Подучете ги децата на прва помош

Родителите и тренерите не се единствените кои треба да се едуцираат за прва помош доколку дојде до повреда кај младите спортисти. Основните совети за прва помош и заштита кои можете да ги научите вашите деца ќе ги обучат што да прават доколку се случи повреда, а наоколу нема стручни возрасни лица.

Вашето дете не е премногу младо за да знае кои се основните правила кои можат да му помогнат при повреда нему или на некој негов пријател. При официјалните тренинзи, обично има стручни лица кои можат да помогнат, но што ако детето е само со пријателите на некое игралиште?

Со таа цел, резервирајте некое време за да го подучите на основите од прва помош и заштита.
Кога да се јави на итна помош
Децата треба да знаат кои се броевите за итни случаи како и ситуациите во кои тие се користат. Важно е да знаат дека веднаш треба да се јават во случај на сериозна повреда.
Како да направи вештачко дишење
Вештачко дишење може да се научи во три едноставни чекори.
Чекор 1 – едната дланка се поставува врз градната коска на жртвата, во центарот на градниот кош.
Чекор 2 – другата дланка се става врз веќе поставената, а прстите се испреплетуваат.
Чекор 3 – градите се притискаат 100 пати во 1 минута.
Не грижете како да го објасните или да го изведете дишењето уста-на-уста. Експертите сугерираат дека најважно е децата да се фокусираат на тоа како ги користат дланките при компресија на градниот кош.
“Единствената вештина која што децата треба да ја научат е правилно да притискаат на градниот кош, односно силно и брзо”, вели д-р Дејвид Маркенсон, педијатар од Њујорк, кој го советува американскиот Црвен крст за безбедност на децата и за прва помош”. Децата на возраст од 3, 4 или 5 години веќе можат да се научат како се дава вештачко дишење. Дали ќе го прават тоа совршено? Не! Дали може со тоа да помогнат на некого? Да!”.
Постојат видеа (видете подолу) и слики од авторизирани асоцијации каде можете и вие и вашето дете да погледнете како правилно се изведува вештачко дишење. Не постои минимална возраст, иако децата на 9 години и постари се посилни и поспособни да прават компресии на градниот кош.
Што да прави кога некој се загушува од страно тело
Учениците во основните училишта се доволно стари за да помогнат на некое дете кое што се загушува од страно тело. Лицето треба да се наведне нанапред и силно да се удри по грбот.
Американскиот Црвен крст препорачува 5 удари по грб, проследено со 5 стисоци на абдоменот. Научете ги децата како да се направат тупаница, како да го постават палецот над папокот, а потоа силно да го притиснат детето.
Како да сопре крварење
Крвта може да биде страшна глетка за децата. Подгответе го вашето дете, почнувајќи со нешто поедноставно, како на пример што да направи во случај на крварење од нос. Правилниот начин да се сопре крварењето е личноста да седне и нежно да ги затвори норздрите за неколку минути.
Според др. Маркенсон, “Пристапот кога има крварење од нос е ист како кон сите крварења, а тоа е директниот притисок”.
Најдоброто нешто на кое треба да се направи во случај на некаква исекотина е прво да се сопре крварењето со директен притисок, раната темелно да се исчисти, а потоа и да се заштити.
Како треба да се третираат повредите
Кај младите спортисти постојано се случуваат повреди. Повеќето од нив се мали и можат да бидат третирани со базична прва помош. Најважните нешта што треба да се запаметат се: МРАЗ, КОМПРЕСИЈА и ПОДИГАЊЕ.
МРАЗ: На повредата се ставаат облоги со обични коцки мраз или кршен мраз во пластични кеси завиткани во неколку слоеви со еластичен завој или со било кој друг материјал кој ќе се најде во близина. Ладната облога се остава 15 минути на повредата, а потоа се прави 15 минути пауза.
КОМПРЕСИЈА: Повредената регија се компресира така што на неа нежно се поставуваат облогите со мраз и се обвиткуваат со завој.
ПОДИГАЊЕ: Повредената регија се подига откако ќе се постават ладните облоги. Повредените екстремитети треба да бидат подесени на повисоко ниво од срцето.
Како се третира топлотен удар
Топлотниот удар е сериозна состојба. Ако детето се онесвести од напор во топла средина, треба да се превземе итна акција за негово ладење. Прво, треба да се тргне од топлината и да се смести во студена средина. Ако климатизација во околината не е достапна, детето треба мануелно да се лади.
Може да се испрска со вода, да се пикне под ладен туш, да се стават ладни облоги, ладни влажни пешкири, сè што е на располагање. Исто така пожелно е да им се даде и ладен пијалок, а притоа лицето треба да одмара додека не дојдат стручни лица.
Планирајте однапред
Не треба да мислите дека на вашето дете или на неговите пријатели не може да им се случи некаква повреда. Зборувајте со него за тоа прво на кого да се јави, како да се јави, и што да превземе во случај на сериозна повреда. Тоа е лекција која што може да спречи уште пострашни последици, и е нешто што ќе му користи за цел живот.
Најдоброто нешто што може да го направи детето или младиот спортист во случај на повреда е да се јави на некој возрасен или обучен експерт за помош, но може да има случаи каде што итна реакција ќе биде неопходна. Затоа помогнете му на вашето дете да биде однапред подготвено!