Охрабрете ги децата да каснат зеленчук

Скоро сите родители се соочиле со ситуации каде децата одбиваат да конзумираат здрава и свежа храна, особено зеленчуци, кои што им се неопходни за здравиот психофизички развој. 

 

Но без откажување, прво вие бидете им пример, a притоа применете ги овие 5 совети што ќе им го олеснат патот до здравјето…

Кога се работи за јадење зеленчук, треба што помалку да го камуфлирате во оброкот. За да изградите здрави навики и чувство за осет кај детето треба да им ги претставите зеленчуците во вистинско светло.

1. Однесете ги во кујна
Студии покажуваат дека децата што биле инволвирани во подготовка на храната, конзумирале повеќе зеленчук и здрава храна воопшто. Исто така, мерењето на состојките може да помогне во подобрување на нивните математички вештини. Инволвирајте ги децата што повеќе во кујна и давајте им задачи соодветни на возраста. Добри задачи за мали деца се ситнење марула, мешање состојки и помош при местењето на масата за јадење.

2. Земете ги со вас кога пазарите
Понесете го вашето дете на пазар или во локалниот маркет каде што има изобилие од здрава и свежа храна. Тука не можете да погрешите. Покажете му го големиот избор и дозволете му да го одбере својот најомилен зеленчук. Тоа е мала жртва што треба да се направи, но на детето ќе му даде поголемо чувство на контрола во ситуацијата и ќе го мотивира да го изеде она што самото го избрало.

 

3. Размислувајте во боја
Студиите покажуваат дека децата ги привлекува визуелно убава храна, со многу шарени бои. Вметнете портокалови моркови, бордо цвекло, црвен домат, зелен грашок, виолетови боровинки и аранжирајте ги во разновидни интересни фигури и дизајни.

4. Обидете се повторно… и повторно
Што да направите ако вашето дете изјави дека мрази брокула? Послужете ја повторно. И ако ја мрази и вториот пат? Послужете ја повторно. На вашето дете му се потребни околу 10-15 пати проба за да развие чувство за одредена храна, па затоа бидете трпеливи. Многу трпеливи.

5. Набавете квалитетен мултивитамински додаток (за секој случај)
Океј, можеби ова не се совпаѓа во концептот на вистинска храна, но понекогаш добро е да се пополнат дупките со високо-квалитетен мултивитамин за деца. Информирајте се каде можете да го набавите и пожелно е да се консултирајте со соодветно стручно лице.