Мајчиното млеко е прилагодено за нутритивните потреби и физиолошката состојба на дигестивниот систем и ограничената екскреторна можност на бубрегот кај бебињата во првите месеци од животот.

Епидемиолошките студии јасно покажуваат дека морбидитетот, морталитетот, потхранетоста и други последици се далеку почести кај децата кои не биле доени.

Еволуција на мајчиното млеко

За време на бременоста почнувајќи од дванаесеттата до шеснаесеттата (12-16) гестациска недела, млечните жлезди почнуваат да лачат густа вискозна течност со жолтеникава боја.

Количината на оваа течност е мала и како напредува бременоста, нејзината вискозност се намалува. Ова прво млеко се нарекува колострум и продолжува да се лачи во првите пет дена после раѓањето.

Во споредба со зрелото мајчино млеко, колострумот содржи голема количина на протеини, антитела, витамини, минерали и колострални телца.

Колостралните телца претставуваат масни и епителни клетки имбибирани со полинуклеари и моноцити кои служат за одбрана на организмот.

Составот на колостралното млеко почнува да се менува и во втората недела преминува во таканаречено преодно млеко, кое содржи пониска концентрација на протеини, а повисока концетрација на масти и лактоза и содржи повеќе енергија.После петнаесет дена составот на млекото се стабилизира и преоѓа во зрело млеко.

Состав и особини на зрелото мајчино млеко

Протеини

Содржината на протеините во мајчиното млеко е помала во споредба со кравјото млеко. Помал дел од белковините го сочинуваат казеинот, а поголемиот дел протеините. Функцијата на казеинот примарно е нутритивна, служи како извор на аминокиселини, калциум и фосфор.

Во мајчиното млеко има лактоферин, кој има бактериостатско дејство и е значаен за врзување на железото, лизозим кој делува како антибактериски агенс, ензими и модулатори на растот.

Во мајчиното млеко има протеини кои поседуваат имунолошки својства. Имуноглобулините во мајчиното млеко се создаваат локално во млечната жлезда и го штитат доенчето од инфекции (цревни, респираторни и др.) и превенираат атописки реакции на храна.

Аминокиселинскиот профил на протеините во мајчиното млеко е прилагоден за доенчето и е идеален за неговите потреби за раст и развој. Содржи есенцијални аминокиселини цистин и таурин што ги нема во кравјото млеко, а се од големо значење при созревање на нервниот систем.

Доенчињата кои се на мајчино млеко избегнуваат дополнително осмотско оптоварување на бубрегот од минерали чија концентрација во кравјото млеко е три пати повисока од мајчиното.

Масти

Мастите се значаен извор на енергија. Мастите од мајчиното млеко содржат мали количини на заситени масни киселини и високи количина на незаситени масни киселини кои се неопходни за развој на централниот нервен систем.

Мајчиното млеко содржи липаза, која потпомага во варењето и апсорпцијата на мастите во првите месеци од животот. Мајчиното млеко обезбедува не само хранливи состојки туку и ензими.

Јагленохидрати

Под дејство на ензимот лактаза, лактозата се разградува на гликоза и галактоза, но дел од неа ја избегнува разградбата и во дебелото црево под дејство на бактериите настанува нејзина ферментација.

Така настанува кисела средина која оневозможува растење на некои патогени бактерии. Мајчиното млеко содржи лактулоза, која што овозможува растеж на Лактобацилус бифидус на бифидус факторот, кој има заштитна улога од населување на патогени организми.

Минерали

Количината на минерали во мајчиното млеко е многу помала во однос на кравјото млеко. Натриум, калциум и фосфор има значајно помалку во мајчиното млеко.

Калциумот е важен не само за растењето на коските, туку и за контракција на мускули, нервна спроводливост и коагулација на крвта.

Иако содржината на калциум во мајчиното млеко е мала, апсорпцијата му е одлична поради поволниот однос наспроти фосфорот. Во мајчиното млеко има и помалку железо, но подобро се апсорбира заради повисоките концентрации на витамин Ц и лактоза.

Имунолошки својства на мајчиното млеко

Имунолошките својства на мајчиното млеко се најголема предност во споредба со кравјото млеко и индустриски адаптираните млека.

Мајчиното млеко содржи биолошки активни ќелии кои обезбедуваат пасивна заштита на доенчињата во првите месеци од животот. Мајчиното млеко допринесува за имунолошка адаптација на новороденчето во екстраутерини услови.

Психо-социјално значење

Доењето ја зацврстува врската помеѓу мајката и детето, а исто така претставува психолошка предност за мајката и за детето заедно.

Преку доењето се обезбедува близок физички контакт кој допринесува за одржување на лактацијата, доенчето е сигурно, а мајката задоволна.

Бидејќи успешниот развој на децата не зависи само од нивната соодветна исхрана туку и од психолошкото влијание на мајката врз детето.

Предностите од природната исхрана со мајчино млеко се многубројни, но најважни се следниве:

Лесна дигестија
Практична предност (стерилно, економично, достапно во секое време)
Психолошка предност
Контрацептивно дејство
Социјална заштита
Антиканцерогено дејство (мајки што доеле поретко имаат малигноми на дојки и матка)
Антиалергично дејство
Антиинфективна улога на мајчиното млеко

Кај здравите новороденчиња се препорачува доењето да започне еден час по раѓањето. Исто така, се препорачува мајчиното млеко да биде единствена храна на бебето до навршени шест месеци. Доколку доилката има млеко, оптимално е да дои една година, а во некои случаи и повеќе.