Поедноставно детство за добро ментално здравје

Педагогот Ким Џон Пејн е автор на книгата „Едноставно родителство” каде опишува како модерниот начин на воспитување на децата доведува до психолошки проблеми, од кои најраспространето е таканареченото АДХД или хиперактивно пореметување и намаленост на вниманието.

До својот заклучок дека децата од западниот свет имаат последици од преоптовареноста на животот со разни дразби, Пејн стигнал преку своето искуство во бегалските кампови во Џакарта во Индонезија. Таму имал прилика да ги види симптомите на пост-трауматскиот стрес кај децата – тие биле нервозни, преосетливи на дразби и се плашеле од сѐ што е ново и непознато. Кога подоцна се вратил во Англија и започнал со приватната пракса, сфатил дека многу деца на кои им дава помош покажуваат исти симптоми како и децата од воените зони.

Тој заклучил дека иако овие деца се физички безбедни, тие живеат во “ментално” воена зона во која непрестајно се под притисок од родителските стравови, желби и амбиции. Во нивниот живот сѐ е премногу, што предизвикува реакција на кумулативен стрес – вид на одбрамбен механизам.

Современите деца се изложени на поплава од информации кои не се во можност да ги процесираат и да ги разберат. Тие растат побрзо затоа што и нашите очекувања се со брз раст. Родителите го сакаат најдоброто за своето дете па ги запишуваат на безброј активности – фудбал, музичко школо, боречки вештини, балет и слично. Времето им е поделено и испланирано, а календарот преполн. Нивниот животен простор е преполн со едукативни книги, апарати и играчки. Просечно дете од Запад има преку 150 играчки, а годишно добива околу 70 нови. Тоа е заслепено со толку многу шаренило и пренатрупано со голем број на избори.

Тоа е причината зашто неговата игра е површна и тоа не успева да потоне во фантазија и мечтаење.

Во својата книга Пејн ги поттикнува родителите да се намали бројот на играчки кои децата ги имаат, за конечно да имаат можност да се заиграат. Четири премногу против кои мора да се бориме се: премногу работи, премногу информации, премногу избори и премногу брзо, објаснува Пејн.

Кога децата се премногу задоволни, тие немаат време да размислуваат, да истражуваат и да се релаксираат. Немаат кога да ги средат своите мисли и впечатоци, да се досадуваат или фантазираат, а сето тоа доведува до тоа тие да се несреќни.
Научете да кажете НЕ!

Развојниот псхолог Дејвид Елкинд вели дека децата во послените две декади изгубиле 12 часа од слободното време во неделата. Дури и игрите за децата на предучилишна возраст се пренасочени во учење, а одморите кои ги имаат учениците за време на училишната година се користат за други едукативни цели. Организираните спортски активности се единствената физичка активност, а се покажува дека тие ја убиваат креативноста затоа што ја скратуваат слободата на нејзниото развивиање.

Како можат родителите да ги заштитат своите деца од новиот стандард што современото општество го пропишува?
Едноставно кажете НЕ. Ако не научите да кажете НЕ, тогаш децата ќе бидат “жртви ” на современиот тренд на пренатрупаност на животот со обврски, работи, потреби и амбиции.

Тоа е единствениот начин со кој ќе се изборите за тоа драгоцено слободно време без наметнати обврски и да му обезбедите на детето некаков мир во овој хаотичен свет. Така детето ќе биде во можност да се релаксира да се опорави од сите дразби на современиот свет со кои постојано е опколено. Така детството ќе биде во можност да служи за својата цел а тоа е да обезбеди сигурно засолниште за растот и развојот на децата.

Бидете нивниот филтер, затоа што целиот живот е пред нив и ќе имаат време за сѐ, освен повторно да бидат деца.

Извор

Превод: Елена Столевска