Шах – мат Дедо!

Шахот е една од најстарите и најраспространети игри во која се мобилизираат сите човекови ментални, интелектуални па и физички сили,  развивајќи го логичкото заклучување, фантазијата, интуицијата, упорност во барањето на скриени можности и комбинации. 

Исто така оваа игра покажува изненадувачки добри резултати меѓу најдоцните педагошки средства за младите ученици. Преку шахот децата учат мисловни вештини и се смета дека со играње шах се подобруваат интелектот, карактерот, моралот и емоциите.

Потеклото на шахот

Шахот потекнува од Индија, а неговата структура е плод на староиндиската филозофија и мистиката на броевите. Најнапред настанала “Игра на војната” или “Чатуранга” четириделно – поетски назив за староиндиската војска која имала 4 рода: пешаци, коњаници, слонови и борни коли.

“Чатуранга” мошне рано ја презеле Персијанците кои и дале назив “Чатранг”. Кога калифот Омар ја покорил Персија, во средината на 7-от век, со играта се запознале и Арапите и ја нарекле “Шатранџ”.

А така се нарекувал шахот игран според старите правила во целиот среден век. Интересно е арапското значење на изразот  “шах-махт”- кралот е мртов

Се смета дека ерата на современиот шах почнала околу 1475-та година, кога се утврдени денешните правила на играта.

Шахот во светот на децата

Педагозите се повеќе сметаат дека шахот треба да стане дел од образовниот процес затоа што шаховската едукација е исклучително ефективна кај децата бидејќи ги вклучува сите нивоа на критичко размислување, бара промислување и ги култивира визуализирачките способности, ги докажува способностите за решавање на проблемите, ги охрабрува децата да го совладаат чувството на страв од преземање ризик.

Со шахот се подобруваат концентрацијата и дисциплинираноста. Им овозможува на децата да преземаат одговорност за своите решенија, ја поттикнува решителноста и истрајноста, ги промовира добрите спортски карактеристики ги подобрува социјализирачките карактеристики и го обезбедува неопходното во едукацијата – резонирањето.

 

Интересен е податокот дека учениците на кои им е тешко да се концентрираат при самостојните активности, можат да го постигнат тоа преку играњето шах.

Сето ова ги поттикнува училиштата од различни делови во светот да го вклучат шахот како дел од наставната програма. Шахот одамна е веќе дел од наставната програма во училиштата во Русија, Европа, како и во многу училишта низ Канада и САД.

Училиштата од своето искуство имаат дојдено до заклучок дека играњето шах не само што ги подобрува концентрацијата и образовните перформанси кај учениците туку и севкупните карактеристики и самодовербата.

Има многу причини за вакви подобрувања. Една од нив е желбата за победа, која ги тера учениците да приоѓаат кон нештата со поголемо трпение и внимание.

Шахот ги зголемува когнитивните способности и ги вади на површина скриените способности кои не биле досегнати со традиционалните едукациски средства.

Студии, експерименти, мислења

Истражувањата направени во Белгија од 1974 до 1976 година покажале дека шахот создава позитивна атмосфера кај учениците, ги подобрува математичките и вербалните способности, а со студирањето на шахот по определен систематски пат подолго од една година, шахот докажано го подобрува IQ кај учениците од двата пола (машки и женски), од сите социо-економски групи.

Еден експеримент со шахот покажува дека по само 20 дена шаховски инструкции, школските перформанси се зголемиле драстично односно дека 55% од учениците покажуваат значајно подобрување по резултатите во математика.

Петгодишната студија од Роберт Фергусон покажува дека резултатите од тестовите се подобруваат за 17. 3% кај студентите кои редовно посетуваат часови по шах, споредбено со само 4. 56% за децата кои партиципирале во другите форми на “дополнителни активности” вклучувајќи ги решавањето проблеми, замки, работа со компјутери, креативното пишување и др.

Професорите од Roberto Clemete School од Њујорк сметаат дека шахот не ги подобрува само школските резултати, туку и социјалните перформанси.

Новите научни студии добиваат непобитни докази за подобрува на  вештината за читачките . Во компаративната студија учествувале деца од основното образование и биле поделени во две групи: деца што не знаат да играат шах и деца што играат шах преку целата година. На крајот од годината, се покажало дека кај оние што не се играчи резултатите се исти. Кај оние што играат шах забележан е развој на “генералната” интелигенција, самоконтролата, аналитичките вештини и зголемување на концентрацијата.

Професорите по математика шахот го опишуваат како “најдобрата игра за развој на логиката и прецизното мислење“. Наставниот план по математика во Њу Брунсвик, Канада наречен Предизвикувачка математика, го користи шахот за учење на логика од второ до седмо одделение. По овој наставен план просечниот резултат во решавање на математички проблеми кај учениците се зголемил од 62% на 81%.

Објавените студии ” Растење на критичкото и креативното мислење преку шахот” од Роберт Фергусон, вклучувајќи ги ефектите од шахот во школството со тестирање на ученици од основно образование како дел од ESEA Title IV-C Explore Program, најдоа дека просечен годишен пораст на критичкото мислење кај деца што играат шах е 17.3% а кај оние што не играат шах 4.6%.

Како да го воведете детето во играта шах?

Главен проблем е како да го одржите ентузијазмот и интересот на детето, додека тоа самото не развие вештини кои му се потребни за да почне да победува во играта. Во шахот, претходното искуство не е клучно и затоа врвни достигнувања се можни и кај многу млади играчи.
Децата можат да почнат да играат шах од 3-4 години.

 

Еве неколку корисни совети:

  • Во почетокот, играјте едноставни завршници, на пример, дајте му фигури од крал и кралица, против вашиот крал. Постепено додавајте нови фигури. Ова нема да бара од детето да предвидува многу потези однапред.
  • Дајте му да решава ситуација од типот мат во два потега.
  • Играјте ја целата игра на едноставно ниво и дајте му да ве победи за да го почувствува задоволството од победата и да не биде тажно и безволно.
  • Дајте му можност да размислува подолго.
  • Дајте му можност да го поврати потегот ако се предомислило.
  • Не му давајте да ве победи по секоја цена, дајте му само шанса, сепак треба да научи дека тоа треба да го заслужи.Знајте дека нема да згрешите ако го научите детето да игра шах, затоа што тоа е уметност, вештина и спорт.