Open Fun Football Schools 2013 – Ѓорче Петров

Денес, на 30.08.2013, е последен ден од петдневното дружење на децата од општината Ѓорче Петров. Многу игри, забава и дружење на терените. Во наредниот период, забавните фудбалски игри ќе се одржат во другите општини од Скопскиот регион, а потоа и во останатите градови на Р. Македонија. 

Оваа летна забавна фудбалска школа се одржа на ниво на општината Ѓорче Петров. Се работи пет дена во месец aвгуст со 200 дечиња. Со нив работат обучени тренери кои обично се наставници по физичко во основните училишта, студенти од факултетот за физичка култура, педагогија, психологија или пак се бивши спортисти. Може да се вклучат и наставници од други предмети доколку се заинтересирани да работат на овој проект. Јас, Јагода Арсовска сум математичар, а еве напредував до лидер на школата.

Инаку соработката со општината ни е одлична. Таа ни го покрива тродневниот семинар каде што тренерите се обучуваат на повеќе нивоа. Како на пример, оваа година семинарот се одржа на Копаоник, а тренерите ги работеа сите игри, изучуваа теорија и пракса како да се однесуваат и да постапуваат со децата, како да остварат разговори на тема екологија.

Децата имаат предавања за здрава исхрана како и за насилно однесување со претставник од полиција. Што значи, освен што сакаме да спортуваме, сакаме да ги научиме децата и нешто што ќе им биде од корист понатаму во животот и ќе им помогне да се изградат во здрави личности.

За овој настан ни овозможија терен на стадионот на Ф.К. Македонија Ѓорче Петров и спортска сала на средното училиште Кочо Рацин.

На прво место ни е дружењето, дечињата подобро да се запознаат, бидејќи се работи за возрасна група од 6 до 11 години. Без разлика дали се машки или женски, дали знаат или не знаат да играат фудбал, важно е децата да дојдат и да се дружат низ игра и забава, по нешто да научат и да пројават желба за да се вклучат во некој спорт.

Овде се работи пет дена, а потоа во текот на годината, во договор со општините, правиме и други вакви еднодневни настани.

Децата на крај добиваат сертификати и алки како спомен дека учествувале на овој настан.