Рано е, не е рано, овој или можеби оној спорт…

Како што расте, вашето дете ќе пројави интерес за учество во разни спортски активности. Меѓутоа, не секое дете е заинтересирано или успешно во одреден спорт.

Некои деца се интересираат за индивидуални спортови, други за поединечни. Исто така, во зависност од конституцијата може да се одреди во кој спорт одредено дете може да го даде својот максимум и да биде успешно.

Check List – Кој спорт???

Изложете го детето на различни спортови – овозможете му на детето да проба различни спортови и видете за кое ќе пројави интерес и најголем ентузијазам. Гледањето спорт на телевизија е исто така добар начин детето да се запознае со одреден спорт. Разговарајте со него што му се допаѓа, а што не му се допаѓа.

Индивидуален или тимски спорт – некои деца пројавуваат поголемо интересирање за тимските спортови каде имаат одредена улога и задача што треба да ја исполнат.

Други пак, преферираат индивидуални спортови каде тие ја имаат „главната улога” и успехот главно зависи од нивните способности. Набљудувајте го вашето дете и сами ќе видите кои се неговите интересирања.

Одберете спорт според телесната форма на вашето дете – пониските деца може да се снајдат подобро во фудбалот или во некој боречки спорт, за разлика од високите кои се идеални за кошарка, одбојка или пливање. Се разбира нека не биде ова единствениот фактор кој ќе одлучи со кој спорт ќе се занимава вашето дете.

А КОГА да се почне?

Помали од 5 години
Кај децата во овој период моториката и нервниот систем не се доволно развиени за да можат да земат учество во активности каде има одредени правила и апстрактни концепти. Во овој период најдобра активност е трчањето, одењето, запознавање со водата како поразлична средина, како и игрите каде има фрлање.

Од 6 до 10 години
Во овој период нивниот нервен систем е поразвиен и веќе слободно можат да земат учество во покомплексни дисциплини каде се бара брзина, брзинска реакција и разбирање на одредени правила. Ова е добро време да се започне со групни спортови како фудбалот, кошарката, одбојка или некој индивидуален спорт како карате, пливање и гимнастика.

Од 11 до 12 год. за девојчиња, 10 до 13 год. за машки
Во пред-пубертет периодот доаѓа до поделба на спортовите на машки и женски.

Затоа девојчињата најчесто се одлучуваат за одбојка, пливање, ритмичка гимнастика, танци, а момчињата се одлучуваат за фудбал, кошарка, карате, пливање, ракомет и др.

Во овој период децата имаат поголема контрола за време на активноста и од нив може да се бара да совладуваат покомплексни технички структури од дадениот спорт. Исто така, освен примената на вежби за обликување на телото со сопствена тежина и некои лесни помагала, не се препорачува совладување на големи надворешни тежини.

Од 12-13 до 17-18 години
Во пубертетот и адолесценцијата доаѓа до големи морфолошки промени кај дацата. Во овој период сведоци сме на брзиот раст на децата, па нивните тела треба да дадат голем напор за да се прилагодат на новите димензии. Во овој период доаѓа до благо опаѓање на моторичките вештини и координацијата.

Многу е важно детето да биде физички активно во овој период, без разлика дали е тоа некоја генерална физичка активност или специфична спортска активност со цел да се подобри контролата врз нивните тела која би им помогнала да стабилизираат одредени моторички движења. Во овој период силата кај децата е на повисоко ниво па тоа овозможува да учествуваат во активности со повисок интензитет.