Пасни го мини велото

Французите смислија еден несекојдневен начин за пренесување здрави навики кај најмладите генерации што можат да го сменат текот на иднината кон поздраво живеење, особено во нивниот главен град Париз. 

Програмата за возрасни „Velib’” која стимулира возење велосипед по градските улици и веќе неколку години функционира низ Франција, во Париз  доживеа проширување кон помладата популација под називот „P’tit Velib”. 

Со официјално отварање на 18ти јуни, програмата стана прва од овој тип. Деца од 2 до 8 години можат да си изнајмат четири модели на велосипеди и кациги од станиците за рентање и да научат безбедно да возат велосипед низ улиците на Париз. 

Со овој потег Парижните сакаат да им ја вкоренат навиката на своите деца уште од најмлади години со тоа што ќе им овозможат интересно и поздраво функционирање низ градот. 

Цената за деца е повисока и изнесува од 4 евра за час до 16 евра за цел ден во споредба со онаа за возрасни каде годишна неограничена карта е 29 евра. 

Сепак, ова е многу важен чекор кон промена во една светска метропола чиј пример се надеваме дека ќе прерасне во тренд и ќе се пренесе во останатите градови каде намалената бројка на автомобили значи многу кога се работи за квалитетот на живот.